Американскиот претседател Доналд Трамп ја дочека Новата 2026 година со прослава во својот клуб Мар-а-Лаго на Флорида, каде што на аукција беше продаден тукушто насликан портрет на Исус Христос за 2,75 милиони долари, додека како новогодишна желба наведе „мир во светот“.

Портретот во текот на вечерта, пред гостите, го наслика уметницата Ванеса Хорабуена, која Трамп ја опиша како „една од најголемите уметници во светот“, пишува „Гардијан“.

Трамп истакна дека уметницата може да создаде „прекрасен портрет за Белата куќа“ или „неверојатна слика за буквално 10 минути“.

Додека бендот изведуваше забавена верзија на песната „Алелуја“, Трамп ја повика уметницата да „нацрта нешто посебно“ и ја отвори лицитацијата со 100.000 долари. Тој наведе дека половина од приходите од аукцијата ќе бидат донирани на Детската болница „Сент Џуд“, а другата половина на локалната шерифска служба. Портретот на крајот беше продаден за 2,75 милиони долари.

Меѓу гостите на гала вечерта беа поранешниот советник на Трамп, Руди Џулијани, американската министерка за внатрешна безбедност Кристи Ноем, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со сопругата Сара, емиратскиот милијардер Хусеин Саџвани, како и повеќе политички и јавни личности од САД.

Пораката на Трамп за „мир во светот“ беше упатена во моментот кога новинарите го прашаа за наводниот напад врз едно пристаниште во Венецуела, за кој се тврди дека го насочила ЦИА.

Новогодишната прослава во Мар-а-Лаго, на која претходните години присуствуваа бројни познати личности, претставува долгогодишна традиција, а цената на влезницата изнесуваше 1.450 долари.

На прославата ѝ претходеше ден со објави на Трамп на социјалните мрежи, во кои тој остро ги критикуваше политичките противници и ја фалеше економската политика на својата администрација, најавувајќи истраги поради, како што наведе, големи финансиски злоупотреби.

– Ќе стигнеме до дното на сè. Тоа беше огромна измама, порача Трамп, додавајќи дека и покрај сè, „новата година ќе биде одлична“. (МИА)