Стопанствениците од Пелагонискиот регион го поздравуваат Законот за работно ангажирање лица кој стапува на сила од први јануари, но бараат да бидат опфатени и други дејности, освен сезонците ангажирани во угостителството, земјоделството и услужните дејности, беше еден од заклучоците на денешната седница на Регионалните стопански комори на Прилеп и на Битола што се одржа во Прилеп.
Според Никола Мариноски, претседател на Прилепската регионална стопанска комора, потребни се сезонски работници и во другите дејности, а законскиот ангажман, годишно од 120 до 180 дена да се прошири како и работните часови.
Го поздравуваме законот за работно ангажирање лица што сатапува во сила на први јануари. Во очекување сме на неговата имплементација. Побаравме да има проширување на дејностите, бидејќи, горе-долу, во сите дејности има потреба од работна сила. Министерството за екномија и труд најави дека по првите проверки како ќе профункционира Законот, ќе има можност да се разгледуваат и тие работи. Се надеваме дека ќе им излезат во пресрет на поголемите компании за да може и тие да ангажираат работно вакви сезонски вработувања, но и да се зголеми бројот на денови годишно, досега е до 180 дена годишен ангажман,како и бројот на часови во месецот. Инаку, ваков работен ангажман има потреба во конзервната индустрија и во другите делови на индустриските капацитети, изјави Мариноски.
Министерството за екиномија и труд е отворено за соработка, но прво да се видат ефектите од Законот.
Треба да се има трпение. Да видиме како Законо ќе се имплементира со овие дејности, а понатаму како Влада и Министерство сме отворени за соработка и да се прошири Законот со други дејности според потребите на пазарот на труд. Инаку, бенефитите се во намалувањето на неформалата, сива економија и во работното ангажирање на лица кои недостигаат во дејностите, а тие дополнително да заработат, изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд.
Управата за јавни приходи го поздравува Законот зашто се ефектуира наплатата на даноците за стабилно финансирање на јавните добра и услуги. Освен тоа, помага и пилот проектот кој ќе се имлементира од први јануари, а тоа е системот за е- фактурирање.
Преку овие дополнителни придонеси со Законот, а ќе бидат симболични, се намалува готовината која сега се користи за плаќање на неформално вработените, а претставува невевидентиран промет и приход и помало плаќање на другите даноци. И пилот системот кој се воведува од први јануари за е-фактурирање е во насока на намалувањето на сивата економија, рече Елена Петрова, директорка на УЈП.
Законот за работно ангажирање лица опфаќа дополнителна зарабтувачка на студентите, социјално загрозените, пензионерите и невработените лица. Ќе бидат опфатени вкупно околу 17 000 лица.




