Екипа од техничар и епидемиолог од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) сè уште се во Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае, по сомневањата за масовно труење ученици, а директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, во врска со случајот во средата изјави дека се земени брисеви од раце, нос и грло на вработени во училишната кујна, од работните површини, а земени се и мостри од храна и вода.
„Јас сум во постојана комуникација со луѓето од нашиот тим во Институтот. Морам да кажам дека екипата сè уште не е вратена за да можам да добијам поконкретни информации, во очекување сме да пристигнат. Но, она што можам да го кажам е дека е веднаш постапено по сите протоколи. Земени се мостри од буквално сè што ни е во интерес, а тоа се брисеви од луѓето кои работат во кујната, од раце, грло и нос. Земени се брисеви и од работни површини, мостри од храната што ја консумирале децата. На наше инсистирање земавме и од водата“, изјави Андоновска.
Директорката на ИЈЗ додаде дека е во исчекување на екипата која е на терен за да се види на што укажуваат направените епидемиолошки анкети. Ако треба, како што рече Андоновска, ќе се работи и втора смена.
Вонреден инспекциски надзор во скопското ОУ „Димо Хаџи Димов“ откако поголем број ученици пројавиле стомачни тегоби.
„Се работи за анализи кои треба да потраат, не можеме така брзо да дадеме веднаш одговор за што станува збор, но можам да кажам дека ако треба, ќе се работи цела вечер за да утврдиме за што станува збор“, додаде директорката на ИЈЗ.
Андоновска кажа дека добиле девет пријави за стомачни тегоби кај деца. Освен кај ученици, досега не се пријавени симптоми од вработените во училиштето.
Освен ИЈЗ, во училиштето постапуваат и екипи на ДЗСИ и АХВ.




