Спроведувањето на плановите опфатени со Стратегијата за паметна специјализација ќе донесе раст на економијата и подобар живот во земјата и ќе придонесе за исполнување на стандардите за влез во Европската Унија, изјави за МИА министерката за образование и наука Весна Јаневска, која во Брисел учествуваше на Конференција посветена на стратегиите за паметна специјализација во процесот на проширување на ЕУ

– Имам впечаток дека на сите граѓани не им е јасно што всушност претставува паметната специјализација и колку е тоа важен елемент во нашата земја. Со Стратегијата за паметна специјализација со помош на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (ЈРЦ) се одредени најсилните економски делови на земјата кои треба да се развиваат за да ја подобрат економијата. Значи економијата и растот на економијата во Македонија е поврзана со спроведување на паметната специјализација, рече Јаневска, која го најави и формирањето на првата Канцеларија за паметна специјализација во рамките на МОН.

Таа потенцира дека во Стартегијата за паметна специјализација се одредени четири важни елементи, кои се наречени столбови на македонската економија и ги опфаќаат секторот на информациско-комуникациската технологија, паметното земјоделство, електромашинската индустрија или индустрија 4.0 и одржливите материјали и паметни објекти, на кои се надоврзуваат и два хоризонтални потпорни елементи и тоа енергијата на иднината и туризмот.

– Проценето е дека развојот на овие де факто шест области ќе донесат пораст на економијата и подобар живот во Македонија. Оттука имплементацијата на оваа паметна специјализација е од исклучително значење за прогресот на Македонија, а и за постигнување на стандардите за влез во Европската Унија, односно за вклучување на нашата држава во друштвото на ЕУ, истакна министерката за образование и наука.

Јаневска на Конференцијата се обрати на панелот „Процеси на паметна специјализација во Западен Балкан: клучни достигнувања и искуства“, при што информираше за значајниот напредокот што го постигна земјата во последната година и половина во областа на паметна специјализација.

– Процесот на паметна специјализација е откочен. Претходно, околу пет години ништо не се случуваше во овој дел, а сега како држава со помош на Европската Унија и ИПА фондовите сериозно вложуваме во паметната специјализација и почнуваме да ги чувствуваме ефектите, вели Јаневска.

Таа додаде дека заклучокот од она што можела да го слушне од нејзини колеги учесници на Конферецијата од останатите земји од регионот, е дека сите држави од Западниот Балкан сериозно ја сфатиле работата и се обидуваат да ги исполнат условите што ги бара ЕУ за реализација на паметната специјализација.

– Не можам да кажам дека сме први, но не сме ни последни, туку сме некаде во средината со реализацијата на првиот Акциски план и со почетокот на вториот. Македонија во последнава година и половина има многу вложено и тоа не само Министерството за образование и наука, туку и министерствата за дигитална трансформација и за економија и секако и универзитетите. Паметната специјализација всушност бара обединување на науката, односно универзитетите, индустријата, односно приватниот сектор, државата и цивилното општество, кои сите заеднички треба да комуницираат меѓу себе, да работат на подобрување на продуктивноста и со помош на науката да ја подобрат иновацијата во земјата, вели министерката Јаневска.

Според неа, иновацијата не значи измислување нешто ново или некакви нови патенти, туку подобрување на сите процеси и нивна дигитализација и движење во правец на зелената агенда и дигиталната трансформација, со цел да можеме да се вклучиме во процесите на Европската Унија.

Таа потенцира дека во сите овие процеси на земјава значително и помага Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (ЈРЦ), кој всушност претставува научен центар, преку кој Европската Унија ги гради сите останати политики.

– Ние нема да се вклучиме во ЕУ, сè додека не постигнеме да работиме на ист принцип како и Унијата, додаде Јаневска.

Минстерката во изјавата за МИА посочи дека на маргините на Конференцијата имала и средби со генералниот директор на Заедничкиот истражувачки центар на ЕК, Бернард Магенхан и со директорката за стратегија и политики на ЈРЦ, Сабине Хенцлер, на кои е обезбедена поддршка за земјава во четири значајни правци и тоа супервизија и мониторинг, изградба на првиот научно-технолошки парк, техничка поддршка за отворање на Канцеларија за паметна специјализација и за Национална агенција за иновации и претприемништво – ИНОВА за евалуација во спроведувањето на проектите за паметна специјализација и помош за отворање на дигитален земјоделски центар, кој веќе како лабораторија постои на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ и сега ќе се трансформира во центар за извонредност.

