Дарко ЈАНЕВСКИ

(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и нужно не ги одразува ставовите на Денешен.мк)

Ја слушам „Калино моме“ од двата концерти на Игор и Ана Дурловски на 16 и 17 декември. Моќно, убаво, воодушевувачки! Всушност, се’ нема доволно зборови. Нема зборови. Има солзи. И не знам зошто не побараме од УНЕСКО и двајцата да бидат заштитени како наше културно богатство. Македонско! Заедно со песната. Не важи тоа за живи луѓе? Ха, добро, ама тоа е статусот што го заслужуваат.
Ним не им е прв пат да ја изведуваат песната. Ги барам на Ју туб и тој ми ги дава. Пред четири години, па и во други прилики. „Назад, назад, Калино моме!“

И потоа, откако виде што барам, Ју туб почна да ми ги нуди сите тие кои ја изведувале оваа песна. Меѓу нив и Бугаринот, Слави Трифонов, оној од „Има таков народ“, докажан антимакедонец. Со тапија. Ете го со две пеачки, врвни, на концерт во салата „Армеец“ во Софија пред 10 години. И Слави не е битен. Двете пеачки не се битни. Битни се 20 000 млади Бугари во салата кои во хор ја пеат песната. 20 000 млади Бугари ја знаат песната и ја пеат. Во хор. Слави молчи. Тој не е многу богат со речникот, иако имаше и свое шоу (не знам дали уште го води откако заплива во политиката). Само вели: „Ова е многу јако“. Ако каже уште збор, ќе заплаче. Зaтоа молчи. „Ова е многу јако“. И толку.

Кај нас 90 отсто од младите не верувам дека било кога чуле за оваа песна. Па, да, тоа не е песна на Цеца, па да ја знаат. Тоа е стара македонска песна. За Слави, „Калино моме“ е стара бугарска песна. Во ред.

Ама таа е една од најубавите песни било кога испеани. Замислете некој сиромав, пред 100, пред 200 години, ја испеал. И таа се проширила. Добро, последната строфа е прилично морбидна, не ја разбирам сосема смислата во контекст на претходните три строфи, но тоа не го руши впечатокот. Таа е една од најубавите песни. И таа и припаѓа на Македонија, им припаѓа и на Слави Трифонов и на Бугарија, таа му припаѓа на Балканот, на Европа, на светот. Таа им припаѓа на сите осум милијарди луѓе на оваа планета во која за мнозинството владее беда, несреќа и сиромаштија. Им припаѓа на сите, зашто емоцијата не е македонска, бугарска, српска, албанска, грчка…

И го прашувам, кого друг, ако не Марко Китевски, уште еден наш кандидат за УНЕСКО, оти ако некој знае, тогаш тоа е тој, но ми вели дека за песната нема историска трага. Не се знае од кој крај потекнува, каде и е изворот. Има слична песна од Гевгелиско, „Врни се, врни, либе Мариче“, зборовите се речиси исти, музиката е сосема различна, но врз таа основа можеме да најдеме некаква наша, македонска историска линија и со „Калино моме“. Ама битно ли е тоа?

Но ете, ако се заинатат, Бугарите и за „Калино моме“ можат да не блокираат во ЕУ. Како велеа оние Бугари од Македонија кои беа кај Радев? Велеа: „Блокада за Северна до смрт!“. Ние сме ги израниле, сме им дале станови, плати, сме им ги израснале децата, а тие нам со блокада до смрт. Но, батали ги нив, тоа е реалноста и во Софија. Или ќе признаете дека „Калино моме“ е бугарска или вето. И ете ја генијалноста на планот на Макрон и на бриселци: ќе мора со Франција и со ЕУ, со Фон дер Лајен или Каја Калас (Бог да чува и да брани) да се расправаме кој ја испеал „Калино моме“. Па и да утврдиме дека бил од Македонија, Бугарите ќе речат дека тој е историски Бугарин и пак ќе не блокираат. И ќе речат: вие имате проблем со ЕУ, не со нас. И ние пак на Макрон, на Лајен, на Калас ќе треба да им објаснуваме…

А, пак, „Калино моме“ ја пеат и Игор и Ана и Слави Трифонов, и нивната Преслава на еден концерт пред шест години… и пак, тоа е песна која им припаѓа на сите осум милијарди луѓе. Но, не, или сте Бугари, или Калина е Бугарка или вето. До смрт.

Па го слушам нивниот Костантин Костадинов како во бугарскиот парламент вели дека Македонците се Бугари, а Македонија е втора бугарска држава. Класичен акт на агресија и омраза. Да може, типот со тенкови би ни влегол среде Скопје. Класичен акт на агресија, на омраза, на навреда, на вулгарност кон нас. И тоа е во ред, нели?

