Премиерот Христијан Мицкоски најостро ја осуди судската пресуда со која новинарката Љиридона Вејсели е осудена на парична казна од 700 евра бидејќи во свој текст го спомнала името на судија. Според Мицкоски, ова претставува недозволиво ограничување на слободата на говор.

Не можам да побарам од судијата одговорност, не сум тој што именува судии. Но, било кој напад врз новинар, вклучително и овој, најостро го осудувам. Новинарите треба да ја информираат јавноста – изјави Мицкоски.

Случајот предизвика бурни реакции откако судијката Магдалена Мишоска од Основниот суд Гостивар ја осуди Вејсели за „злоупотреба на лични податоци“. Вината на новинарката е што на социјалните мрежи го објавила името на судијата Назиф Илјази од Тетово, кој донел пресуда од само три месеци затвор за лице што уценувало малолетник со порнографски материјали. Според судот, објавувањето на името на судијата му нанело штета на неговиот углед.

Со реакција се јави и заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, кој оцени дека довербата во судството е на историски минимум и дека е парадокс судството, кое со години е деградирано, сега да се претставува како жртва на новинарите.