Претседателот на СДСМ Венко Филипче го осуди синоќешниот напад на новинарите од Инфомакс и апелира медиумските здруженија да застанат зад своите колеги, а надлежните институции да го расчистат случајот.
Како што истакна Филипче на вонредна прес-конференција, според информациите што ги има СДСМ, напаѓачот е член на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче, кој оцени дека на земјава и се случува српското сценарио, ги повика сите партии, невладини организации, студенти и јавни личности на состанок за, како што напомена, дефинирање на следните чекори за Македонија.
– Синоќа се случи физички напад во живо додека траеше програмата. Ова е најголемиот медиумски инцидент по упадот во А1 во 2010 година. Ситуацијата е алармантна и многу сериозна. ВМРО-ДПМНЕ ја издаде Македонија. Со денови наназад зборуваме за моделот преземен од Србија. Го гледаме истото сценарио како пред десет години кога владееја Груевски и Мијалков. Слободата на граѓаните и медиумите е загрозена, потенцира Филипче.
СДСМ, потсети партискиот лидер, со денови предупредува дека премиерот Мицкоски договорил преземање мигранти во Македонија.
-Со денови бараме одговори дали е договорен план за преземање мигранти, дали ќе им се даде престој, дали ќе им се обезбеди работа, дали потоа ќе добијат македонски пасоши, дали планираат да ги сместат во шатори или да им градат социјални станови. Но, одговор нема, одговорот е јасен, мигранти во јуни во Македонија, рече Филипче.
Тој е дециден дека избори се планирани на пролет.