– Средствата што треба да ги обезбедиме за паметната специјализација доаѓаат од Буџетот на земјата и од стопанството. Од ЕУ на сите земји од Западниот Балкан ни замерија дека генерално даваме јавни средства, а дека начелно паметната специјализација функционира кога повеќе се вклучува и кога инвестира приватниот сектор. Но, за да го оствариме тоа приватниот сектор треба да има доверба во државата. Затоа е потребна добра легислатива, рече Јаневска.

Таа посочи дека во тој правец МОН заедно со Министерството за дигитална трансформација веќе донесе Закон за иновации, технолошки развој и претприемништво. Според неа, во сите овие процеси особено е важно вклучувањето на малите и средните претпријатија, на кои државата им обезбедува поддршка, не само преку ИНОВА, туку и преку државни проекти, како и на цивилниот сектор, за кој вели, дека е релативно добро вклучен, но дека има простор и за негова поголема вклученост.

– Тргнати сме на добар пат. Добивме добри усни оценки. Добивме поддршка за четирите значајни елементи што укажува дека треба да бидеме задоволни како држава, а особено Министерството со сето она што го има направено, потенцира Јаневска.

Во однос на последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава на европскиот пат објавен на почетокот на минатиот месец, Јаневска посочи дека во него најмногу забелешки има во делот на правосудството и борбата против криминалот и Владата работи на исполнување на некои од поставените индикатори до крајот на оваа и во текот на следната година.

– Во областа на образованието и науката добивме релативно добри оценки, особено за науката. За образованието не добивме посакувани, но сепак релативно добри оценки. Јас како министер, што ми е и обврска, вложив приговор до Европската комисија дека некои елементи не биле ценети. Го разбирам тоа, затоа што извештајот се подготвува некаде во мај, а до неговото објавување ние дополнително веќе исполнивме и други индикатори, потенцира Јаневска.

Таа нагласи дека МОН ги исполни сите поставени обврски со Реформската агенда за оваа година, а предвреме исполнила уште еден индикатор. Во исто време спровело и многу реформи со усвојувањето нови закони за основното и средното образование и нивна имплементација, а сега подготвува и нов закон за високо образование, кој се планира да се донесе во првиот квартал на 2026 година, како и нов закон за научно-истражувачка дејност.

Јаневска потенцира дека МОН работи не само на она што е предвидено со Реформаската агенда и на она што од нас го очекува ЕУ, туку и на исполнување на стандардите кои се неопходни за остварување напредок во земјата, па така заедно со Министерството за дигитална трансформација се работи на дигитализација во многу сфери, во соработка со универзитетите се отворени научно-истражувачки центри и акцелератори и се инвестираше во формирање на првиот центар на вештачка интелигенција, со што се прават значајни чекори кон подобрување на истражувањата и кон иновациите.

– Сето ова ќе ја подобри економијата. Целата паметна специјализација и она што го правиме во Министерството за образование и наука е поврзано со економијата и тоа е најважното нешто што треба да ни се случи. Дополнително, чесно е да кажам дека и Министерството за економија имаше девет проекти за истражување и наука, а МОН од 45 научни проекти, 15 ги посвети на паметна специјализација, истакна Јаневска.

Според неа, за остварување на видливи резултати на ова поле клучно е да се воспостави координација меѓу министерствата, приватниот сектор, државата и цивилниот сектор, што ќе биде задача на првата Канцеларија за паметна специјализација што ќе профункционира во рамките на МОН.

Таа потенцира дека ЈРЦ во моментов има отворен конкурс за стипендирање на научници, на кој, според нејзини сознанија, веќе аплицирале девет наши истражувачи.

– Апелирам да се пријавуваат и други. Дополнително, догодина планираме да објавиме конкурс за финансирање на научници што ќе работат во ЈРЦ и ќе се вратат во земјата и ќе помогнат во иновацијата на процесите, што би требало да ја подобрат економијата, истакна Јаневска за МИА.

Фото: Архива