Дискусијата за минималната плата и барањето за зголемување беа дел од денешната собраниска седница на која пратениците од опозицијата побараа одговор од министерот за економија.
Министерот Бесар Дурмиши рече дека Владата е за зголемување на минималната плата, но дека за тоа треба да се договорат синдикатите и работодавачите. Во одговорот, Дурмиши рече дека доколку се зголеми минималната плата без економска оправданост, малите и средните претпријатија ќе се соочат со проблем што ќе се рефлектира со отпуштање на работниците.

– Како Влада и како Министерство за економија не сме против зголемување на минималната плата, но потребен е договор меѓу синдикатите и работодавачите. Тие треба да се хармонизираат. Ниту еден договор не сакаме да го донесеме, а да е на штета на работниците и работодавачите. Предлогот за зголемување без економска основа е предизборен пример и проблем којшто ако го донесеме, малите и средните претпријатија ќе имаат проблем и ќе отпуштаат работници по што инфлацијата ќе се зголемува, рече Дурмиши.

Посочи дека според Евростат, земјава е на средина по висината на минималната плата и дека зад нас се Албанија и Србија.