Па пак ги пуштам Игор и Ана, и пак го пуштам Трифонов. Мене не ми пречи. Убав концерт во„Армеец“. А, Блаже Конески, ми вели Марко, своевремено напишал дека до 1850-тие години на 19 век, многу српски влијанија и песни поминале низ Македонија.

Од друга страна, фолклористот, Бугаринот Николај Кауфман, кој мислам дека всушност е Ерменец, ама не е ни битно, вели дека при „големите преселби на Македонците во Бугарија во 1902/03 и 1913 година“, се преселиле и „многу македонски песни кои и ден денес се пеат во цела Бугарија“.

И сега, која песна, чија е? А, ако и нема траг, по ѓаволите, можеби е донесена од Зрењанин во 50-тите на 19 век, па во почетокот на 20 век, преку Македонија завршила во Бугарија (баш би сакал тогаш да го видам Љупчо на Снешка бизнисменот кој, за жал, ни беше и премиер). Кој би можел да каже?

И ние тоа треба да им го објаснуваме на Макрон, на Лајен, на Калас и на кој уште не… Ете, тоа е тоа што Заев го прифати, а Бујар Османи го потпиша. И сето тоа, нема никаква врска со тоа дали Бугарите ни се во Уставот или не се. А Слави си ја пее својата песна, Игор и Ана си ја пеат нашата. Толку е едноставно. Ние сме и сме биле Македонци, тие се и биле Бугари.

А, сепак, кога е толку едноставно, зошто не блокираат Бугарите? Не би ме зачудило ако испадне дека и тие немаат поим.

Но, можеби блокадата има врска со тоа што го заклучил еден врвен македонски правен експерт со кого, неформално, се сретнав пред десетина. Вели човекот, од тоа што го видел во оваа година ипол, од тоа што го затекнала новата Влада, системот на оваа држава во оние проклети седум години на Заев и Заевци, од кои сега еден дел станаа вмровци, е толку уништен, толку срамно деградиран, што тоа не може да од незнаење. Тоа е веројатно намерно. Му велам, немај дилеми, намерно е. Свесно е. Целта е да се уништи Македонија. Да ја снема.

И ете го, два-три дена по овој разговр, Али Ахмети бара Бадентер при изборот на Владата во Собранието и при гласањето во Уставниот суд за законите кои се донесени со Бадентер.

Јас уште пред десет години сто пати повторував: тоа што се бара од нас, а што подоцна го прифатија Заев, Димитров, Османи и целата таа деликвентна компанија, води кон распад на Македонија. Не наеднаш, туку парче по парче. И работа на оваа Влада е тоа да го спречи. Да се надеваме дека приказната со заминувањето на Коцевски, кој требаше да биде сменет, сеедно дали тоа ќе влезеше во некаков си извештај како негативна оценка за оваа Влада, а не да му се дозволи да даде оставка, зашто тоа тој не го залужува, значи, да се надеваме дека ова негово заминување е само дел од таа борба да се спречи тоа што ни го најавуваат. Оти системот, како што реков, е тотално, непојмливо и апсолутно исчашен. И Коцевски, треба да биде само почеток. А, крајот? Крајот е далеку.

И пак ја пуштам „Калино моме“. И пак. и пак.

И исто е. И на македонски и на бугарски. И, повторно велам, ако тие имаат поим зошто не блокираат, ќе бидам многу зачуден. А, впрочем, можеби не блокираат токму зашто е исто или тука некаде. Исто, а во исто време различно. Само што ние немаме проблем со бугарските концерти на Слави. Тие имаат проблем со македонските концерти на Игор и Ана. И оди сега разбери се со Брисел. Кој е заинтересиран за оружјето и за тоа како да се спаси Могерини. Или пак со глупавите прашања на нашите т.н. новинарчиња кои како папагали повторуваат: „А, што правиме со евроинтеграциите?“ Тапчовци, ако вас ви се признава дека деовците и бабите ви биле Бугари, ако носот не ви гледа подалеку од тоа дека со таквото менување на идентитетот ќе се распадне Македонија, а вам ви е гајле, зашто сте се нафатирале со странски, па и со домашни пари, е тогаш имаме проблем. Зашто работата е: Или вие или ние!

А, патем, тоа ли беше целта на Заев и компанијата, заедно со онаа што им беше министер во Владата, а која сега ја избрале во Венецијанската комисија? Да се распадне Македонија, ние да признаеме дека сме Бугари и да се припоиме кон Софија?

Е, „това, братја шарени Македонци“, „това нема как да стане!“