Дарко ЈАНЕВСКИ

(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)

„Дали сте подобро, госпоѓо? Дали делуваат лековите за реума што ви ги препишав?“, ја прашува д-р Равик продавачката на цвеќе од која купува рози.

„Не докторе“, му вели продавачката. „А не ни може да ми биде подобро се додека стојам по цела ноќ на оваа влага“, се насмевнува таа и му го подава цвеќето.

„Конечно еден паметен пациент“, вели докторот и заминува.

1940-та година е. Европа е ни на небо, ни за земја. Воена грозница го тресе континентот, ја зема душата на секој човек, силно ја промешува и ја враќа назад вознемирена до крајни граници, па иако луѓето наизглед се мирни, всушност, сите, сеедно што потајно се надеваат на мир, се во трескавично очекување на големиот колеж и 50-те милиони искасапени и мртви. Жени, деца, старци, па дури потоа и војници.
Равик е лекар. Пребеган е од Хитлер во Париз и тука работи на црно, Цвеќето е за Јоана, неговата љубов, а нивната приказна завршува трагично. Таа умира, француската полиција конечно го пронаоѓа Равик и го апси, него му е веќе сеедно и завршува во француски логор.

Но, по ѓаволите, што ми текна на „Тримуфалната капија“ на Ремарк и на продавчката на цвеќе? Затоа што жената, цвеќарката, таква каква што е, знае дека без да ја снема причината поради која е болна – влагата во која стои по цел ден надвисната над тезгата со цвеќиња – никакви лекови нема да и помогнат.

На памет ми паѓа и Јохана Бадвиг. Почината е во 2003 година. Таа е биохемичар, член на државната германска агенција за лекови во средината на педесетите години на минатиот век. Тогаш, весниците почнуваат да го третираа ракот како епидемија и неа ја опсипува научен интерес за болеста. И треба долго проучување , за потоа, конечно да сфати дека еден од проблемите е што во болните клетки недостасува некаква линоленска киселина (се пореметува плусот и минусот на клетките) и дека тој проблем го решава диета во чија основа е младото кравјо сирење и лененото масло. Се разбира, постои цела процедура, не е се така едноставно од научен аспект, но таа препорачува целокупна диета со која, како што тврди, успеала да врати во живот и болни на кои лекарите им давале уште само неколку дена живот.

Но, на крајта од својата книга – „Рак, проблем и решение“ – таа едноставно го дава следниот пример: Ако една жена е под стрес, ако ја малтретира сопругот, ако не дај Боже ја тепа, никакво кравјо сирење и никакво ленено масло, никакво враќање на плусот и минусот на човековите клетки нема да ја спасат.

Тоа е суштината. И кај цвеќарката и кај Бадвиг. Мора да го отстраните темелот на проблемот, да ја отстраните основната причина, во спротивно решение едноставно нема да има.
И така доаѓаме до нашето општество. Не знам колку е прикладно две величини како Ремарк и Бадвиг да ги употребувам во наш контекст, веројатно правам грев, но нашето општество е болно. Нашата држава е болна. И сега – правиме вакви или онакви реформи. И се разбира, тие реформи се сведуваат на носење нови закони. Слушам, ни требал нов Изборен законик. А досега ги имавме десетина. Што закони, што измени и дополнувања. И сите беа напишани со помош на Брисел. Или САД, сеедно. И со позитивно мислење од стотици тезгароши во ЕУ.

Па, слушам повторно дека ни фалеле и обвинители. Ни фалеле и судии. И парите, кои ги немаме, парите кои се нужно потребни за други места, ќе оделе таму. Кај Марија Антоанета. Која веќе не јаде колачи од 17-18 век, туку само „моцарт коцки“ донесени директно од Виена.

