Братислав ДИМИТРОВ
ЧУДЕН СОН
Јас да се прашувам, Нова година ќе се слави секој месец. Знае овој народ да се развесели и кога не му е до веселба. Едноставно умее. Го бива. Што да ти расправам? Сме си поминале како Јованка и Тито на Бриони. Таква веселба не се памети. Се собравме кај мене дома, дека имам двособен проширен стан и не мразам гости. Дојде баџото со хармониката, жената и децата. Комшиката Севда мораше да дојде со сопругот дека е ептен љубоморен. А јас и мојана со децата не дојдовме, прибидејќи веќе се наоѓавме во станот. Мало друштво ама „одабрано”. Децата околу елката, ние околу прасето. Прасето 26 кила жива мера. Го „лишивме” од живот во понеделникот и право во фурна. Кога го посетивме во вторникот, прасето реш испеченено како синдикалец на плажа во Отешево. Прасе ти е голем изум.
Море кога удривме едно мезење, јадење, пиење… Море цела вечер вицеви, шали, комики, смешки… Цепки! Кога испивме и изедовме сѐ, баџото ја растегна тоа хармониката, па кога викнавме едни патриотски песни, цела зграда ечеше! „Ај Каљинка, Каљинка..”, „Ој Дунаве Дунаве…”, „У тем Сомбору…”, „Кафу ми драга испеци” а „Лепи громе мој“ одеше и на бис. Пред да се разделиме, падна договор и за Старата нова година.
После си легнав и сонував чуден сон. Тргнав по боза и некаде пред влезот на слаткарницата „Кај апче”, стои една девојка и ми мафта со раката. „Зошто и мене не ме повикавте на прославата”? Ме праша со некој глас како ехо од далечна планина. Гледам стои боса а нејзините очи ја менуваат бојата… Ги фрлив тоа шишињата со боза и кога удрив еден шпринт накај дома!
Се разбудив исплашен, испотен и да ми извините на израз, помочан.
НЕШТО МИ ГОРЧИ ВО УСТАТА
Не се жалам. Убаво си поминав. Во јавни објекти не славам Нова година. Ми пречи дим, гласна музика и ждригање на уво. Тешко поднесувам и кога некој ми гази на кондурите. И во кино одамна не славам. Главната награда печено прасе, секогаш ја добиваше некој друг. Со години чувствувам како нешто ми горчи во устата. Ме испитуваа многу лекари и бајачки. Никој не знае што ми е. Џабе би уплатил во кафеана. За мене сите јадења и пијалоци имаат еден ист горчлив вкус. Сите лица ми се исти. Музиката е само редослед на тонови и е измислена за тие што не ја слушаат природата. Повеќе сакам тишина. И тишината ме сака мене. Така живеам со години. Како ја пречекав Новата година? Во интимно друштво. Бев сам дома. Не сакам публицитет. Сакам филмови. Комедии. Снимив 12 филмови и неколку пати слатко се изнасмеав како некој да ме скокоткаше. Помеѓу третиот и четвртиот филм направив пауза. Излегов на балкон и…
Долу на тротоарот стоеше чудна девојка и ме гледаше со поглед како да се знаеме отсекогаш. „Зошто не ме покани да ја славиме заедно Новата година?” Ми прошепоти топло и нежно како насмеани бебешки обравчиња, а јас не знаев што да кажам. И таман нешто да гукнам, девојката летна како самовила и долго време блескаше на небото со своите дијаманти!
НЕКОЈ СТОИ НА ВРАТАТА
Ноќ. Ентериер. Меана крај патот, искитена со сѐ што собрале од украси, до „муда од лабуда“. Во аголот оркестар, неколку дена пред пензија. Порочна певаљка со бујни „сифони“ и прозирна мини сукња под која вриштат црвени танги, боже ме прости. Наоколу расположени гости, ко да е последна Нова година. Едните играат чочек на маса, другите кршат чаши, третите повраќаат со нечија рака на челото. Кога атмосферата го доживеа својот разуздан зенит, музиката наеднаш престана! Пауза. Тишина. Штама. Мукла. Се слуша само баботење на срца, како летен дожд по околните стреи, олуци и нашето босоного детство. Бескрајно бавно сите ги вртат своите стуткани чела и без здив зјапаат во ист правец…
На вратата стои девојка. Има очи со боја на мед и фустан од дијаманти. И тогаш, една фрлена чинија како змија отровница се зари во нејзиниот врат.
Тогаш настана општонародна тепачка, за незаситните потреби на црните хроники. Мрак!
