Пред почетокот на летната сезона ќе го имплементираме One Stop Shop системот со Република Албанија, тимови од двете држави работат на негово реализирање, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната заедничка прес-конференција со албанската министерка за внатрешни работи Албана Кочиу, која престојува во официјална посета на земјава.
Министерот информираше и за договореното унапредување на Центарот за меѓугранична соработка на македонско-албанската граница, со зголемување на капацитетите и надлежностите, што ќе овозможи поефикасна и побрза координација меѓу службите на двете земји.
– Со сите овие подобрувања на Центарот кои што ќе се случат во иднина, сметаме дека ќе го зголемиме степенот на одлична соработка кој што ја имаме помеѓу двете држави, потенцира Тошковски.

Разговарано било и за можноста граничниот премин Џепиште – Требиште да премине на 24-часовен режим на работа во текот на целата година. Тошковски оцени дека ова ќе ја подобри комуникацијата и пристапот до услуги за граѓаните од двете страни на границата.
Албанската министерка Кочиу оцени дека оваа средба е продолжение на досегашната соработка меѓу двете земји и нагласи дека Албанија и Македонија се пријателски земји кои повеќе имаат заеднички работи отколку работи кои ги делат.
– Албанија и Македонија се пријателски земји. Две земји кои повеќе работи кои нѐ поврзуваат отколку што нѐ делат. Две земји кандидати за ЕУ, затоа што ова место ќе биде европско место, каде стоките и луѓето ќе се движат без граници, истакна Кочиу.
Таа нагласи дека олеснувањето на движењето на граѓаните и товарниот транспорт е од големо значење и дека практичните мерки, како модернизацијата на граничните процедури, директно го олеснуваат животот на граѓаните и придонесуваат за економска соработка.

– Со колегата Тошковски разговаравме за што побрзо да проработи моделот One Stop Shop, контролата да биде унифицирана и да продолжи системот One Stop Shop да работи како во некои други гранични премини, порача албанската министерка.
Кочиу информираше дека во 2025 година преку македонско-албанските премини се реализирале околу пет милиони преминувања и 1,5 милиони возила, што, според неа, ја покажува потребата од поефикасни системи и заеднички гранични точки.
Таа додаде дека туристичката соработка меѓу двете земји имаат голем потенцијал.
– Мислам дека Албанија, покрај крајбрежјето и морето и Охридското Езеро, сè уште остануваат неискористени од страна на македонските граѓани. Истото може да се каже и за Република Македонија, каде што имаме многу места што можат да се посетат, а не се посетени од страна на нашите граѓани, посочи Кочиу.
Министерката го покани Тошковски да ја посети Тирана, со цел продолжување на разговорите и финализирање на договорените мерки.