Па, се некако го ставам прстот на чело, иако и тој нешто почна да се буни и да ме боли, и се прашувам: А дали кај судијата Ристов беа најдени оние 350 000 евра затоа што немаме обвинители и затоа што не сме имале не знам какви реформи во Судскиот совет? Не, не и не! Дали оној од Врховен суд, Наќе Георгиев беше, зар не, кој беше фатен, направил тоа што направил затоа што фалело ова или она? Дали овој од Марковски компани, е пуштен да си седи дома на топло, во папучи, пред телевизор со виски во едната рака, пура во другата и танчерки пред него, затоа што буџетот на судството и обвинителството бил 0,4, 0,8 или еден отсто? Дали Кацарска по скандалозниот процес за „27 април“, кој истото ова судство и обвинителство кое ни бара пари не го ревидираше, стана уставен судија затоа што немаме нов закон за ЈО, нов закон за плати на судии, нов закон за Совет на ЈО или за Судски совет или затоа што немаме доволно судии и обвинители?

Не, ништо од тоа не се случи затоа што немаме закони, обвинители и судии, туку затоа што сме криминогено општество и затоа што кон тоа криминогено општество се играше меко за да излеземе од тој круг на потресувања на државата. Но, беше меко, меко како што носиш бебе на прво капење. Па и мајката и таткото, бабите и дедовците од двете страни и можеби и по некоја комшика, будно бдеат над бебето и првата вода со која тоа се капе. И еве, илјада пати сум кажал, нека биде ова илјада и први пат, треба булдожер. Да се урне скапаниот темел на тоа гнилосано општество, за да може да се изгради нов систем. Шминка врз стариот систем, со ваков или онаков закон, со тоа што нешто пишувало во некаков си извештај на Европската комисија – не помага. Не помага! И точка. Со три извичника после нејзе.

Пред некој ден, не како пациент, бев на Онкологија. Прекрасни луѓе. Од портирот, до жените на шалтер, медицински сестри, за лекарите и да не зборувам. Барем тие кои ги знам. И гледам пред секоја амбуланта 20-тина луѓе. А на масата на онколозите по 20 истории на болеста. Дваесетина судбини кои тој ден чекаат за преглед. На луѓето им се плаче. И на лекарите и на тие што чекаат. Не затоа што многу ќе работат. Не затоа што ќе се чека. Ама им се плаче. Заради тоа што се случува, заради епидемијата. И нема расправа во Собрание за тоа, затоа што великите умови на нашите самобендисани пратеници се зафатени со нешто друго, нема нови закони, не пишува за тоа во извештаите на ЕК, нема тезгароши од ЕУ кои намирисале бриселски дневници за да се поправи овој сегмент. А, тука, секогаш треба и може повеќе. Ни фалат луѓе, ни фалат услови, ни фалат поголеми плати за нив (добро, рекоа од март дека платите на лекарите и медицинарите ќе се зголемат) – ни фали се и сешто. На сите нас, но најмногу на лекарите, на тие луѓе што работат таму и, се разбира, на болните.

А, на кардиологија и натаму нема термини. Мора да фаќате врски. На пулмологија, исто така. На патологија и натаму се среќни тие што ќе добијат резултат за еден месец. А таму не носите примерок ако ви протекол носот или ако на детето му се појавила акна. Таму се носи примерок за сериозни работи. Кои можат да бидат животно загрозувачки. Да редам уште?

Нормално, си знаеме ние, мора да фаќаш врски. Да, ако можеш. А, ако не можеш? И што, пак, ако сите милион ипол, колку што не има (Мицкоски вели дека не сме ни толку, туку околу 1,35-1,4 милиони), но што ако сите фатат врска? Пак сме на исто, нели? Бројот на лекари е тој. Бројот на медицински сестри е тој. Бројот на магнетни резонанци, бројот на компјутерски томографии е тој. Бројот на радиолози, бројот на пристојни болници, со тоа што зборот пристојни кај нас е прилично растеглив, нели, е тој.

А пред мене на шалтер една жена, за прв пат доаѓа, очигледно сега и откриле канцер, осум часот наутро е или можеби и 15 минути порано, не знам, дошла од Кочани. Малку збунета, всушност малку повеќе збунета, тешко се снаоѓа, деконцентрана, страшно уплашена… Си велам, во колку станала? Во колку тргнала кон Скопје? Кога ќе заврши, па да се врати назад? А, луѓето таму се трудат. Од петни жили. И им се плаче.

