Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и нужно не ги одразува ставовите на Денешен.мк)
Велелепната интелектуално-обвинителска величина, Чарлиевиот ангел на срамниот документарец или што и да беше тоа, на уште посрамниот Би-Би-Си, Ленче Ристоска, ни помалку ни повеќе, туку побара извинување од Мицкоски затоа што се препознала во некоја негова изјава за обвинителски медиокритети.
Па згора на тоа, се жалела и до она креатурно тело наречено Совет на јавни обвинители дека со тоа чувствувала притисок врз нејзиниот професионален интегритет и работа.
Така добивме уште една поларна мечка во оваа држава која смета дека ужива заштитен статус. Значи, за Ристоска не смее ништо да се каже. Посебно ако тој што кажува, сеедно споменал име или не, се вика Мицкоски. Тој има да работи од сабајле до полноќ, да најде пари, да и им ги даде на Ленче и компанијата, и да молчи. А, и Кочоска, да не мрчи многу. И не само за Чарлиевата компанија, туку и за Советот и за обвинителите и за кој уште не. Живко Мукаетов да ги снабди со суплементи, од Крушево да се донесат локуми, ако имаме амбасадор во Бразил нека прати кафе, од Турција Ердоган да ги снабди со сок од цедени калинки… и се да биде потаман. За да бидат независни. И професионални.
И кон се’ тоа, најважно од се – да се молчи. Штама. Како кога дома имате бебе од неколку денови кое спие. Мува да зазуи, ќе и кажете да почека.
Е, сега претседателот на најмоќната држава во светот, еве ај, да не се најдат погодени некои други кои не баш го милуваат, па ќе кажам претседателот на една од најмоќните држави во светот, Доналд Трамп, за некои судии во американскиот правен систем, систем на кој своевремено, во осумдесетите години на минатиот век, како студенти му се воодушевуваме, вели, цитирам: „корумпиран“, „лев лудак“, „корумпирани судии на длабоката држава“, „расипан судија“, „непријателски судии…“ итн. итн. И никој не прави драма околу тоа. Нема жалби, нема барања за извинување, нема поплаки. Иако за некои судии веројатно е во право, а за некои – не! Но, тој го вели тоа. Корумпирани, лудаци, расипани, кукли на длабоката дражава… Патем, тој е тој што ја назначи и Памела Бонди за главен државен обвинител на САД, безмалку уште во првиот час откако му ја зачистија фотелјата во Белата куќа, ако воопшто си дозволил да седне во старата, а не во нова, специјално направена за него. На „Пластичарска“, нели. И платена без фискална. И повторно никој не прави драма околу тоа.
А, Мицкоски, Владата и Собранието беа фини – го оставија Коцевски, наследникот на прославениот Јовески, повеќе од година и половина. Еднаш рекоа дека над 80 пријави против бившата власт седат во фиоки. Втор пат рекоа дека се стотина пријави, Рекоа, и остана на тоа. Го оставија да ги избрка Хајрулахи и Цветановски заради случајот со милионските бонуси на криминалното СЈО, чиј член беше и навредената. И која, ако не се лажам, е дел од тој предмет за бонусите.
Обвинител кој „кркал“ бонуси во неуставно СЈО. И се’ тоа е во ред, ама Мицкоски прозборел и – паника до небо. И жалби до Бејли.
И си велиш, еј, замисли, си бил обвинител во неуставното СЈО, кое Уставниот суд не собра сили да го истури во првата канализација поклопена со шахта со она сонцето со шеснесет краци кое Заев го брусеше, да бидеш дел од тоа неуставно СЈО кое беше впрегното како најкрастава мазга од страна на муртинскиот интелектулец во проектот за смена на името на Македонија и поништување на македонскиот идентитет, и од друга страна да се дрзнуваш да глумиш жртва на „непрокопсаниот“ премиер на оваа држава. Кој не се вика Заев. И кој уште за сто години не може да ги достигне Заевите умствени достигнувања. Достигнувања кои велат: „Have a New Year“. Е, па, навистина нешто е гнило во Данска. Не кај нас, зар не?
И сето тоа, додека во исто време, стотици други редовни обвинители, мака мачеа за своите плати. Според некои доволни, според нив – мали, но тоа е тоа. Како и во секоја друга област во оваа држава. Зашто и тие пари, некој таму во Бунарџик, во Макстил, во УСЈЕ, стоејќи осум часа над машина, треба да ги одработи, за да му се земе данок и да им се даде и на обвинителите и на сите други. А, чергата е толку долга колку што е.
Патем, кога е Ристоска и компанијата се во прашање, на крајот од таа черга стои бројката „2 отсто“! Нејзиното СЈО веројатно ги нема ни тие 2 отсто. Во минус е! Меѓудругото и затоа што седум години оваа држава беше заложник на систем чиј поданик беа и Ристовска и целата таа тајфа на врвниот израз на нашиот обвинителски капацитет – Катица Јанева. И пазете сега, од една страна си дел од тимот на Катица Јанева, а сите заедно сте дел од проектот на дрвената кукла закачена на конци – Зоран Заев. Кукла која ја уништи државата – економски (затоа и чергата на Мицкоски и Кочоска не е баш долга колку што сите би сакале), политички, правно… и кажете било кое име на било која област и нема да згрешите. И покрај тоа – имаш храброст да се буниш. Демек, некој ти ги загрозувал тие 2 отсто од независноста, интегритетот и професионалноста! Молам?
