„Ние бевме слободни, но наспроти тоа, умот и инстинктот нѐ понесуваа во друга насока: Како да ја извршиме својата должност, односно да ги украдеме телата на нашите починати другари? Тие сѐ уште беа свежи, не целосно изгниени. Здравствените власти не го дозволуваа тоа. Казната предвидена со законот беше голема. Но пред другарската должност ниедна закана не значи ништо… Ноќта беше ведра. Месечината силно светеше. Сенките од дрвјата и голите градски ѕидини му придаваа на местото таинствен изглед. За кусо време песокта беше префрлена настрана – се појавија труповите. Тие беа сѐ уште нераспаднати – цели. Реата сѐ повеќе се засилуваше. Почувствувавме големо зашеметување. Пот ни бликаше од лицата. Пауза. Пак на работа. Никако не можевме да ги понесеме телата затоа што немавме како и каде да ги скриеме. Коските не можевме да ги прибереме затоа што сѐ уште беа обвиени со месо. Не остануваше ништо друго, освен да ги понесеме черепите на починатите. Бргу ги извадивме ножевите и им ги отсековме главите“.
Во август 1908 година Павел Шатев бил ослободен од петгодишното заточение во областа Фезан, денешна јужна Либија. Набргу со другите дотогашни осуденици се упатил назад кон Македонија. Во своите спомени гемиџијата раскажува како пред поаѓањето дома ги зел главите на претходно веќе погребаните Марко Бошнаков и Милан Арсов, кои починале во 1908, многу кратко пред прогласената општа амнестија. Ги премачкал со јодоформ (средство што тогаш се употребувало за лекување рани, т.е. за дезинфекција), па во две метални кутии им ги однел на нивните семејства за погребот во Македонија.
Oткога ги испитале сите услови, шестмина од заточениците тајно отишле кај гробовите, па со раце и со штици ја раскопувале песокта за да дојдат до телата.
„По неколку минути повторно почнавме да ги покриваме телата со песок. Главите останаа надвор. Ги прибравме во посебни торби и со нив на рамињата – право дома. Утредента, откога ги потопивме во јодоформ, ги ставивме во две лимени кутии, кои ги затворивме херметички. На тој начин тие беа веќе подготвени, а ние спокојни“, раскажува Шатев.
Инаку, пред својата смрт Бошнаков му оставил аманет на Шатев: „Ако телото ми се тркала, не дозволувајте тоа да се случи и со главата“. Потоа почнува долгиот пат до дома – заедно со својот соборец Ѓорѓи Богданов и другите заточеници, но и со отсечените глави на неговите другари меѓу гемиџиите.
Павел Шатев ѝ ја преgава главата на Милан Арсов на мајка му
„На 22 август попладнето влеговме во Себа. Оваа оаза е најбогатата од сите по целиот пат од Мурзук до Триполи. Градот е сместен на еден висок рид, оддалеку се чини како куп урнатини. Куќите се направени од камења и земја, улиците се многу тесни и преку ден, поради сончевата жештина, се чувствува една посебна миризба, што прилега на онаа што се насетува кога се доближуваме до места и куќи по голем пожар. Во целиот град немаше ниедно дрвце. Меѓутоа, во околноста има мноштво градини со безбројни палми, зеленчук и друго. Лицата на жителите беа многу жолти, чиниш долго време страдале од треска. Купишта деца трчаа по нас и викаа: ‘Дојдете, дојдете да видиме луѓе со шапки!’ Откако се сместивме под сенките на неколку палми, мнозина од нас си легнаа да спијат, други се зафатија да зготват топли јадења за да се нахранат, а неколцина отидовме да поминеме низ некои улици во градот. Од Себа тргнавме за Заган. Далечината е 80 километри. По 20 километри пат, поминавме низ селцето Тамархинд. Тоа има 100-120 куќи, убаво ѕидани, а многубројните палми и градини, сите во близина една до друга, му даваат посебен изглед. Урмите беа многу убави, водата вкусна, меѓутоа кога се доближувавме до бунарите, се чувствуваше реа“, раскажува Шатев.
На 30 август пристигнале во градот Сокна.
„Уште истиот ден кајмакамот Јахја повика четворица од нас за да нè праша од каде ќе патуваме – дали преку Урфеле или Сирт? Ние одговоривме дека сакаме преку Сирт затоа што патот преку тој град е значително полесен за поминување. Требаше да патуваме уште 6-7 дена по суша, а после, како ќе стасавме во Сирт, со параброд ќе стасавме за два дена во Триполи. Побаравме да ни дадат на секого по една камила затоа што повеќето од нас бевме боси, та патувавме со мака; освен тоа немаше никакви тешкотии да се најдат камили“, продолжува гемиџијата.
