Власта агресивно ги стави канџите на сите институции и ги злоупотребува во свои политички цели, стои во соопштението на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, кое го пренесуваме интегрално.

Правосудството е окупирано, се прави притисок врз Судскиот совет, обвинителството се става под контрола, премиерот Мицкоски врши притисок врз обвинители и ги нарекува „медиокритети“, полицијата е целосно партизирана, се носат резолуции за замолчување на опозицијата и рушење на демократијата.

Во вакви услови, секој разговор за укинување на техничката влада не е само неодговорен, туку и опасен по демократијата, процесите на земјата и ја загрозува слободната волја на граѓаните во изборен процес.

Техничката влада е единствениот обид за чесни и фер избори и мора да остане.

Со техничка влада, со која има присуство на опозицијата во владата, може да има контролен механизам за изборен циклус и институционална рамнотежа.

Надзорот на граѓаните, со 65 илјади камери, овозможува и следење на сите движења а нема соодветно законско решение за контрола и заштита од злоупотреби. Со технички министер за внатрешни работи од опозицијата ќе значи гаранција дека овој систем нема да се злоупотреби за следење на граѓаните или опозицијата за време на кампањата.

Државата не е зрела за укинување на техничката влада затоа што повторно се врати начинот на владеење и злоупотребите на институциите од времето на Никола Груевски.

Секој што поддржува укинувањето во овие околности го поддржува криминалот и корупцијата на власта.

Злоупотребите на институциите ги гледаме секојдневно.

Техничката влада е неопходна како последна институционална брана за демократски избори и заштита од злоупотреба на државните институции во време на изборен процес.

Фото: Архива