Слаѓана СТОЈКОВА КОСТОСКИ за МИА

Во време кога младите сè почесто се оддалечуваат од духовните и традиционалните вредности, во струшкото село Враништа, 60-тина деца учат како верата, културата и современиот живот можат да одат рака под рака. Меѓусебната почит и одговорност, духовниот живот и традиционалните вредности се основните работи преку кои ја градат својата личност врз темелите на духовното, традицијата и заедништвото.

По примерот на соседните православни цркви, обединети во правславна младина веќе пет години овие ентузијасти на возраст од 5 до 20 години ја негуваат православната култура, редовно посетувајќи свети богослужби, часови по веронаука, но и други животни вештини, а својата креативност ја изразуваат и на тематски работилници.

Црковното здружение формирано е во 2020 година на иницијатива на парохискиот свештеник, отец Ристе Наумоски и група родители, а со благослов на сега упокоениот Дебарско-кичевски митрополит, господин Тимотеј. Името му го дале по примерот на другите православни младини „Православна младина – Вранишка парохија“.

Целта, според отец Ристе, не е оформување радикални верници, туку напротив, како што рече, со Божја помош младите разумно да користат се што нуди современиот начин на живеење и да прераснат во воспитани, здрави и зрели личности.

– Нашата цел беше и ќе остане, сите да учествуваат во активностите согласно своите можности и способности, како во црковниот хор, така и во останатите активности. Да нема селекција на ниту едно дете, вели отец Наумоски.

Поддршка, нагласи, добил од родителите, кои пред се прифатиле редовно да ги носат своите деца на литургија во неделите. Тие, подвлече, дека му се крилја за помош во успехот. Посебна благодарност упатува до Јулијана Кицеска, со која вели дека се надополнуваат во идеите и нивна реализација.

– Полека, трпеливо, на почеток имавме околу 30 дечиња. Сега бројката е речиси двојна. Поделени во неколку возрасни групи, почнувавме од пет до 15 години, но сега возрасната група стигна до 20 години, појасни отец Ристе.

Поддршка од митрополитот г. Георигиј: Ваквите иницијативи нудат стабилна духовна насока и здрав темел за личен и заеднички развој

Вранишката Православна младина поддршка добива и од новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија г. Георгиј. За него „Православна младина“ при Вранишката парохија претставува значаен и благословен чекор во пастирската мисија на Црквата, особено во грижата за духовниот раст и воспитувањето на младите.

-Преку ваквите иницијативи, децата и младите, растејќи во Црквата, се поучуваат во Христовото учење, вградувајќи ги духовните и моралните вредности во нивниот живот уште од најрана возраст. На тој начин се создава простор за нивно духовно обликување, каде верата не се доживува како обврска, туку како живо искуство градејќи се преку христијанските добродетели – љубовта, смирението, меѓусебното почитување и одговорноста кон ближниот, истакна митрополитот Георгиј за МИА.

Во современото општество исполнето со бројни искушенија и предизвици за младите, според него, ваквите иницијативи имаат особено значење, бидејќи нудат стабилна духовна насока и здрав темел за личен и заеднички развој.

– Тие ја зацврстуваат врската меѓу младите и Црквата, поттикнувајќи чувство на припадност, заедништво и активна улога во црковниот живот, со што се гради генерација која ќе ја живее и сведочи верата со дела, нагласи г. Георгиј, кој ја поддржува иницијативата од почетоците како претседател на Библијското здружение на Македонија во Скопје.

Во знак на благодарност најмладите му приредија топло добредојде по неговото назначување за митрополит на Дебарско-кичевската епархија.

Прилагодени програми според возраста

Покрај редовното присуство на светите богослужби изминатите пет години дечињата поминале низ разни едукативно-црковни и поучни работи.

– Програмите се прилагодени според возраста. Покрај редовно посетување на светите богослужби имаме и часови по веронаука, креативни работилници на кои изработуваме бројаници, сликаме на дадена тема… Не сме сконцентрирани само на вероученијето, мораме да имаме и за световното, тоа го правиме преку игри, проекција на (не црковни) филмови од светски жанр со поучна содржина, што будат интерес кај децата, истакна отец Наумоски.

Меѓу другото идејата, според свештеникот, е барем малку да ги оддалечат децата од електрониката и социјалните мрежи, а слободното време да го користат изразувајќи ја сопствената креативност.

– Гледаме дека децата се зависни од социјални мрежи. Кога имаме дружење, не користиме мобилни телефони. Сите ги ставаме на едно место и почнуваме со нашата задача. Секоја задача не се дава со наредба, туку се прави со добра волја, голема љубов, покрај Христос, осознаваме за светот, дека сме машки, дека сме женски, биологијата…, вели отец Ристе.

Промоција на македонската традиција надвор од границите

Членовите на Православна младина – Вранишка парохија ги посетиле речиси сите цркви и манастири во државата, а учестувале и на голем број црковни манифестации во соседството.

-Во Грција први отпеавме на македонски јазик тропар во манастирот Свети Стефан на Метеори.

