Отец Ивица ТОДОРОВ

„Царството небесно прилега и на богатство сокриено во нива, што го нашол човек и го скрил, па, од радост за него, оди и продава сè што има, и ја купува таа нива.

Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде еден скапоцен бисер, оди и продава сè што има и го купува.

Царството небесно прилега уште и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби; и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат надвор. Така ќе биде и при крајот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните и ќе ги фрлат во огнена печка: таму ќе биде плач и крцкање со заби.” Исус ги праша: „Дали го разбравте сево ова?” Тие Му рекоа: „Да, Господи!”
(Матеј. 13, 44 – 51)

1. Првиот чекор во внедрувањето на Царството Божјо, односно на совршената состојба на постоење во нашиот живот е покајанието, духовното будење, стекнувањето свесност и сознание за тоа какви треба да бидеме пред Господа и во Неговата Црква, а и какви не треба да бидеме пред Господа и во Неговата Црква!

Покајанието е духовно – морална граница помеѓу живот во лага, самолага, грев и промашување и живот во вистина, созревање, смисла и радост!

2. Вториот чекор во внедрување на Царството Божјо е решеноста да ги откорнеме од себе, со помош и водство Божјо, сите оневозможувачи кои ни пречат успешно да чекориме по Патот на созревањето, очистувањето, ослободувањето и спасението за Царството!