Овој Буџет не ветува – овој Буџет испорачува, граѓаните ќе го почувствуваат Буџетот не низ бројки, туку низ секојдневниот живот, вели во интервјуто за Курир пратеникот во Собранието на Република Македонија, Бојан Стојаноски за Предлог Буџетот за 2026.
Стојаноски: Предвидениот раст од 3,8% за 2026 година не е желба – тоа е резултат на конкретни, мерливи економски индикатори. Се темели на континуираниот раст на индустриското производство, зголемениот извоз, растот на личната потрошувачка и сериозниот циклус на капитални инвестиции.
Дополнително, проекцијата е потврдена и преку ревидирани нагорни очекувања од меѓународни финансиски институции. Тоа значи дека не зборуваме за оптимизам на хартија, туку за економска логика поткрепена со податоци.
Имаме континуитет на раст од над 3% во неколку квартали по ред, што покажува дека економијата излезе од фазата на нестабилност. Второ, имаме раст на индустриското производство, раст на извозот и раст на личната потрошувачка, како резултат на стабилизирањето на инфлацијата и зголемувањето на платите.
Дополнително, растот на данокот на добивка од над 14% и ДДВ од 6,7% јасно укажуваат дека економијата е жива, дека фирмите работат, дека прометот се зголемува. Кога ќе го споиме тоа со силниот инвестициски циклус преку капиталните расходи, добиваме здрав раст, а не вештачки напумпан БДП.
Колку се реални проекциите за инфлацијата, и кои фактори би можеле да предизвикаат отстапување?
Стојаноски: Проектираната инфлација од 2,5% е целосно реална и поставена на темели на стабилизирани глобални ценовни текови, намалување на енергетските притисоци и подобра понуда на пазарот.
Секако, постои ризик од нови геополитички превирања, нестабилност на нафтениот и гасниот пазар или нови шокови во прехранбените синџири.
Проекцијата за инфлација од 2,5% е целосно реална и усогласена со трендовите во регионот и Европа.
Понатаму владините институции кои може да ја контролираат оваа појава се соодветно екипирани и поддржани од овој Буџет, а веќе гледаме дека и на терен се реагира во насока на спречување на појавите кои досега ја разгоруваа инфлацијата.
Со други зборови – нема да дозволиме повторно инфлацијата да го јаде стандардот на граѓаните како во минатото.
На што се темели растот на даночните приходи—на повисока наплата, нови даноци или зголемен економски обем?
Стојаноски: Растот на даночните приходи се темели исклучиво на три работи: подобра наплата, проширување на даночната база и реален економски раст.
Нема нови даноци.
Законот важи за сите еднакво. Сивата економија се стега, а легалниот бизнис добива можност за нормално функционирање. Тоа е суштинската разлика од минатотo.
Данокот на личен доход расте за 8,7%, што значи повеќе вработени и повисоки плати.
Данокот на добивка расте за 14,1%, што значи поголеми профити и повеќе деловно работење.
ДДВ расте за 6,7%, што значи повеќе промет во економијата
Ова е суштинска разлика од минатото – не правиме притисок на економијата со даноци, туку ја шириме со работа.
Кои проекти или програми се предвидени како најголеми финансиски ставки во 2026 година?
Стојаноски: Најголемите финансиски ставки се оние кои што генерираат раст и развој и што гарантираат подобрување на животниот стандард.
Граѓаните од Буџетот за 2026-та година може да очекуваат изградба на
патишта и експресни правци, железница, болници, студентски домови, градинки, пречистителни станици и капитални дотации за општините.
Ќе има и повеќе пари за граѓаните !
Пензиите сами по себе се 116,8 милијарди денари, што е раст од речиси 10%.
Потоа следуваат платите во јавниот сектор – 52,6 милијарди денари, со раст од 7,5%, како и големи средства за здравството, образованието и општините.
Ова покажува дека државата не штеди на грбот на народот, туку го штити.
Капиталните расходи се поставени на околу 40 милијарди денари, што е реално и остварливо.
Нас ни се потребни реални проекти на теренот, а не само високи бројки на хартија.