Чести гости сме во Црна Гора, каде секоја црковна заедница има вероучилиште и со речиси сите сме збратимени. Нашите дечиња облечени во традиционални струшки носии учествуваа во Литијата за свети Јован Владимир во Бар. Сме учествувале на сеправославниот детски собор во Цетиње, а во 2023 година бевме дел и од Сеправославен детски собор во Црна Гора, со гордост раскажува вранишкиот свештеник.

Македонската култура ја презентира и преку многубројните изложби со негови рачни изработки на македонски обележја, кои го отсликуваат македонскиот идентитет.

За поголема промоција на македонските традиција и култура, како и светилиштата во охридско-струшкиот регион, Здружението организира летен камп на кој учествуваат деца од црногорско-приморската митрополија и од вероучилиштето во Подгорица. Тука имаат можност гостите на својот мајчин јазик да ја презентираат својата култура и традиција.

Бадникова поворка по старата струшка традиција

Членовите на Здружението, според отец Наумоски, ги почитуваат сите обичаи, кои не се во спротивност со црковните норми и го отсликуваат македонското.

– Моравме да се вратиме и кон традицијата. Преку традиционалните елементи, ние се разликуваме од останатите наши соседи, затоа сме и Македонци, вели отец Ристе.

Бадниковата поворка во Враништа, се разликува од останатите во Македонија. Тоа се темели на долгогодишните истражувања на отец Наумоски, според чии сознанија, старите струшки семејства, Бадник го честувале со носење икона од Рождството Христо, и пеејќи ја песната Дјева днес.

-Се распрашав и кај постарите жители на селото Враништа и тие ја имале истата традиција. Ние се вративме на нашиот македонско-словенски елемент на славање на Бадник со Бадникова поворка и пеење на песната Дјева днес. Целосно го запазивме струшкиот мелос со помош на демо снимки на поранешно пеење. Прво ја пееме Дјева днес, а потоа Вечниот бог и други песни исклучиво на нашиот начин, посочува отец Ристе.

Појасни дека децата најпрво присуствуваат на светата литургија, се причестуваат, а потоа со иконата од Рождество Христово поминуваат низ сите улици во селото каде се дарувани од мештаните.

Пет години, мал, но значаен јубилеј за Православна младина

Неодамна Православна младина прослави пет години од постоењето, мал но за нив значаен јубилеј. Пред присутните гости се претставија со дел од активностите кои ги реализирале изминатите пет години.

– Прославивме мал, но за нас многу голем и значаен јубилеј, пет години Православна младина. Пред нашата публика се претставивме со сите досегашни активности. Настапивме со црковни песни, но имавме изведба и на неколку модерни танци, со што покажавме дека духовното и световното можат да бидат заедно. Со тоа дадовме до знаење на сите присутни, дека едното и другото се може, ако се сака и ако се има жилба, да се оствари, нагласи отец Наумоски.

Црквата е место каде верата се учи со радост

Учеството во Православна младина најмладите велат дека ги научило на многу важни животни лекции. Воодушевени од активностите и насоките кои им ги дава свештеникот говорат за важноста на добрите дела и патот по кој треба да чекорат.

-Преку учеството во младината научив многу убави и важни работи, како за духовниот живот, така и за меѓусебната почит и одговорност. Соработката со отец Ристе е одлична и претставува голема поддршка за сите нас, а целокупната атмосфера во младината е позитивна и исполнета со заедништво. Редовното присуство на светите литургии кои претставуваат прочистување на душата и внатрешен мир, а преку нив се учи за вистинската цел на нашиот живот, љубовта кон Бог и кон луѓето, како и за важноста на добрите дела и правилниот пат по кој треба да чекориме, изјави Симе Шиникоски, ученик во трета година.

Единаесетгодишната Стефанија, е од самиот почеток со младите и вели дека и е најубаво на службите.

– Секоја недела учиме нешто ново, благодарение на дедо попе, отец Ристе, секогаш ни е убаво во црква. Тој не учи на нашата вера, а активно учествуваме и на лигургија. Кога имаме можност патуваме, низ Македонија а и надвор. Јас многу сакам да пеам, да ги учам песните, заедно со сите другарчиња, раскажува Стефанија.

Од петгодишна возраст, членува и Викторија, која Православна младина ја гледа како второ семејство.

– Отецот секогаш ни раскажува за Исус, за неговата љубов и за тоа како треба да се однесуваме еден кон друг. Учиме да се молиме, учиме црковни песни и најважно од се, преку православната младина запознав многу другарчиња, додава Викторија.

Од најмала возраст членува и Сара Ставреска која вели дека редовно оди на неделните литургии, каде научила како правилно да се моли и да пее црковни песни.

– Уште од мала со моите родители почнав да одам на неделните литургии и станав член на православна младина. Благодарение на отец Ристе научивме како правилно да се молиме и да ги пееме песните за Христа Бога, истакнува Ставреска.

Со својата посветеност, искрен ентузијазам и отворен пристап кон младите, Православна младина – Вранишка парохија веќе пет години претставува пример како Црквата може да биде живо место на учење, дружење и духовен раст. Негувајќи ја верата, македонската традиција и меѓусебната почит, овие деца и млади чекорат по пат кој ги гради не само како верници, туку и како одговорни, зрели и свесни личности.

Фото: Архива Православна младина – Вранишка парохија