За да бидеме хумани не треба да чекаме празник или поголем ден за да се вклучиме во некоја акција за да можеме да им помогнеме на оние на кои им треба помош. Треба да бидеме хумани 24 часа, 365 дена во годината. Не можам да бидам хуман само два дена во годината, или сум хуман или не сум хуман, вели отец Оливер Петровски, кој e претседател на хуманитарната организација „Свети Спас“ – Драчево.
Разговорот го водевме во пресрет на новогодишните и божикните празници по повод 10 години од постоење на Хуманитарната организација „Свети Спас“ и за хуманата мисија на отец Оливер, кој вели дека имаат поддршка 365 дена во годината, но најголемите донации што ги примаат се во пресрет на големите празници, како Нова година, Божик, Велигден итн.
– Македонскиот народ е најхуманиот во светот. Тоа е точно и стојам зад тоа поради тоа што сите пакети, од 230 до 250, што ги праќаме месечно на луѓето и сите 210 оброци што се готват секој ден се токму донација од македонскиот народ и од дијаспората, истакнува отец Оливер. Апелира луѓето да се вклучуваат малку почесто во хуманитарни акции зошто, како што рече, не се само 220 семејства загрозени во Македонија, загрозени се многу.
Десет години постоење на Хуманитарната организација „Св. Спас“
Отец Оливер се потсети на основањето на оваа организација и истакна дека секој почеток е тежок.
– Проблем на почетокот беше како да најдеме доволно донатори за да одговориме на сите барања за помош кои пристигнуваа буквално секој ден. Организацијата не беше основана за да и помага на цела Македонија, туку ја основавме за да помага на Драчевската парохија. Брзо се слушна за организацијата и буквално секој ден почнаа да стигнуваат барања и веќе во март-април 2016 година веќе имавме 40-тина семејства во програмата за помош. Веќе во јануари 2016 година, иако организацијата е основана во декември 2015 година, почнаа да се пријавуваат првите фирми донатори, да ни одговораат на мејловите кои ги праќавме, рече отец Оливер. Нагласи дека има фирми кои им помагаат од основањето, како „Ана Ком“, „Рес-ком“ од Ресен, „Рудине“, „Пекабеско“, а подоцна се вклучиле и други компании.
Во декември 2016 година се појавила потреба да се регистрира хуманитарната организација во Централниот регистар и тоа го сториле.
– Уште на почетокот организацијата е основана со благослов од Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во декември 2016 година станавме хуманитарна организација на Скопската православна епархија. Така благослови Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан и од тогаш почнавме да делуваме на сите полиња. Почнавме со реновирање на социјално загрозени семејства. Досега имаме реновирано над 36 објекти, имаме изградено три куќи од темел, имаме поделено многу покуќнина, бела техника, облека… Гледавме да помогнеме на секое поле, а подоцна, за жал, увидовме дека има и доста злоупотреби, како менување одредени производи во маалски продавници, за други производи. За да се заштитиме и ние и да не дозволиме тие донации да завршат во погрешни раце, туку да отидат онаму каде што навистина треба почнавме да работиме со документација. Семејствата треба да донесат доказ дека навистина се социјално загрозени и оти им е потребна нашата помош. На тој начин мислам дека успеавме до некаде да се заштитиме, а денес веќе организацијата ја препознаваат и ако некој знае дека некое семејство поднело барање, а не му е потребна помош, обично ни јавуваат, појаснува отец Оливер.
Посочи дека досега помагале онаму каде биле најпотребни, како по катастрофалното невреме и поплави во скопско Стајковци, по поплавата во Кичево во 2018 година, земјотресот во Драч во 2019 година, во земјотресите што ја зафатиле Турција.
-Постојано сме вклучени во гаснењето на пожарите во Македонија, во носење опрема за гаснење, вода и храна за волонтерите. Гледаме да помогнеме и денес денес, на секое поле, изјави отец Оливер.
Најрадосна акцијата „Подари пакетче – подари љубов“
-Првпат тоа го направивме во декември 2016 година со само еден пункт во Драчево, кога со неколку волонтери стоевме пред маркет во Драчево и успеавме да собереме доволно пакетчиња за семејствата што веќе беа во програмата за помош. Оваа акција се одржува деветта година. Успеваме да собереме доволно донации за училиштата за деца со посебни потреби, за дневните центри, за Детската клиника, за Институт за белодробни заболувања кај децата Козле, Универзитетска клиника за детска хирургија… Имаме доста волонтери кои се вклучени постојано со нас, нагласува отец Оливер.
