Официјалните податоци на Централна банка на Албанија покажуваат дека во периодот јануари – септември, вкупните странски директни инвестиции достигнале над 1,2 милијарди евра, што е зголемување од 4,4 отсто во споредба со истиот период минатата година, што се оценува како историски рекорд.
Доколку се погледнат податоците за периодот јули – септември, растот е уште посилен. Странските директни инвестиции достигнале 449 милиони евра, со зголемување од 10,6 отсто во споредба со истото тримесечје лани.
Нивото на странски инвестиции во текот на ова тримесечје бележи значително забрзување, позиционирајќи ја 2025 година како една од најуспешните години за апсорпција на странски капитал.
Главниот фокус е на купувањето недвижности. Во третото тримесечје годинава, приливите главно биле концентрирани во недвижности 31 отсто, финансиско посредување 16 проценти, горива шест отсто, енергија и комуникации. Само во купување недвижности биле инвестирани 392 милиони, или 123 милиони повеќе од пред една година, додека за агентите за недвижности Албанија е сè уште пазар од интерес за странците, се наведува во соопштението од Централна банка на Албанија.
Исто така, и иселениците, што живеат и работат во земјите од Европска Унија, донеле поголем приход во албанската економија. Според Банката, за девет месеци, нивните дознаки до семејствата се околу 817 милиони евра што е зголемување од 5,9 отсто во споредба со истиот период минатата година. Само во третиот квартл достигнале 285 милиони евра, што претставува зголемување од 8,8 проценти.
Фото: Централна банка на Албанија