Како Буџетот ја поддржува вработеноста и создавањето нови работни еста?
Стојаноски: На три начини: капитални инвестиции, поддршка за домашните компании, привлекување странски инвестиции.
Односно преку раст на инвестициите, поддршка на домашното стопанство, силни инфраструктурни проекти и раст на платите.
Проекцијата за раст на вработеноста од 1,6% не е случајна – тоа се нови реални работни места, посилна економија и повисоки плати. Докажавме во досегашниот мандат дека знаеме како да го поттикнеме приватното стопанство да влезе во силен инвестициски циклус и на тој начин да ја зголеми продуктивноста но и да отвори нови работни места.
Кои капитални проекти ќе може да ги очекуваат граѓаните во 2026 година?
Стојаноски: Во 2026 година граѓаните за првпат по подолг период нема да гледаат капитални проекти само на хартија, туку реално на терен.
Буџетот е јасно ориентиран кон инфраструктурата, здравството, образованието, локалниот развој и животната средина.
Само за капитални расходи се издвојуваат околу 40 милијарди денари, што ја прави 2026 една од најсилните инвестициски години во последната деценија.
Тоа значи конкретни проекти или нови локални и регионални патишта, сериозни вложувања во железничката инфраструктура, изградба и реконструкција на болници, нови градинки, училишта и студентски домови, пречистителни станици, депонии и зелени проекти како и модернизација на Армијата.
Продолжуваме со изградбата на автопатите Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Прилеп – Битола како и Кичево – Охрид.
Во Македонија во 2026-та годна ќе продолжи и ќе се засили сериознио циклус на градежната офназива која започна во 2025-та година.
Особено важно е што преку капиталните дотации кон општините се пласираат директни средства за локални проекти: водоводи, канализации, улици, паркови, училишта.
Ова не е повеќе буџет што „троши“, туку буџет што гради.
Што е планот за раздолжувањето? Ќе можеме ли да издржиме 1,2 милијарди евра во 2026 и 2 милијарди евра во 2027?
Стојаноски: Да, обврските се големи и тоа никој не го крие. Во 2026 година Македонија треба да врати околу 1,22 милијарди евра, а веќе во 2027 година дополнителни околу 2 милијарди евра. Тоа се долгови што не се создадени сега – тоа се долгови од минатото, земани без соодветен ефект врз економијата.
Но за првпат имаме јасен фискален план, а не импровизација. Владата не оди со панични задолжувања, туку со контролирано рефинансирање, комбинирајќи домашно и странско финансирање, со јасна стратегија за враќање на стари, скапи долгови и нивна замена со поповолни инструменти.
Клучното е следново: дефицитот се намалува под 4%, економијата расте, даночните приходи растат без зголемување на даноците, придонесите се зголемуваат, што создава реален фискален капацитет за сервисирање на долговите.
Ние не се задолжуваме за да „крпиме дупки“, туку за да затвориме стари рани и да изградиме нова економска стабилност. Државата првпат оди по пат на контрола, а не хаос.
На што ќе може да се надева народот од овој Буџет?
Стојаноски: Народот од Буџетот за 2026 година може да се надева на три клучни работи:
Сигурност
Пензии што растат, плати што растат, стабилен систем без шокови. Пензискиот систем се зајакнува и преку трансфери и преку повисоки придонеси.
Платите во јавниот сектор растат системски, не кампањски.
Економијата е стабилна, а владата е нејзин партнер.
Реален животен стандард
Повеќе пари за здравство, повеќе пари за образование, повеќе пари за социјална заштита, повеќе инвестиции во локалните заедници. Тоа значи подобри болници, подобри училишта, повеќе градинки, подобри услови за младите и повозрасните.
Нешто што и досега го докажавме.
Развој што се гледа
Овој Буџет не ветува – овој Буџет испорачува. Патишта, водоводи, канализации, болници, училишта, зелени проекти, енергетска стабилност. Граѓаните ќе го почувствуваат Буџетот не низ бројки, туку низ секојдневниот живот.




