Стравот е страшен само за оние кои му се плашат. Ама, не и за Македонците од Вардарскиот баталјон мобилизиран од српската војска во Првата светска војна. Така одѕвонува од местото Костолачка Коса и од блиското с. Петка во Србија каде е поставена спомен плоча на загинатите македонски мобилизирани броци на бројност 1.300 во состав на Вардарскиот баталјон формиран во 1914 година. 

Во дворот на црквата “Свети Ѓорѓи“ во Костолачка Коса, има спомен-плоча каде вчера, и во изминатите години, на 15 ноември, на повик на македонското здружение од Белград, „Кочо Рацин“ изразуваат почит кон загинатите Македонци мобилизирани во Вардарскиот баталјон од Кралството Србија.

Неуморна од зачувување на тој спомен, Лидија Демниева, претседателка на македонското здружение во Белград, „Кочо Рацин“ вели: – Се бореа за ветената независност на Македонија која Македонците не ја добија после Првата светска војна иако своите млади животи до 23-годишна возраст ги оставија далеку од своите родни места, далеку од Македонија. Македонската заедница во Србија очекува од српските власти да издадат потребни дозволи за изградба на споменик во Костолачка Коса и во с.Петка за вечен помен и спомен на Македонците до Вардарскиот баталјон од Македонија“.

Од 1.300 мобилизирани, само петмина се преживеани.

Според податоци што за првпат се појавуваат и ги пренесува ексклузивно МИА од коресподенција на македонското Здружение Кочо Рацин во Србија со правнук на еден од загинатите – тоа се:
Санде Ранченски (Ранченци), Трајче Стојков (Крива Паланка), Вангел Петров (Куманово), Јован Димитров (Тетово) и Петре Ангелов (Прилеп).
Ова се дел од податоците што се зачувани за Санде Ранченски

Во историографските написи се нагласува дека Вардарците биле видлив доказ деја бројноста нема пресудна улога во однос на моралната сила. Мал пример за доказ во квалитет во воена смисла, од македонската Вардарска долина – за лојалност, храброст, самопрегор…

Почетокот на формирањето на Вардарскиот полк следува по двете Балкански војни завршени во 1913 година. Воените области пристапиле кон регрутирање млади лица од македонски области со што Вардарскиот полк е мобилизиран на 24 март 1914 година во Белград. Полкот имал три баталјони. Одлуката на Командата била вториот баталјон Вардарци била да се препрати во Пожаревац.

Поради промени во статусот на Вардарскиот полк кој влегол во состав на Дунавската дивизија, а вториот Вардарски баталјон станал самостојна единица во состав на Браничевскиот одред.

Биле стационирани североисточно од Пожаревац во селото Петка. Баталјонот броел 1.300 млади војници регрути кои набрзина завршиле воена обука. По потекло се од Кумановската, Кривопаланечката, Кратовската и Прешевската котлина и западниот дел од Македонија-Повардарие.

„Биле без страв и маани во воените судири“. Така Гојко Илиевски ги опишува во својата книга „Вардарци, почивајте во мир“.

Командант им бил Јован Наумовиќ, и во битката крај Смедерево во октомври 1914 година разбил непријателска бригада и со своите Вардарци заробил и двајца австриски команданти на полк и двајца полковници. За тој подвиг добил и високи одликувања.

Тие биле во селото Петка, го чувале брегот на Дунав од упад на австро-унгарските војници на територијата на нивниот атар на селото Петка, Костолац, рамнината Стиг.

„Настаните од 1915 година се трајно врежани во меморијата на жителите на Стари Костолац. Петка и Нови Костолац и на Македонците во Србија. И Македонците и Србите го одржуваат споменот за Македонците од Вардарскиот баталјон во кралската војска на Србија во Првата светска војна. Тие кои го положија животот пред олтарот на татковината за слобода и победа до држава за место под сонцето, остануваат вечно во историјата и меморијата на народот и нацијата, наведе во поздравната телеграма претседателот на СМК, Тодор Петров.

