Блокадата со камиони на товарниот сообраќај  на граничните премини во државава продолжува и денеска, како дел од заедничкиот протест на македонските и превозниците од Западен Балкан кои бараат решение за проблемите поради електронската евиденција за престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена од април годинава.

Наспроти блокираниот товарен сообраќај на премините кон шенген зоната, кој, според најавите ќе трае најмалку седум дена, патничкиот сообраќај, функционира непречено.

Камионските превозници од државава и нивните колеги од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, сметат дека ЕЕС системот ги дискриминира во однос на тие од ЕУ и бараат да им биде доделен посебен статус и да ги третира како туристи при влез во блокот.

– Поентата не е да ја заглавиме сопствената стопанска активност, туку да покажеме што може да се случи во одреден период. Кога ќе се приклучат и Турција и другите држави, ќе се работи за над милион тони стока што се движи или чека и тоа треба да биде јасен сигнал за сите. Но не можеме со месеци да држиме блокади, ниту сакаме да им нанесеме штета на нашите производители, трговци и на населението. Ако не се најде решение, ќе се бараат други форми на притисок. Ако Европската Унија не може да издржи еден месец ваква состојба, тогаш јасно е дека овие мерки не може да траат подолго – изјави Билјана Муратовска од асоцијацијата на превозници „Макам-транс“ на првиот ден од протестот што стартуваче вчера напладне.

Таа потсети дека со секоја држава имаме потпишано билатерални договори во областа на превозот, кои дозволуваат пристап и движење на нивна територија.

Укажа и дека економска оправданост за тоа да се обезбедуваат по двајца возачи кога нема доволно возила воопшто не постои. –  Не е економски оправдано еден возач три месеци да седи дома и да прима минимална плата, додека другиот работи. Тоа не е оправдано ниту од аспект на возачите ниту од аспект на превозниците – рече Муратовска.

Портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи Маркус Ламерт вчера изјави дека ЕК е свесна за загриженоста што ја искажуваат транспортните оператори од Западниот Балкан и оти внимателно ја следи ситуацијата со блокадите на граничните премини и е во контакт со партнерите од регионот.

– Свесни сме дека голем број професионалци од трети земји може да имаат потреба да останат во Шенген зоната повеќе од 90 дена во рок од 180 дена. Ова ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но исто така и спортистите и уметниците. Тоа е исто така поврзано и со националните правила и постојните билатерални договори. Ова е прашање на кое сме целосно посветени и на кое работиме и размислуваме во контекст на подготовките на претстојната Визна стратегија, што ќе ја објавиме оваа недела, изјави Ламерт.

Тој повтори дека Системот за влез-излез (ЕЕС) не воведува никакви нови регулативи и никакви нови барања поврзани со должината на престој во Шенген зоната, туку само обезбедува подобра имплементација на постојните правила и систематско откривање на нерегуларни практики.

– Според Шенген правилата, граѓаните на земјите на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ имаат право да останат во Шенген зоната 90 дена во период од 180 дена во која било држава. Надвор од ова, престојот мора да биде покриен со виза или со национални аранжмани, додаде Ламерт.

Според него, важно е да се напомене дека овие правила не се нови, туку важат со години подеднакво низ целата територија на Шенген зоната, како и дека тие веќе предвидуваат одредена флексибилност во однос на некои категории работници.

Министерот за транспорт Александар Николоски кој вчера на граничниот оремин „Блаце“ даде поддршка на протестот на превозниците оцени дека ова предупредување доаѓа навреме и порача февруари и март максимално да се искористат и земјите членки на шенген-зоната да изнајдат решение.

– Во принцип, постојат три можни решенија. Првото решение е да се одложи примената на новиот електронски систем за евиденција за превозниците. Второто решение е да се зголеми бројот на денови што превозниците може да ги поминуваат во шенген-зоната – најмалку на 250 дена, соодветно распределени во циклуси, наместо сегашните 90 дена во 180. Третото решение е професионалните возачи и превозници да не се третираат како туристи, туку како професионалци. Тоа може да се уреди преку посебни правила или преку работни визи, како што моментно тоа го прави Швајцарија, со што би им се овозможил слободен транзит во земјите од шенген-зоната – изјави Николоски.

Сè спротивно од ова, вели Николоски, ќе има сериозни последици – не само за македонската и регионалната туку и за европската економија.

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Антонио Милошоски, вчера на седницата на претставувањето на приоритетите на кипарското претседателство, побара од амбасадорот на Кипар за земјата, Андреас Фотиу, да го стави на дневен ред во Брисел протестот на камионџиите, кои за денеска најавија блокада на границите кон ЕУ.

– Амбасадоре, на 17 декември 2025, комесарката Марта Кос потпиша меморандум за побрза интеграција и за побрз и непречен транспорт со земјите од Западен Балкан, но вклучително и со Молдавија, Грција, Бугарија, Италија. Овој меморандум е во склад со политиката на ЕУ за планот за раст, чија цел е како да се создаде со секои поминати месец и година поголема интеграција на пазарот на земјите од Западен Балкан и негово посилно интегрирање во пазарот на ЕУ – рече Милошоски.

На последиците од блокадите и примената на новиот систем укажаа и стопанските комори и бизнис конфедерацијата на Македонија.