Вториот ден во Давос го почнавме со состанок со сопственикот на компанијата „Фор-ај-џи“ (4iG), компанија што ја доби дозволата за трет мобилен оператор во Македонија. Разговаравме за неговите планови откога, нормално, ги уплати средствата што се потреби за добивање на лиценцата. Она за што тој ме информира е фактот дека во следниот период ќе инвестира повеќе од 100 милиони евра во развој на третиот мобилен оператор. Што добиваат граѓаните? Граѓаните добиваат нова компанија, која ќе нуди мобилни услуги и компанија што, сигурен сум, дека ќе влијае позитивно во намалување на цените на услугите што мобилните оператори ги нудат за граѓаните во Македонија – вели премиерот Христија Мицкоски во видео изјава од Давос.

Денот, како што нагласува, го продолжиле на панел на кој со светските лидери и претставниците на мултинационални компании разговарале за предизвиците на човештвото во годините што следуваат.

– Се разбира, еден од најголемите предизвици е вештачката интелигенција. Но таа само по себе не значи ништо отколку само два обични збора. Но, кога ќе влезете во суштината, ќе сфатите дека за вие да создадете општество што во иднина сериозно ќе ја користи вештачката интелигенција, потребни се неколку предуслови, пред сè, сигурна енергетска стабилност и, нормално, развој, бидејќи сите оние дата-центри имаат потреба од струја, односно од електрична енергија и, второ, ни требаат ИТ-инженери, односно ни требаат инженери што ќе ја користат таа вештачка интелигенција за потребите на општеството и потребите на граѓаните – нагласува премиерот во видеоизјавата.

Се разбира, додава тој, ние како држава не смееме да останеме надвор од овие процеси бидејќи тоа се процесите што ќе го опишат човештвото во годините што следуваат.

– Тоа се процесите што ќе имаат водечка улога во следните 10, 15, 20, 25 години. Македонија нема да седи на страна, туку Македонија ќе биде активен учесник во сите овие процеси – вели Мицкоски.

Најавува дека продолжува нивниот престој во Давос и информира оти во текот на денешниот ден имаат многубројни билатерални средби, а како што вели, тоа тоа ќе се случува и во текот на утрешниот ден.

Фото Влада