Во септември, преку едно ширно поле, стигнал до местото Хурмет Лим Јаља, па продолжиле по долината Вади-бег и по Фискија стигнале во градот Нефет.
„Ова задоцнување и талкање низ долината беше причина за многу расправии меѓу нас. Тука победи благоразумноста на некои од нашите другари, а инаку овие жестоки расправии можеа да имаат и жални последици. Поради тешкотиите што ги има секој затвор и поради присуството на неколцина слабоумни лица со лош карактер, последните 10-12 месеци меѓу нас доаѓаше до неслога. Со жалење треба да констатирам дека во последните месеци со големи маки се доаѓаше до согласност, дури и за работи што очигледно беа од заеднички интерес за сите“, вели Шатев.
На 16 септември стигнале до градот Триполи.
„На 22 септември кон пладне пристигнавме на островот Малта… На 24 септември со бродот ‘Фавињана’ (Favignana) тргнавме преку островот Хиос накај Ханија (град на грчкиот остров Крит, з.п.)… На 28 септември паробродот запре во ханиското пристаниште – на островот Крит. Бевме љубопитни да минеме низ Ханија да ги видиме и градот и луѓето – Криќаните. Морето беше уште бурно“, се присеќа Шатев.
Во меѓувреме, патниците дознале и за независноста на Бугарија и за прогласувањето на бугарскиот владетел Фердинанд за цар. До градот Ханија отишле со чун во градот.
„Кога го напуштивме брегот сите, зафатени со тоа да има рамнотежа во чунот што се нишаше од брановите, еден од стражарите во наше присуство рече: Фрлете ги в море тие разбојници. Кога нашите другари, кои знаеја грчки, ги преведоа зборовите на стражарот, ние веднаш се изнасмеавме. Од Ханија отидовме во Пиреја. Таму парабродот се задржа неколку часа. Само еден-двајца излеговме во градот, не забележавме ништо особено и со возот отидовме во Атина да ги разгледаме градот, улиците, а главното – Акропол, што од морето го гледавме извишен на еден висок рид. Таму успеавме да земеме неколку француски весници, од кои поподробно прочитавме за превирањата во Бугарија“, истакна Шатев.
До Солун довчерашните заточеници морале да минат и преку островот Хиос и градот Смирна (Мала Азија). На пристаништето Чанаккале го затекнале бугарскиот трговски параброд „Борис”.
„Турците не допуштија до него да се доближи ни еден чун. ‘Зошто бугарскиот параброд е толку изолиран?’ – прашавме. – ‘Има бојкот на бугарските стоки и параброди’, ни рекоа. Бродот, откога излезе од Дареданелската Теснина, ги мина пристаништата Деде-Агач, Кавала, Лезбос и на 3 октомври изутрината пристигна во Солун. Со нетрпливост исчекувавме да запре за што побргу да излеземе на брегот. Веќе ни омрзна патувањето по море“, пишува огорчено авторот.
По 2-3 дена, сите си разотишле по трите вилаети – Солунскиот, Битолскиот и Скопскиот, т.е. во цела Македонија.
„Се разделивме, останавме сами, но си ги зачувавме спомените за заточението во Фезан“, ќе рече Шатев на крајот од своите пишани спомени.
Имено, тој тука не раскажува што направил со главите на Марко Бошнаков и Милан Арсов, но уредникот на „Спомените“ вели дека се знае оти по враќањето во Македонија, Шатев ги посетил родителите на Бошнаков во Охрид и мајката на Арсов во Велес. Посмртните останки на Бошнаков потоа биле погребани во дрвено ковчеже. Тој денес почива во костурницата на црквата „Св. Константин и Елена“ во Охрид, но според сведоштвата, при подоцнежната дислокација на гробиштата и преместувањето на погребаните таму главата на охридскиот гемиџија е изгубена.
Денеска се навршуваат 75 години од смртта на македонскиот национален деец, револуционер, анархист, правник и еден од првите градители на современата македонска држава – Павел Шатев. По солунските атентати во 1903 година, гемиџијата Шатев е осуден и испратен од отоманските власти во заточение. Во 1908 година, по Младотурската револуција и општата амнестија на заточениците, македонскиот анархист и интелектуалец е ослободен.
Умира во Битола на 30 јануари 1951 година и тоа е крај на неговиот мошне бурен и мачен живот. Бил член на АСНОМ и министер за правосудство во првата македонска влада. На 16 јуни 1949 година Шатев е уапсен „како непријател на државата“ и набргу, на 27 јуни, му е одземен пратеничкиот имунитет. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, до мај 1950 година, по што е испратен во Битола во домашен притвор. Лишен е од контакти со надворешни лица и држан е во тешки услови. Набргу се разболува и, бидејќи не му било дозволено да се лекува, починува.