Како пример наведе дека за еден ден имале пет пункта, а биле вклучени 15 волонтери. Тоа, како што вели, не е мал број, а се работи за осум часа непрекинато стоење и непрекинато зборување со луѓето за да се претставите кои сте и што всушност работите во моментот.
– Луѓето веќе почнаа да не препознаваат. Го препознаваат нашето лого и се вклучуваат во сите акции, за собирање храна и хигиенски средства, за собирање пакетчиња. Јас сум навистина среќен и задоволен што ете успеваме да помогнеме. Силата на некој начин ни ја даваат семејствата на кои ние им помагаме. Кога ќе отидеме првпат и кога ќе видиме тага на нивните лица и откако ќе почнеме да помагаме, кога ќе им помогнеме да застанат на свои нозе, радоста што ја имаат, мислам дека тоа е и најголемата награда. Имаме многу успешни приказни затоа што на многу од тие семејства им имаме помогнато да се вработат. Тоа е основната идеја на хуманитарната организација – да им помогнеме да застанат на нозе и сами да си печалат леб. Реално ниту една организација не може да помага едно семејство цел живот. Онаму каде ќе увидиме дека не можеме да помогнеме во тој поглед, обично се повлекуваме. Нудиме вработување, еднаш, два пати, три пати, ако постојано наидуваме на отпор за вработување, во тој случај ние се повлекуваме и семејството го исклучуваме од програмата за помош, ни раскажа отец Оливер.
Потребни се волонтери, нема старосна граница за волонтирање
Оние што имаат потреба од помош или сакаат да донираат, да помогонат на некој начин, вели дека најдобро е да го бараат на мобилен.
– Бројот сите го знаат, објавен е на социјалните мрежи. Телефонот е секогаш кај мене или кај некој од нашите волонтери, така се одговара веднаш или штом се ослободиме. Секој што сака, што може да се вклучи е добредојден. Не зборуваме само за донации, туку и за волонтерство. Волонтери секогаш ни се потребни затоа што за секоја акција без луѓе не можеме да направиме ништо. Многу често велам донаторите се душата на хуманитарната, но волонтерите се срцето. Телото без срце не може да преживее, потенцира отец Оливер.
Волонтери можат да бидат сите од седум до 77 години. Најмалиот волонтер, како што ни раскажа, има четири години, а најстариот 67 години.
– Нема старосна граница за волонтирање. Важно е дека имаат желба и дека доаѓаат. Тоа всушност е и најважното, подвлече отец Оливер.
На почетокот на 2026 година се очекува отворање десетти хуманитарен пункт
Сите пунктови за поделба на храна вообичаено се во црквите за да се дели топол оброк. Тие се наоѓаат во: црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Горно Лисиче, „Св. Троица“ во Долно Лисиче, „Св. Великомаченик Ѓорѓи“ во Петровец, „Св. Спас“ во Драчево, „Св. Великомаченик Ѓорѓи“ во Кисела Вода, „Св. Никола“ во Аеродром,„Св. Архангел Михаил“ во Автокоманда, „Св. Јован“ во Бутел и „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Ѓорче Петров.
– На почетокот на 2026 година се очекува да се отвори нов, десетти пункт со цел да бидеме поблизу до оние на кои им треба помош. Се чека благослов од Македонската православна црква и од нејзиниот поглавар г.г. Стефан, вели отец Оливер.
Најважната порака – „Да се љубиме“
– Би им ги честитал празниците на сите православни христијани и да се сетиме дека Христос всушност не учеше да се љубиме едни со други безусловно. Да не се гледаме ниту по вера, нација, ниту по политичка опција, едноставно да бидеме добрите Самарјани кои ќе се обидат да го направат светот малку поубаво место за живеење. Свет во кој ќе нема омраза, насилство, во кој ќе цвета само љубовта. Да не одминеме ниту една подадена рака. Без разлика што ние откако ќе помогнеме некого, а можеби ќе ги потроши за алкохол, наше е да му дадеме. Ние да си го направиме своето пред Бога, а тој нека си одговара понатаму. Најважната порака е да се љубиме, порача отец Оливер Петровски.
Магдалена РИСТОМАНОВ за МИА




