Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, очекува предметот за Законот за јазиците да биде решен следната година, нагласувајќи дека никој не треба да гледа опасност бидејќи „ниту даваат, ниту земаат нешто“, туку се прави усогласување на одредби од законот со Уставот и на крајот резултатот ќе биде многу подобар закон отколку тој што го имаме во овој момент.

Костадиновски, одговарајќи на новинарски прашања за овој предмет на годишната прес-конфренција, рече дека го прати „неверојатен сплет на околности“ и дека за жал две подготвителни седници беа одложени и двете, како што нагласи со објективни причини.

Едната се погоди два-три дена по трагедијата во Кочани, другата во околности кога Управниот суд со своја одлука, на некој начин ни го отстрани судијата известител по тој предмет. Во такви околности се постапува по актот на судот. Во такви околности предметот оди кај друг судија известител, тој има рок од шест месеци. Рокот истече минатиот месец, судијата известител, побара уште еден месец за да го доработи. Моето очекување е дека ќе го добијам во текот на јануари и штом ќе го добијам на работен состанок ќе го поставам прашањето дали ќе продолжиме со подготвителна седница. Јас лично ќе се залагам за подготвителна, но дека тој предмет ќе биде решен следната година, ќе биде решен“, изјави Костадиновски.

Тој нагласува дека сензитивноста на било кој предмет не исчезнува со протекот на времето и овој предмет, како што рече, бил сензитивен и кога бил поднесен пред сега веќе шест години, и сензитивен е и денес, и ќе биде сензитивен и 2030 и 2040 година.

Наша должност е да одговориме и ние како Уставен суд, кога одлучуваме никој не треба да гледа на нашите одлуки како на некоја закана или на некакво давање или одземање права. На нашите одлуки сите државни органи треба да гледаат како пријател, да ја вратиме состојбата на Уставност, да укажеме каде има неусогласеност со Уставот, таа неусогласеност пратениците да ја преточат во законски решенија. Зашто, крајниот резултат од тоа, е дека од таков закон усогласен со Уставот бенефит ќе имаат граѓаните. Ќе имаат подобар закон од тој што е оспорен. Не се однесува ова само на Законот за употреба на јазиците, туку на било кој закон“, изјави Костадиновски.

Во однос на одлуката на Управниот суд за судијата известител за Законот за јазиците и дали се сомнева на политичка позадина, Костадиновски вели дека оваа одлука Уставниот суд да ја донел во рок од три, седум, 15 или 30 дена по изборот „никој ништо немало да збори, но по две години природно е да се сомневаме“.

Во поглед на материјалното право и суштината на пресудата нема да коментирам. Јавно го имам кажано мојот став дека мора да постои судска инстанца што ќе ги оценува конкретните поединечни акти на државните органи во таа сфера, зошто обратното би не свело на султанат. Јас имам искажано сомнеж и затоа го нарекувам чуден сплет на околности и затоа го повикав законодавецот пред пет-шест месеци веднаш да ја поправи таа законска празнина“, изјави Костадиновски.