Германските власти приведоа маж во воз што патувал од Данска до Германија под сомнение за вмешаност во снабдување со оружје на палестинската исламистичка група Хамас, објави ДПА, повикувајќи се на соопштение од канцеларијата на федералниот обвинител.
Во текстот се наведува дека случајот е поврзан со апсењето на неколку други наводни членови на Хамас во последните недели.
Човекот уапсен денеска ќе се појави утре пред судот во Карлсруе по обвинение поврзано со трговија со оружје. Се верува дека тој транспортирал оружје испратено од наводен член на Хамас во централната германска покраина Хесен до друг екстремист во Берлин.
Пред два дена, берлинската полиција приведе маж осомничен за обезбедување оружје на палестинската група. Апсењето е извршено на автопат откако осомничениот влегол во Германија од Чешка. Тој е обвинет за членство во странска терористичка организација.
Минатиот месец, германските обвинители наредија апсење на тројца наводни членови на Хамас во Берлин. Двајца од нив се натурализирани странци родени во Либан и Сирија. Тие беа обвинети за снабдување со оружје и муниција, а истражителите велат дека криминалната активност започнала ова лето. „Хамас сакаше да го искористи оружјето за да изврши смртоносни напади врз израелски или еврејски институции во Германија“, рекоа обвинителите. Сепак, нема докази за конкретен план за напад.
На почетокот на ноември, во Виена беше откриено скривалиште за оружје поврзано со тројцата осомничени. Австриската домашна разузнавачка служба соопшти дека во скривалиштето биле пронајдени пет пиштоли и 10 шаржери.
Минатата недела, друг маж, британски државјанин, беше уапсен во Лондон за наводен транспорт на оружје во Виена. Човекот треба да биде екстрадиран во Германија.
МИА




