Пробивот на Македонскиот фронт на 15 септември 1918 година е клучниот настан во Првата светска војна, кој потоа ги предизвикал серијата настани, кои довеле до примирјето, кое се случило на денешниот ден, 11 ноември во 1918 година, вели во разговор за МИА францускиот професор по историја и експерт за Македонски фронт, Ерик Алар.

Македонскиот фронт во балканската и во светската историографија е именуван и како: Солунски фронт, Фронт на Ориентот, Балкански, Јужен или Заборавен фронт. Сѐ започналo во октомври 1915 година со концентрација на силите на Антантата во градот Солун, а од декември 1915 година и со воени формации на Централните сили. Главната линија на фронтот се протегала од Охридското Езеро до Орфанскиот Залив на Егејското Море, а помал стратегиски дел ја опфаќал линијата од Охридското Езеро до Валона во Албанија со вкупна должина од 600 км. Денес, на македонска територија, на линијата Дојран-Битола-Охрид, од околу 220 км, сè уште се наоѓаат видливи траги од борбите на фронтот. На него се воделе повеќе сложени воени операции и тешки битки, како оние на Црна Река, Горничево, Кајмакчалан и Добро Поле. Македонскиот фронт бил прв фронт, кој сојузниците го пробиле на 15 септември 1918 година во битката кај Добро Поле, со што била навестена капитулацијата на Централните сили.

Францускиот професор Алар е во посета на земјава, каде денеска ќе одржи предавање на настан организиран од Францускиот институт во Скопје на темата „Македонскиот фронт низ слики и предмети”. МИА имаше можност со него да поразговара за значењето на Македонскиот фронт во Првата светска војна, за француското и македонското гледиште на овој период од историјата, за научените лекции, но и за ефикасноста на историските комисии во надминување на историските спорови меѓу државите.

-Несомнено пробивањето на Македонскиот фронт е првиот настан кој води кон примирјето. И неодамна и француски воени истражувачи и историчари го потврдија тој факт дека тогаш започнува примирјето и своевидно тоа е еден факт кој бил доста занемаруван низ историјата, вели Алар.

Францускиот историчар наведува дека различен бил пристапот на Британците и Французите кон Македонскиот фронт. Тој вели дека Британците помалку инвестирале тука, не толку во однос на бројот на војници, туку пред се политички, поради тоа што биле активни на палестинските територии, Египет, Арабија, додека во однос на Французите таа ангажираност е далеку поголема.

-Ќе зборувам од демографски аспект, ако говориме за милионите жртви на Западниот фронт за време на Прва светска војна, кои, толку многу и длабоко ја одбележаа колективната меморија и сеќавање на францускиот народ, но сепак и бројката на борци кои ги загубиле животите тука не е занемарлива, секако дека имало голем број жртви особено меѓу Французите и српските војски, нагласува францускиот историчар.

Тој признава дека е мошне чувствително кога ќе се каже српските војски, бидејќи, вели, секако меѓу нив имало многу Македонци, со оглед на тоа дека македонските борци биле регрутирани во српската, но и во грчката и во бугарската војска.

Непосредно пред започнувањето на Првата светска војна Македонија била поделена на три дела, а македонскиот народ се наоѓал под власта на Србија, Бугарија и Грција. По започнувањето на Првата светска војна сите три држави извршиле мобилизација на население од Македонија во своите војски, при што биле мобилизирани околу 200 илјади луѓе – во српската околу 50 илјади, во бугарската околу 120 илјади и во грчката околу 20 илјади борци.

Тој нагласува дека Македонскиот фронт е еден од најмултинационалните, бидејќи во него учествувале многу народи и додава дека по 1912 година, односно по Втората балканска војна, македонското население живеело во сиромаштија и во мошне неповолни услови.

Францускиот историчар вели истражувањата за Македонскиот фронт ги темели врз сознанијата во француските архиви, но исто така соработува и со италијански партнери, македонски и бугарски колеги. За тоа дали француското и македонските гледиште за овој период од историјата се разликуваат, Алар нагласува дека тој со неговите колеги историчари, меѓу кои и Македонци имаат речиси идентични методи и скоро сите нивни истражувања и заклучоци се, пред се, објективни и неутрални.

-Тоа што се обидуваме да го направиме е да откриеме кои се трагите и остатоците од овој период, меѓутоа сето тоа го работиме заеднички, јас не зборувам македонски јазик и не можам навистина да ги разберам сведоштвата на населението и што е тоа што тие го говорат, појаснува Алар.

Образованието и културата главни оружја за спречување на повторување на историјата

Францускиот историчар Ерик Алар смета дека образованието и културата се основните и главните оружја за спречување на повторување на историјата.

-Образованието и културата се основните и главните оружја за да можеме да им се спротивставиме на циниците и на безумните, вели Алар имајќи ги превид новите геополитички случувања, односно дали тие оставаат впечаток дека човештвото не ги научило лекциите од Првата и Втората светска војна.

Во контекст на образованието и науката, Алар, кој работел како истражувачки археолог во Националниот институт за археолошки истражувања, наставник по француски јазик и историја во средно училиште, но и професор по историја на Универзитетот во Каен, меѓу 2009 и 2018 година, организирал неколку експедиции за истражување на ископувања и усна историја во Битолскиот регион, во реонот на реката Црна, со француски и македонски колеги.

Во разговор за МИА тој појаснува дека вршеле археолошко површинско истражување, кое било поткрепено со усно истражување, кое го спроведувале меѓу населението што живее во тој регион.

-Го фотографиравме целиот регион, правевме мапи и планови, исто така користевме дронови за таа намена. Пронајдовме и многу воен материјал, кој потоа бил користен од самото население кое живеело таму. Самата сиромаштија која постоела во тој период, во овој регион особено, односно своевидната изолација, во која било ставено населението, довело до тоа со текот на времето овој регион да стане еден вид конзерваториум, односно биле сочувани некои работи. И ние имавме среќа, што започнавме да работиме на оваа проблематика, токму кога во Франција се развиваше една гранка, која се нарекува Археологија на поновите конфликти, појаснува Алар.

Тој вели дека резултатите од тие истражувања ги презентирал на повеќе меѓународни конференции, а исто така објавил и неколку студии во специјализирани историски списанија.

-Она што го работевме беше една скромна работа, скромни, но прецизни истражувања, за да добиеме резултати, кои се на некој начин едни од првите истражувања направени меѓу двете земји, додава Алар.

Фото: Фросина Насковиќ