Излегувам од слаткарницата со две шишиња боза и застанувам како закопан. Кој сум јас? Како бе кој сум јас, па нели ја прочитавте првата приказнна? Тој сум јас. Сега веќе не знам дали е сон или јаве. Една преубава девојка ми се смешка и ми предлага заедно да ја славиме Новата година. Јас како родител, сопруг и домаќин, се засрамив и наместо во земја, погледнав кон небото. На неговата тиркизна кожа се отвори лута рана од која бликаа водопади крв над цело Дебар маало. Ги фрлив шишињата со боза и почнав да бегам во „слоу моушн”, додека во ушите ми ѕвонеше нејзиното име кое почнува на М…
LUSY IN THE SKY WITH DIAMONDS
Абе шо ме прашуеш такви моронски прашања чоече? Ние свака вечер пичиме до сабајле. Нова година е за домазетовци и „папучари“ кои не смеат да припарат а камоли да остануат после полноќ у кафана. Шо ме глеаш така, ко да не си ги видел Буч, Касиди и Кид. Пошо глеам дека си глуп, ќе ти повторам: Нас секој ден ни е Нова година. И шо да славам? Завршив факултет и седум години барам работа… Не ми се приближуј толку! Така и вечерта една наркохоличарка ми се залепи у фаца. Ме гледа онака, ‘ко давеник сламка и замисли шо ме праша. Сакаш да ја чекаме заедно Новата година? Ја ќутам ко тенекија на шупа, а она ко на подкаст нешо збори ли збори, збори ли збори, збори… А после брзо ме баци у чело и негде испари! Уше многу време не знаев шо се деси и осеќав некој чуден шит у устата. Кај бев за Новата година? Прашањето е, каде беше Новата година кога ја бев тука?
Не знам што ми стана. Одненадеж и од некаде, како небесна свила ме покрија звуците на чудесната симфонија „Луси на небото, со дијаманти”.
САМОВИЛА ГРАД ГРАДИЛА
Каде? Се знае. На плоштад. Традиционално. Сега кога ќе се сетам на тие пионерски денови, спомените сами навираат. Почнавме од „вилушка и лажица” како што велат младите брачни парови. Но со голем ентузијазам и самопрегорна работа успеавме да привлечеме сѐ повеќе славеници на прекрасната калдрма (после мермер) на плоштадот Македонија после Северна, а за најпосле ќе видиме. Можеш да се кладиш дека тука не завршуваат нашите амбиции. Напротив. Денес се носиме со идејата, да изградиме уште некој плоштад, бидејќи секој ден сѐ повеќе луѓе остануваат на улица, а сите тие се потенцијални славеници.
Цела фамилија во ѕиври, шалчиња, капи на уши, поткошули и волнени чорапи во чизми, плус нараквици. Па нека студи колку што сака. Ако треба ќе испиеме и по еден литар антифриз, ама ќе се веселиме ‘ко луѓе. И оваа година ќе беше лудо и незаборавно, да не беше оној несреќен инцидент. Една девојка се качи на бината и праша зошто не сме ја поканиле на прославата? Цел плоштад молчи и вџашено ја гледа, а таа почна да пее „Самовила град градила…” Институциите на системот експресно интервенираа во согласност со уставот и законите и ја ставија во едно комбе, сино или жолто, не ме фаќај за збор. Си продолживме со нашето новогодишно ѕенѕање како ништо да не било, но уште долго време ја чувствувавме на усните горчината од овој немил настан…
ШТО ПОДАЛЕКУ ОД НАШИ ЛУЃЕ
Лани бевме во Баден-Баден и Визбаден. Како да ти објаснам? Тоа ти доаѓа нешто како Штип и Пробиштип. Оваа година скокнавме малку до Дубаи колку да не е без ич. А и убаво друштво таму се собира. Сите весељаци! Првично планиравме Новата година да ја славиме на Северниот пол, ама откажавме. Голема криза фати. Дојде време да не можеш своја рака во туѓ џеб да ставиш. Во Македонија не славиме со години. Овој народ ни се води ни се тера. Од таков народ нема спас ни во странство. Замисли, си седиме во некое хотелче „Риц” или „Хилтон“ беше, си мезиме разни морски плодови со шампанско и одеднаш до нашата маса се створи некоја шлакната женска и ни едно ни две, нѝ кажува дека доаѓа од далеку за да биде со нас во Новогодишната ноќ. Ни ја загорчи цела вечер. Што подалеку од наши луѓе.
ШТО НАВИСТИНА СЕ СЛУЧИ?
Само Господ знае што се случи. Секој е зафатен со работа. Си работи за своето општо добро. Парарелно со тие патриотски активности, околу овие мистериозни настани постојано се плетат разни митови и легенди. Едни тврдат дека тоа е случај на масовна траума и хипноза. Други мислат дека се работи за девојка со нарушена психичка состојба бидејќи при распитот изјавила дека се вика Македонија. Трети се убедени дека девојката всушност е метафора. Тогаш што се тие што ја виделе таа метафора?
Не знам. Прашај ме нешто друго. А најдобро е ништо да не ме прашуваш. Со години не излегуваме никаде. И таа ноќ бевме дома. Печевме костени и лупемве јаболка, додека во собата трепереше сребро и злато од небесната воздишка „Зајди зајди, јасно сонце…” Во едно глуво доба, некој силно чукна на вратата и јас истрчав да видам кој чука толку доцна во оваа новогодишна ноќ. Надвор немаше никој и ништо. Долго време стоев сам во тој ноќен катран. И додека ветрот фучеше и пискаше низ крошните на дрвјата и моите смрзнати прсти, почувствував длабока метафизичка болка, на местото што нашите баби го нарекуваа „лажичка“. Влегов дома и го гушнав ќумбето. Над него календар со некоја чудна дата. 1 Коложег (јануари) 1959 година, ден на Св. Бонифациј Милостив. И замисли, јас сум дете. А денес? И денес сум дете, само во пензија.
Ете. Така беше. Жими мајка.
МИА




