Македонскиот фронт бил еднo од најважните боишта во Првата светска војна. Фронтовата линија била оцртана по влегувањето на Бугарија и откако Централните сили го окупирале Вардарскиот Дел на Македонија во октомври 1915 година, и постоела сѐ до есента 1918 година. Тој фронт започнувал на запад од Јадранското Море, минувал преку денешната македонско-грчка државна граница, по планината Ниџе со врвот Кајмакчалан, ја сечел планината Беласица и на југоисток се спушта до Орфанскиот Залив во Егејското Море.

– Целата фронтова линија се простирала во должина од над 400 километри. Од двете страни на фронтовата линија биле распоредени војските на Антантата и на Централните сили: На северната страна биле распоредени во најголем дел единиците на бугарската, германската и австро-унгарската војска, додека на југ од линијата биле стационирани најмногу воени единици на српската, англиската и француската војска. Во еден момент од борбените дејствија, на двете страни од фронтовата линија биле концентрирани вкупно околу 1.200.000 војници, појаснува историчарот Никола Жежов.

Карактерот на борбените дејствија на Македонскиот фронт бил рововски, позиционен. Во текот на речиси тригодишното постоење, вели тој, фронтот имал поголеми поместувања само на две места – во близината на градот Битола и на исток во просторот меѓу реките Места и Струма. Македонскиот фронт имал трагични последици за Македонија и македонскиот народ. Борбите од Првата светска војна и дејствијата на Македонскиот фронт немале никаков ослободителен карактер за Македонија и македонскиот народ. Дел од Македонците во надеж дека некоја балканска држава или некоја голема светска сила ќе застане зад барањата за создавање на автономна или независна Македонија, се приклучиле кон некои од балканските војски, а дел биле и насилно мобилизирани.

– Фронтот е чиста катастрофа за Македонците по секоја основа. Загинати илјадници мобилизирани Македонци од трите армии. Умрени илјадници цивили од војната и епидемиите што ги прошириле војските. Огромна финансиска и материјална штета којашто ја зголеми бедата, подвлече историчарот Бранислав Светозаревиќ.

Војските на двете страни употребувале тешко оружје, артилерија, пешадиско оружје, а во некои прилики било користено и хемиско оружје. Во текот на борбите се случиле голем број материјални разрушувања на селата и градовите коишто се наоѓале во близина на фронтовата линија. Посебно настрадале градовите Битола, Гевгелија и Дојран.

– Нема точни податоци колкава е бројката на загинатото цивилно население во текот на борбените операции. Голем дел од населението настрадало и од големата сиромаштија и гладот што владеел за време на постоењето на фронтот. Целиот товар за издршка на војската на двете страни од фронтот паднал на товар на македонскиот народ, нагласи проф. Жежов.

Во редовите на Бугарската армија се борела и тн. 11. македонска дивизија, којашто имала, отприлика – околу 33.000 борци. Тоа биле претежно членови на ВМРО, поранешни комити или војводи – борци со големо воено искуство стекнато во годините наназад. Дури и командниот кадар на дивизијата биле Македонци по националност, според Жежов. Најголем дел од единиците на 11-та македонска дизизија биле распоредени на фронтот во близина на Дојран и планината Беласица, како и кај Реката Црна. Како минувале месеците, кај војниците на фронтот, посебно тие од Централните сили преовладувало антивоено расположение, а сѐ почести биле и појавите на дезертирање.

– Поради фактот што имало Македонци кои биле регрутирани и во редовите на српската војска, војната имала и братоубиствен карактер за македонскиот народ, додаде Жежов.

Според „Златна книга: 100 години ВМРО“ и историчарот Александар Апостолов, и неколку месеци пред оцртувањето на Македонскиот фронт – додека Бугарија цела година по почетокот на Големата европска војна била неутрална, ВМРО ја нападнала логистичката мрежа на српските воени сили на југот – за да ѝ се покаже на светската јавност дека македонскиот народ е незадоволен од новата тројна окупација и поделба на Македонија. Во таа смисла се истакнува обидот за уривање на железничкиот мост на Вардар кај с. Удово, Валандовско. Во тој напад на ВМРО на српските воено-сообраќајни врски и врз три утврдени пункта во Валандово, Удово и Пирава, на 2 април 1915, учествувале Христо Делчев (брат на Гоце Д.), Александар Протогеров, Аргир Манасиев, Петар Чаулев, Тодор Александров, Стефан Алабаков и др. Притоа здружените чети на ВМРО, т.е. околу 1.000 четници и месни селани се судриле со српската војска. Жртвите кај ВМРО биле 40-на луѓе, наспроти околу 480 убиени српски војници и офицери, но имало и нов бран македонски бегалци-иселеници по српските потери коишто следеле потоа.

Македонскиот фронт постоел до крајот на септември 1918 година, кога војските на Антантата ја пробиле фронтовата линија по што борбите завршиле со потпишаното примирје во Солун, во услови кога борбите од Првата светска војна траеле приближно уште околу два месеци. По пробивот на фронтот територијата на Македонија се нашла под привремена окупација на војските на Антантата, сѐ до завршувањето на Версајската мировна конференција, летото 1919, кога била потврдена поделбата на тогашна Македонија. си/дј

Проф. Жежов потсетува дека не биле прифатени барањата на разните македонски организации за време на Версајската конференција, ниту пак, биле применети тн. 14 точки на американскиот претседател Вудро Вилсон за правата на малите народи, кога била во прашање Македонија и македонскиот народ и наместо ослободување и државност, била верификувана нова туѓинска власт и нова поделба на Македонија.

Фото: Порталот на Музејот на македонската борба.