Кои се главни приоритет во новиот буџет во секторот образование, дали ќе има зголемување на платите на наствниот кадар како и за многу други прашања ја прашавме пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска.

-Кои се трите главни приоритети во образованието што ќе добијат најголем дел од буџетските средства во 2026 година?

Буџетот за образование во 2026 ќе биде најсилната порака дека Македонија конечно инвестира во сопствената иднина. Министерството за образование и наука е еден од ресорите за кои имаме предвидено зголемување на Буџетот за 2026 година, со дополнителни 18,7 милиони евра. Тоа е јасна порака дека новата Влада вложува во развој, а не во импровизации. Трите најголеми приоритети се: 1. Изградбата на новите објекти за ФИНКИ и ФФК, кои конечно ќе добијат современи услови достојни за европски факултети; 2. Рекордни средства за научно-истражувачка работа, бидејќи без наука нема иновации, конкурентност и развој; 3.Големи вложувања во училишната инфраструктура, особено во изградба на спортски сали во основните училишта. 2026 ќе биде година во која навистина ќе се почувствува дека државата се враќа кај младите – со дела, а не со зборови.

-Дали ќе има зголемување на платите на наставниот кадар и професорите, и како тоа ќе се одрази врз квалитетот на наставата?

Да. И оваа година платите на наставниците и на професорите ќе пораснат. Постигнавме договор со СОНК за зголемување на платите во основното и средното образование за до крајот на мандатот тие да пораснат од 46% до 60%. Така и оваа година предвидено е платите да пораснат од 7,5% до 12,5% во зависност од буџетските можности. Кога наставникот е мотивиран, почитуван и со достоинствена плата – квалитетот на наставата расте.

-Колкав дел од буџетот е предвиден за дигитализација на училиштата и модернизација на наставните алатки?

Дигитализацијата е неопходна во училиштата, за нашите ученици да бидат рамо до рамо со земјите членки од ЕУ. Веќе размислуваме и работиме на тоа да и вештачката интелигенција и дигиталната писменост бидат дел од образовниот процес. Ставката за вложувања во основното образование е зголемена за 17,1% или вкупен Буџет од 7,6 милиони евра. А ставката за средно образование е зголемена за 12,7% или вкупно 15,1 милиони евра. Во високото образование она коешто го ветивме, веќе го реализиравме. Во тек е јавниот повик за аплицирање за ваучер за набавка на електронски уред за сите студенти на сите универзитети. Студентите добија од државата ваучер за набавка на лап топ, таблет или компјутер. Ниту еден студент не смее да биде оставен без електронско помагало, бидејќи нивното користење е дел од образовниот процес. Ќе продолжиме со дигитализација и во високото образование.

-Дали во 2026 година ќе се работи на реконструкција и изградба на училишта?

Да, следува градежна офанзива во делот на реконструкција и изградба на образовната инфраструктура. Општините во Република Македонија аплицираа со капитални проекти од областа на образованието за одобрување на средства од Централниот буџет или попознато за средствата од Унгарскиот кредит. Во ресорот образование општините аплицирале со над 80 капитални проекти. Во 2026 година градежната индустрија ќе има полни раце работа за да ја гради Македонија, во секој нејзин дел подеднакво. Секоја општина на транспарентен начин доби еднакви шанси да аплицира со проект и да добие средства од државата, безразлика на партиската припадност на градоначалникот. Тоа се средства на граѓаните.

-Како буџетот за 2026 ќе го поддржи високото образование, особено државните универзитети и научно-истражувачките проекти?

Науката како што кажав ќе биде една од главните приоритети за 2026 година, особено ќе вложуваме во научно-истражувачка работа. Мора да ги поттикнеме младите луѓе да работат со наука и да издаваат свои научни трудови. Но и да обезбедиме услови за истото. Веќе е донесена и одлука на Влада за отпочнување на активности за изградба на првиот научно-технолошки парк кој треба да биде во склоп на кампусот на УКИМ. Идејата е да биде блиску до комплексот универзитети, што логистички ќе бдие голема придобивка, но и да ги поттикнеме бизнисите да вложуваат во технологии и наука која ќе им донесе остварување на поголем профит и поголем развој. Во високото образование имаме зголемување на Буџетот за 5 милиони евра.  Ќе се вложува во поквалитетно образование на сите државни универзитети! Зголемувања за Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, Универзитетот Св.Климент Охридски во Битола, на Универзитетот Гоце Делчев во Штип, Универзитетот во Тетово.  Студентските домови со години се соочуваат со лоши услови. Дали во 2026 година може да се надеваме на нови современи капацитети? Студентите кои престојуваат во студентските домови може да очекуваат убави вести во 2026 година. Во напредна фаза е реконструкцијата на студентските домови Кузман Јосифовски Питу и Стив Наумов во Скопје, кои наредната година ќе бидат пуштени во употреба со современи услови. Со договорот за стратешко партнерство со Велика Британија, имаме договор со кој ќе се изгради нов студентски дом и нова зграда на медицинскиот факултет во Штип. А до крајот на овој мандат на Владата, ќе ги реконструираме сите државни студентски домови во државата.

-На кој начин буџетот ќе обезбеди подобрување на инклузивното образование и пристапноста за ученици со посебни потреби?

Инклузивното образование е еден од клучните принципи што ги зајакнуваме. Во буџетот за 2026 се предвидени дополнителни средства за: асистенти на ученици со попречености, специјализирана поддршка, адаптиран наставен материјал и асистивна технологија, подобрување на пристапноста во училиштата (рампи, лифтови, адаптирани тоалети). Целта е јасна — ниту едно дете да не биде оставено зад системот. Секој ученик мора да ја почувствува поддршката и да има еднакви услови да учи, напредува и се развива.

-Како ќе се мери ефективноста на буџетските вложувања во образованието и кои индикатори ќе бидат користени за оценување на успехот?

Само со реализација! Оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски има само еден репер за успех, а тоа е реализација! Доволно години, па јас би рекла и децении изгубивме во ветувања. Немаме време за чекање. Граѓаните се многу мудри и свесни и веќе ја увидоа разликата во тоа кој гради и работи, а кој само празно зборува за евтин популизам. Ефектите ќе се мерат со јасно дефинирани индикатори меѓу кои би ги издвоила: подобрување на инфраструктурата, квалитет на наставата, зголемување на научната продуктивност (трудови, проекти, меѓународни партнерства), степен на дигитализација во училиштата и други. За првпат ќе имаме систем каде резултатите ќе бидат мерливи, транспарентни и видливи за јавноста.