Дарко ЈАНЕВСКИ

(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)

Пролетва, еве да наведам како пример, при редовна контрола на една наша клиника (или не баш редовна, оти како минува времето, на човек се повеќе му се смачува од одење на прегледи), со приоритетен упат, зашто редовен термин не можеш да најдеш па макар ја превртел државава, уредно, како кога човек оди на матично, само бЕз вратоврска (додуше и пред матичар мислам дека не ја носев), во осум часот наутро бев на шалтер. Зедов бројче, така функционирал системот на таа клиника и седнав да чекам. Да ми дојде редот. Откако ќе дојде докторот, кој доаѓал околу 9. Добро, разбирам, визити на клиниката, прегледи таму „горе“, консултации…

Наоколу во чекалната дузина други луѓе, меѓу нив и една жена од Струмица, а можеби беше и од некое село од околината. Над 70 години, прилично масивна, но се гледа дека сиот живот и поминал во тешка работа и, за разлика од отуѓените скопјани, научена да прави муабет. Гледа наоколу и само чека некој да седне до неа, да ја ислуша, да размени некој збор. И сакаш-не сакаш, го слушаш муабетот. И така разбирам дека станала во 4 ипол наутро за да биде во Скопје пред 8, да ја прегледаат и да и закажат операција.

Тој ден јас завршив со прегледите околу 13 часот. Не со сите прегледи. Допрва требаше да земам некои други резултати, а со кои, откако не ги зедов, не се вратив на клиниката, па што биде – нека биде. Но, кога јас излегував од ординацијата, жената од Струмица допрва влегуваше. Жената со над 70 години, која станала во четири и половина, која некој ја возел за да дојде во Скопје, само што беше дојдена на ред. Страшно. А не можеш да го обвиниш лекарот, зашто тој не беше излегол ни вода да се напие. Имаше шишенце од половина литар со себе и тоа е се. На излегување, само видов дека некоја девојка го фрли нејзиното ливче со број 36 и си замина. Вистински колапс. И за лекарот и за пациентите.

И се сеќавам на оној специјалист што ми кажа дека неговиот колега на Кипар имал дневно по шест пациенти. И толку. Овој нашиов, тој ден – 36. Супер.

Е, сега, пресликајте го ова на сиот наш државен систем. И бргу ќе сфатите дека насекаде е исто. Дека едноставно, системот е колабиран.

И не верувам дека ова е нешто што не го знаете. Знам дека го знае и секој министер. Секој функционер. Знам, знаат и тие! Зошто тогаш го кажувам? Кое е решението?

Државата има три столба – Собранието – како законодавна власт, Владата – како извршна власт и правосудниот систем како трета власт. Првите две, на еден или друг начин, функционираат. Некому му се допаѓа, некому не, ама функционираат. Проблемот е третата власт, третиот темел на државата, кој не функционира. Функционира сам за себе, како онаа Коза Ностра за која зборува директорот на ФБИ, Кеш Пател, објаснувајќи ги апсењата во НБА и го метастазира целиот систем, целата држава, го метастазира секој поединец во оваа држава. До последниот, од оној во Муртино до оној во Гајре на Шар Планина, од тој во Крива Паланка, до тој во Охрид, Струга и Радожда.

И тоа не е новост за вас. Но, каква врска има тоа со чекањето на клиника? Едноставно – има. Додуше, малку е тешко за обичен човек тоа да го поврзе, но невозможно е Македонија да има добар образовен систем, да има добро здравство, да има, во крајна линија, економија која не оди напред како возот во 1870 година до Солун, туку како економија која ќе оди напред со авионска брзина, кога едниот темел на државата го нема. Всушност го има, ама работи како италијанската мафија.

Оти, кога одите на некоја од клиниките во Скопје и чекате по неколку часа, треба да знаете дека во крајна линија, се се сведува на тоа дека немаме систем. Дека седумте години на пазарџискиот тезгарош Заев и Ковачевски до тој степен ја девастираа државата, ја уништија, ја згазија и поплукаа, што сега ќе се потребни години и години за сето тоа да се поправи. Зашто ние немаме правосудство, туку имаме организирана мафијашка група од десетина отсто шемаџии кои го држат во заложништво целиот правосуден систем и со тоа ја влечат целата држава кон дното (што стана со предметот за бонусите на СЈО, а Коцевски?). Кон оној процеп на Пацификот, длабок повеќе од девет илјади метри и каде никогаш не допрел сончев зрак.

Каква врска има тоа со вашето и моето чекање на клинка? Ќе повторам – едноставно има! Зашто немате држава ако еден од трите столба не постои. Како столче со три ногарки – ако едната ногарка ја нема, столчете и вие со него ќе паднете. Толку е едноставно.

Се разбира, секогаш има работи што можат да се исправат и без да се чека третата ногарка. На пример шемата со испумпување пари од ФЗО за непотребни операции на некои приватни клиники, а која, како што рече д-р Кедев се решава со едноставно воведување на пет потписи од специјалисти во државното здравство за секоја таква операција и исплата. Но, кога ќе размислите малку, и тоа е така зашто не постои страв од правната држава. Едноставно, можете да правите што сакате.

