Дваесет и осум лица се спасени по потонувањето на туристичко бротче во Црвеното Море, во близина на пристаништето Хамата, јужно од египетскиот туристички центар Марса Алам, објави весникот „Ал Ахрам“.

Туристичкото бротче „Ла Вила“, на кое имало 20 туристи од различни националности и осумчлен египетски екипаж, удрило во морското дно и се заглавило. Блиски пловни објекти помогнале во евакуацијата на сите 28 лица и нивното враќање на брегот. Во инцидентот нема загинати или повредени.

Надлежните органи започнаа истрага за да ги утврдат причините за несреќата.

На крајот од ноември минатата година туристичко бротче потона во близина на Марса Алам, при што сите 30 лица на бродот, меѓу кои и девет членови на екипажот, беа спасени. Една година претходно, во сличен инцидент со бродчето „Си Стори“ кај истото одморалиште загинаа 11 лица, додека во март 2025 година шест лица загинаа, а девет беа повредени при потонување на туристичка подморница кај Хургада.