И кога некој како мене, кој секогаш кога пишува има проблем со преголем број редови, ќе остане без зборови, зашто не може да најде доволно букви во азбуката за тие кои биле дел од тимот што учествувал во шемата на Заев, на Димитров и компанијата за смена на името, а чиј шеф била Катица Јанева, тогаш навистина работата отишла предалеку.
Ама важно, нашиот Чарлиев ангел бара извинување. И праќа порака – јас сум моќна и сите има да ми молчите. Што значи, ова има да биде време на молчење. Можете да зборувате за времето, за тоа дека имате песок во жолчката, дека на дождов или снегов ви реагира реумата, дека се’ за дома сте испазариле, дека сте ја уклучиле правосмукалката, дека сте измиле чинии, сте и однеле кафе и на комшиката… (добро, ова последново не е баш вистина) и на сето тоа пак не сте погодиле, можете да седите во Жена парк или да шетате низ ГТЦ и да се жалите дека за промајата што таму дува виновна е Владата, да расправате за чучулигите и трепетликите на покојниот Гане Тодоровски, можете дури и за Трамп и Мадуро, за Кси и Путин, ама не и за нашата Ленче.
Во меѓувреме, додека одат овие редови, Ју туб во позадина ми ја исфрла Јасмин Леви и Uno nochas mas. Поезија низ музиката и музика низ поезијата. Полека, како снег кој нежно вее и се таложи врз земјата, поезија и музика кои ви ја полнат душата. Почнуваат одозгора, ги облеваат градите, се завиткуваат околу срцето… И не знам зошто, среде таа рапсодија, на памет ми доаѓаат оние 140 000 што останаа без работа за време на „папата“, оние кои се самоубија заради ТАТ, ми доаѓа на памет, Бог да му ја прости душата, Александар Прчевски, кој рече дека е последниот будала што застанал како обвинител на оваа земја, ми доаѓаат на памет оние стотина луѓе кои понеделнички, на 5-ти јануари оваа година, уште во осум наутро беа нагрнати на шалтерите на онкологија, така што не можеш ни воздух да земеш, а не пак да се разминеш… И на крајот на сето тоа, ми се јавува сликата на системот чиј дел беше и Катица Јанева и нејзините ангели. Кои сега се распоредени во Обвинителството, наместо да бидат избркани. И гонети за бонусите, со кои си ги лепеа челата, додека народот мизеруваше чекајќи „Have a New Year“.
А, по Јасмин Леви следи оној Данецот на виенскиот концерт од 1 јануари и „Убавиот син Дунав“. Човекот диригира со душата, не со рацете, гледаш како срцето му игра, телото му се претопува со звукот и стануваа едно. Тој, оркестарот и звукот. Она малку убавина што постои во овој грд свет на бескичмени, бесрамни луѓе, се собрала во него и се разлеала низ планетата.
И ете, гледаш дека има убави работи на светов, а јас се занимавам со некоја си таму на која и пречело што зборуваат за нејзината работа. Која е платена од грбот на онаа сиромаштија која зема 25-30 000 денари месечно. На грбот на оние пензионери кои плаќаат данок и на 70-80 години, јадејќи по еден геврек на ден, топејќи го во чај од кој секое ќесенце го употребувале по два пати, додека нашата примадона броела бонуси. Тоа се тие луѓе кои имаа 13 000 денари пензија, а на кои сега Уставниот суд, сака да им го одземе идното линеарно покачување. И покрај тоа што одлуката не помина, зашто гласањето било четири наспроти четири. Ама не, правото не важи за нив. Ќе гласале пак. Додека не и помине ќејфот на Кацарска и тие други тројца од таа четворка против пензионерите. Брука каква што современа Македонија не помни од времето Бранко и Љупчо на Снешка. А, и нив треба да ги храниме. Како и ангелите на Катица.
И ете, пак отидов во некоја друга мајчина од првата замисла со која ги почнав овие редови. Ама и онака не знам како да продолжам за величествената обвинителска СЈО тајфа, па ако сакате и за Уставниот суд. Веројатно и не треба. Зашто сме ја загрозувале независноста и професионалноста. Што е виц на годината. Како оној кој вели дека некој тип 20 минути го држи телефонот на уво, некој му зборува од таа страна, а тој молчи. Па се заклучува дека типов се кара со жена му. Нема друго што би било, нели!?
Ама, пак, можеби не треба да продолжам и затоа што понекогаш си велиш – џабе е. И затоа ќе престанам. И ќе се надевам и ќе го чекам булдожерот. Времето одамна помина, ама што би рекол народот – и за аир да беше што не го запаливте (а не беше за аир) – доста е! Најдете го клучот, ставете нафта и запалете го. Тој да тргне, за и нам да ни тргне. Инаку, не ја бива. И немојте да замолчите. Ни случајно, ни под разно што би рекол народот, да не ви падне на памет такво нешто!