Во посетата на селото Петка не пречекуваат мештани. Ја стискаат искрено раката на Македонците кои дошле да одбележат помен. Нивниот стисок значи – Благодарност. Остануваат со нас на поменот. „Старите луѓе во селото Петка се уште со тага се сеќаваат на своите Вардарци и велат: Беа тоа витези како Обилиќ и јунаци со сила како Марко Крале“, запишал Гојко Илиевски во својата книга.

Фактот дека Вардарците пешачеле 32 км за пет часа откако добиле повик за да помогнат во одбрана на Смедерево, а по краток одмор, веднаш тргнале во јуриш, најдобро зборува за одличната подготовка и состојба на Вардарците.

Полковник Светомир Савиќ оставил сведоштво за високиот борбен морал на оваа единица, дваесет години подоцна, на страниците на скопскиот весник „Вардар“: …Звукот на пушките, митралезите и на топовите се слушаа се повеќе и повеќе, а расположението и подготвеноста на старешините се повеќе се развивала кај Вардарците како полубаталјонот се приближувал до местото на честа… прекрасна слика за лојалност и бестрашност.

Целта нивна била да се спречи истоварување на австроунгарска војска на брег на Дунав кај Смедерево и спречување на нивно понатамошно евентуално пробивање кон Белград.

Во Политика од 1 ноември 1914 година се опишани како „млади, срчени, живи, скокале како разјарени тигри, победувајќи се пред себе“. Оние кои ги заробувале како што наведуваат – станале веќе цела војска….Вардарците со голема душа, со оган во очите, заигруваат набрекнати жили…

Од мобилизацијата на Вардарците во Белград во март 1914 година преку Митровденскиот бој кај Смедерево во октомври 1914 година и битката кај Гроцка во ноември 1914 година изминале 7 месеци. За тоа време Вардарците првпат облекле војничка униформа, положиле заклетва, завршиле воена обука од 100 денови. Воделе две битки од големо значење за Србија. Кога положиле заклетва биле 1.300, а кога тргнале во третата битка кај Костолачка Коса во септември 1915 година – 828 Вардарци. Разликата од 472 Вардарци е цената што ја платил вториот Вардарски баталјон во борбите кад Смедерево. Гроцка и стража на Дунав кај селото Петка-Костолац.

Почнувајќи од Костолачка Коса над која денес се издига црквата Св. Ѓорѓи па до Скадар каде се завршува борбениот пат на Вардарците обележани се воени патеки со нивна крв и херојство.
Кога тргнале од селото Петка на Костолачка Коса во октомври 1915 година на повлекување кон Албанија, стигнале до Скадар кога завршува нивниот борбен пат.Борбениот пат на Вардарците. Таму се сертнуваат со 18-от пешадиски полк.

„Преостанатите петмина Вардарци ќе тргнат со останатите на Солунски фронт, па потоа во својот роден крај и своја Македонија како што одсекогаш се нарекувала“, запишал Гојко Илиевски.
Од 200 Вардарци колку што тргнале од Костолачка Коса во Пеќ стигнале 60, а од Пеќ до Драч стигнале само петмина.

Секоја година Здружението на потомци на војници 1912-1918 од Смедерево по повод славната Митровденска победа во 1914 година организираат марш „По трагите на Вардарците“ со пригорда програма.

„Според нашите информации/објаснувања што ги добивме на прашањето зошто девет Вардарци се погребани во Тодиќева гробница над Стар Костолац, а не во селото Петка каде живееле, одговорот бил необичен, но много човечен: – Знаете, Вардарците ни даваат сигурност и загинати, кога знаеме дека се тука. Дека и понатаму ќе не чуваат. Оттаму Дунав одлично се гледа, па би виделе и евентуално движење на австро-унгарски бродови кон нашиот брег“. 

Судбината не ги поштедела од вечниот спокој. Под плочата не се само парчиња крвава земја, крвави завои, испразнети чаури. Тие се единствени во се, а најмногу по храброста и војничките вештини.
Вчера, на 15 ноември им се оддаде почит во Костолачка Коса и во с.Петка.
Поменот и споменот означува и насмевка и солза на некоја тогашна Велика која со го дочекува својот Јон, и тој со арно и враќа – секоја година кога се споменуваат овдека, кога се палат свеќи за нив во црквата Свети Ѓорѓија. Пламенот од секоја свеќа го обновува нивниот хероизам.