Црквата на Светиот гроб и Воскресението Христово во Ерусалим е најсветото христијанско место во светот, каде што се зацврстува духот и верата на христијаните, центар на поклонение, осветување, преиспитување и прочистување.

Црквата на Светиот гроб се наоѓа во христијанскиот дел на Стариот град во Ерусалим. Тоа е и религиозен музеј со над триесет свети места, сите под куполата на огромната Ротонда. Црквата се наоѓа на местото Голгота, каде што Исус Христос бил распнат, умрел, бил погребан и воскреснал. Светиот гроб и Светиот крст се пронајдени на тоа место. Црквата ја изградила Света Елена (326 – 333 н.е.), мајката на царот Константин, на местото на поранешно паганско светилиште. Оригиналната базилика била урната од Персијците (614 н.е.). Сегашниот храм го изградиле крстоносците (1149 н.е.), подоцна бил обновен од Грците, а неодамна и заеднички од Ерусалимската православна црква, Католичката, Ерменската и Коптската црква.

Меѓу светите места кои се наоѓаат во базиликата се камената плоча на Миропомазанието, на која било спуштено и миропомазано телото Христово по распнувањето, Голгота, капелата на Светиот Гроб, капелата на наоѓањето на Светиот Крст, капелата на Света Елена…

Во средината на Ротондата, најголемата просторија на Црквата, се наоѓа мала камена капела, која е остаток од пештерата во која било положено телото Христово и се нарекува Кувуклија и тоа е најсветото христијанско место во светот. Кувуклијата или гробот Господов е празен, бидејќи Христос од таму воскреснал. Во оваа црква, секоја година пред православниот Велигден се случува чудесното слегување на Благодатниот оган на Велика Сабота, што се смета за голема потврда за православната вера.

Голгота е местото на распнувањето на Исус Христос. Се наоѓа неколку метри над Црквата и го претставува остатокот од карпата на која бил крстот на кој бил распнат. На самата Голгота има висок олтар од сребро на кој е прикажан Исус Христос распнат на крст. Целата Голгота сега е покриена со мермер, а пукнатината во карпата каде што бил забиен крстот се наоѓа веднаш до олтарот од десно во подот. Лево и десно од Голгота, на неколку метри оддалеченост, има два црни круга кои ги означуваат местата каде што биле двајцата разбојници, кои биле распнати заедно со Христос.

Под Голгота се наоѓа гробот на првиот човек Адам. Според преданијата, праотецот Адам бил погребан на Голгота, а за време на земјотресот предизвикан од распнувањето на Христос, се појавила пукнатина помеѓу Голгота – местото на распнувањето – и гробот на Адам, низ која течела крвта на Исус и го измила черепот на Адам, со што му е простен гпрвородниот грев и изгонувањето од Рајот.

Црквата на Светиот Гроб, денес ја делат шест христијански деноминации. Најголемиот дел е под Ерусалимската православна црква, потоа на Католичката црква, Ерменската апостолска црква, Сириската црква, Етиопската црква и Коптската црква.
Постои поделба околу управувањето со поединечните делови од црквата, капелите, олтарите, а постојат и посебни правила, до кои сите се придржуваат со векови.

Како доказ за придржување кон договореното е неподвижната дрвена скала поставена до десниот прозорец на вториот ред од фасадата на Црквата на Светиот Гроб. Присуството на скалата го означува „статус кво“ договорот меѓу шесте христијански деноминации кои ја поседуваат црквата – да не се преместува, поправа или менува ништо во црквата без заедничка согласност.
Клучевите од Црквата на Воскресението Христово ги држат две муслимански семејства кои се прифатени од сите христијански деноминации како неутрални чувари на црквата.