И додека тоа се случува, ние, нека ми простат фините дами и господа од нашата Финска викана Северна (зашто ние се вџашуваме од непристојни зборови, ама само од тоа, не и од нешто друго) се заебаваме со Борче Марковски. Оној од РЕК Битола што нашите Антоанети од битолскиот Суд го пуштиле дома од затворски притвор со пет милиони гаранција, па згора на тоа пишале и цел ферман за тоа колку се во право (а, сите битолски новинари го премолчеа, бутнати во дупка за стаорци, па мораше Телма да им открива дека е пуштен дома). Безмалку го испратиле во куќен притвор со пајтони. И тоа три. Како во онаа песна „Ако одам во Битола“: „Први мене ќе носи, в’ други чалгии ќе свират, в’ трети товар, мерак ќе носам.“

Да беше жив покојниот Ферус, лично тој ќе беше во вториот пајтон. Во негово отсуство, требаше таму да седнат шарените Тамара, Бени Шакири, оној што му даваше метла на Заев (еј земјо, што држиш), а и Пимен, кутрата душичка излажана за референдумот за Северна, излажана – па напатена, сосе кандилото од кое чади темјан. Да се најде, за гревовите.

За судијата Ристов и да не правиме муабет. Него дома треба кафе и локуми да му носиме. И штета што веќе не е турско време. Кога, наместо локуми ќе му носевме баклави, кадаиф, гурабии и татлии. Со дебел шербет. Како кафето на Гоце Делчев – „тешко, синџир кафе“. Локуми, ама исклучиво од оние со ореви. Исчистени внимателно, за не дај Боже да не се скрши некоја порцеланка.

И, патем, да не заборавиме да го казниме плочкарот, кој не ги залепил убаво плочките во ѕидот каде биле парите, па паднале кога само малку биле чукнати. Еве, потсетник, и јас да ги прелепам моите.

Во суштина, еве по втор пат нека ми простат фините дами од Скопје, од Муртино и пошироко, ние се заебаваме. Си играме. За нас, Ристов, оној од Врховен, овој Марковски компани, Рускоска, Јовески, Коцевски, Кацарска, овој ќорав и слеп Уставен суд, ментално и интелектуално сакатите совети за судии и обвинители – за нас тие се величини. Тие се вредност. Како што за нас и Заев и неговиот ментален склоп ни се вредност. И ние ним ќе им удоволиме. Ќе им дадеме пари. Ќе сме правеле реформи. Па по некоја година, нови реформи. И пак пари. Па реформи на новите реформи кои ќе бидат уште понови… и сите со печат од ЕУ. А, во меѓувреме, луѓето ќе ни стануваат во четири наутро за да дојдат на лекар. Ако не умрат по пат.

Ех, да, и додека таа вода тече, нема да има минимална плата од 600 евра. Додека овие погоре споменатите имаат по 3000 евра плата на сметка, а по 350 000 евра во ѕид, додека имаме лозја во Неготино, згради во Дубаи, јахти и вили на Халкидики, додека ги имаме шарените во секоја пора, додека се фалат со Гармиш-Партенкирхен, со Монте Карло, а ние ракоплескаме, додека имаме едно евро за Вицето, едно за црквата и никому ништо, додека имаме… Ма се додека имаме се што оди во мајчината, нема да имаме ни лекари, ни плати, ни ништо. И гледате, нема притисок за тоа… Никој, сите молчат. Ама, сите велат – дајте пари!

Е, а се дотогаш, што би рекол Фрле, пуленот на Бранко од деведесетите, оној Бранко од најбандитската, најкриминалната, најгангстерската приватизација во историјата на човештвото, а кој види богати, уште е обожуван од некои сегашни вмровски пулени како „најдобар меѓу најдобрите“, кому таквите како Мицкоски можеле допрва само да му плукнат под прозор – значи, што би рекол Фрле, пуленот на тој Бранко – „јеби га“! Или тоа беше од Весна Чипчиќ со легендарниот Бојаниќ-Гидра? Сеедно!