Во кривичното право, има едно мудро начело или поточно кажано сознание кое вели дека стапката на криминалитет не се намалува ако ги зголемувате казните, туку ако потенцијалниот криминалец биде свесен дека сигурно ќе биде откриен и фатен. Колку е поголема веројатноста дека тој ќе биде откриен, сеедно каква санкција му се заканува, толку е помала шансата да биде извршен криминалот што тој го наумил. Ако шансата да биде откриен и изведен пред суд е мала (кај нас и тоа е проблем – ќе го изведете пред суд, па ништо од тоа), веројатноста дека криминалецот ќе се реши да заплива во тие води е поголема. Расте обратно пропорционално.

И сето тоа е толку едноставно. И пак да се вратам на вашето чекање на клиника. За тоа се потребни пари. За тоа се потребни услови. За тоа се потребни ординации, лекари, повеќе апарати, има клиники каде одиш на преглед, влегуваш кај лекарот, а таму нема ни најобичен ехо апарат, па одиш во друга болница, таму лекарот има ехо апрат, ама види белја, тој е расипан. И прекриен со оној бел чаршав со кој ги прекриваат умрените. Кога пред некој месец го прашав директорот на Онкологија зошто не се дисперзира лечењето на повеќе места низ градовите, ми рече: „Во Битола имаме објект подобар од овој нашиов во Скопје. Но, немаме онколози.“

Државата нема онколози. А за да ги има, да не ја ширам премногу, и онака еден пријател ми рече долги ми се писанијава, потребно е да имаме функционална држава.

А за да се има функционална држава, за да има пари со кои ќе се спречи лекарите и сестрите да си одат, со кои ќе се спречи воопшто младите да си заминуваат, ни треба силна, напредна економија која ќе се движи по пруга каква што Николоски сака да изгради. Можеби и таква ни е малку. Можеби ни треба и побрза. Зброувам за економијата. Пруга по која возовите нема ни да ги допираат шините. Таква економија не е можна со вакво правосудство. Со вакво правосудство едноставно немаме шанси. Можеме само да си купиме респиратор, а шансите со него да преживееме се само 10 отсто. Да преживееме, не да живееме како луѓе.

Патем, што стана со Ден Дончев? Што стана со судијата и обвинителот од случајот со Заев. Оној случај во кој има снимка како бара по едно евро за Вицето, едно за црквата, а судот, со поддршка на шарените медиуми и новинари кои, благодарам на прашањето се уште се огромно мнозинство во оваа држава го ослободи. Значи, прашањето беше, што стана со тој обвинител и тој судија? Тука се? Добри се?

Мислам дека беше Мицкоски, еве сега проверувам, да, тој бил, кој рече дека осумдесет кривични пријави лежат во обвинителските фиоки и фаќаат прашина. Молам? Осумдесет кривични пријави за криминал и никому ништо? Како тоа?

Можам да сфатам дека можеби сите осумдесет пријави не содржат доволно елементи за гонење. Ама дека сите осумдесет фаќаат прашина? Невозможно. Или, да, возможно е во оваа наша имитација од правна држава во која обвинителството и судството постојат за да ја спасат мафијата. Со куќен притвор за Марковски, што подоцна под притисок на јавноста беше исправено

Реков еднаш и ќе повторам: ќе пишувам за ова се додека не си здосадам и себеси и на Господ. Но, ова не смее да остане така. Затоа го чекаме 3 ноември и чекаме да се направи тоа што треба да се направи. Да се растури тој бандитизам и да тргнеме напред. Тоа е тоа поради што овој народ на изборите изгласа како што изгласа. Да, гласаше и за канализации, и за дупки на улиците, но клучното е ова. Луѓето сакаат правда, економија, образование и здравство. И дадоа доверба за да се направи тоа. Треба време. Да, луѓето сфаќаат. Луѓето сфаќаат и дека има страшни отпори. Еден Трамп го има истиот проблем. Бајденовци и длабоката држава на син му му се закананувале дека ќе лежи во затвор доживотно. За измислени работи. И Трамп не може да го реши тоа. Ненси Пелоси лично тој ја обвини за криминал. Дека ја користи позицијата за да има инсајдерски информации за берзата, му јавува на сопругот, а тој ги купува поефтино акциите кои потоа ќе ги продаде кога ќе им се крене цената, за што тој однапред знае. Дури и Си-Ен-Ен мораше да ја праша за тоа, па таа вели: Зошто ме прашувате за ова, не се договоривме така!

Зборот е дека длабоката држава има речиси непробоен оклоп. Дека таа ја има и кај нас и дека кај нас е посебен проблем што личи како да во изминатите седум години е вградена во мозокот на луѓето. Станавме ментално осакатена нација. И оваа Влада доби доверба тоа да го исправи. Да почне да го менува. Што не е лесно. Но, мора да се почне. Всушност знам дека е почнато, тоа лесно се докажува, знам дека не се стигнува на сите страни, но затоа понекогаш е потребен и булдожер. Ставете му нафта и запалете го!