Ставот на поголем број на експерти, вклучувајќи го и фискалниот совет е дека се работи за Буџет кој што го намалува дефицитот, не предвидува ненаменски задолжувања и не е претенциозен на расходната страна. Сето ова говори дека со вака креираниот Буџет во наредниот период ќе се обидеме економски да ја стабилизираме државата, посочува пратеникот Малиша Станковиќ во изјава за КУРИР.
– Основниот напад во овој дел е кон проектираната годишна инфлација од 2%. Но доколку приходната и расходната страна се остварливи (а скоро сите се согласуваат дека се остварливи), тогаш можеме да очекуваме инфлација кој ќе се движи околу овие предвидувања. Да дополнам, дека сето тоа се прави со предвидени средства за пензии, плати, финансирања во областа на здравството и образованието, предвидени капитални инвестиции и се што е друго неопходно за редовно функционирање на државата, без да се зголеми дефицитот на државата, рече тој.
Во изјава за КУРИР оценува дека се продолжува со капиталните инвестиции кои оваа година се проектирани на реално остварливите можности.
-Имено, во минатото се проектираа високи капитални расходи кои на крајот од годината не се остварува. Сега се предвидуваат реални и остварливи капитални инвестиции. Тоа значи дека ќе се продолжи со финансирање на патна инфраструктура, болници, училишта градинки и сето она што е неопходно и што граѓаните од нас го бараат. Ако ја следите буџетската расправа ќе видите дека за првпат опозицијата не ја напаѓа власта за „расипничко“ и „недомаќинско“ однесување! Самото тоа Ви говори дека се работи за еден Буџет кој што е реален, ја зачувува стабилноста, води кон фискална консолидација, но и во голема мера внимава на развојот на државата, истакна Станковиќ.
Наспроти најавите на власта дека предлог-буџетот е реален и развоен, опозицијата „нападна“ со низа амандмани и непоткрепени обвинувања. Го прашавме Станковиќ како го оценува однесувањето на опозицијата за време на комисиската расправа.
– Опозицијата се скрива позади навидум „добри амандмани“. Реалната цел им е да предизвикаат политичка конфротација, која неретко добива и етнички призвук. Впрочем, луѓе кои до вчера седеа во министерските, вицепремиерските и премиерските столчиња, навистина е тешко да се разберат како спасители на состојбата во државата. Обвинувањата се неосновани и паушални, особено од луѓето кои се директни причинители на состојбата во која се наоѓаме! Целата расправа се сведува на паушални барања за зголемување на постоечките ставки во Буџетот, вели пратеникот.
Во изјавата за КУРИР тој потенцира дека и покрај сите предизвици со кои се соочуваат, Буџетот за 2026 предвидува стабилно финансирање во ресорот земјоделство.
-Предвидени се средства за тековна исплата на субвенциите, финансиската поддршка во руралниот развој е зголемена за 333% во споредба со Буџетот од 2025 година, повторно е предвидена поддршката на органското производство и сл. Продолжува и финансирањето за подобрување на капацитетите на институциите за поуспешно справување со проблемите. Поддршката на земјоделците останува високо на листата на приоритетите на оваа Влада. Свесни сме дека и покрај огромните издвојувања во овој сектор, во иднина ќе треба да издвоиме уште повеќе средства за стабилизација на земјоделството. На крајот само би додал дека земјоделците кон оваа Влада можат да гледаат како кон свој партнер кој постојано ќе биде спремен да ги сослуша нивните барања и да им излезе во пресрет, истакна пратеникот Станковиќ во изјава за КУРИР.




