Неколку белгиски опозициски партии ја обвинија министерката за правда на Белгија, Анелис Верлинден за „појава на судир на интереси“ откако беше обелоденето дека пред да стане членка на Владата во 2020 година, таа била адвокат за француската ИТ компанија „Сопра Стерија“, која на тендер го добила проектот за дигитализација на полицијата наречен и-Полиција.
Проектот и-Полиција ѝ е доделен на „Сопра Стерија“ во 2022 година во време кога Верлинден беше министерка за внатрешни работи.
Најголемата белгиска опозициска партија Фламански Интерес (ФБ) го повика премиерот Барт де Вевер да ја суспендира Верлинден додека „не бидат достапни дополнителни објаснувања“, додека Работничката партија на Белгија (ПВДА/ПТБ), Зелените (Грон) и Поинаку (Андерс) побараа за целиот случај таа да биде сослушана од Федералниот парламент.
– Не можеме да кажеме дека го прекршила законот, но повторно се поведува прашањето за етичноста. Мислам дека ова е проблематично за министерка, изјави пратеничката Мати Вандемален од редовите на Зелените.
Вандемален потсетува дека кога беше избрана за министерка за внатрешни работи во октомври 2020 година Верлинден не била должна да ги наведе своите врски со компанијата, но со воведувањето на новиот Етички кодекс во 2023 година, таа, според пратеничката, требала да пријави дека била адвокатка на „Сопра Стерија“.
– Тоа едноставно е прашање на добро владеење и транспарентност, изјави Вандемален за белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ.
Пол Ван Тигхелт од Андерс, партија која до пред две недели се викаше Отворени Фламански либерали и демократи (Опен ВЛД), побара Етичкиот комитет на Парламентот да утврди дали министерката ја „покажала потребна транспарентност“, а Грит Дамс од ПВДА/ПТБ оцени дека Верлинден требала во Владата да пријави дека има судир на интереси.
– Всушност, тоа е она што новиот Етички кодекс од 2023 година го бара од неа. Таа имаше шанса да биде транспарентна. Зошто Верлинден го прикривала својот судир на интереси?, истакна Дамс за ВРТ.
Пратеникот Ортвин Депортере од ВБ изјави дека иако Верлинден негира оти била пристрасна, сепак со тоа што никогаш не ги пријавила своите врски со компанијата што склучува договор со Владата вреден повеќе милиони евра, таа го прекршила Етичкиот кодекс.
– Доколку се покаже дека министерката Верлинден не била објективна и непристрасна, таа мора да поднесе оставка. Ова сега треба темелно да се истражи, изјави Депортере, додавајќи дека додека трае истрагата премиерот треба да ја суспендира.
Депортере оцени и дека сето ова нанесува штета врз јавната доверба во политиката.
Од друга страна партијата на Верлинден, Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ) соопшти дека не гледа причина зошто позицијата на министерката би требало да биде загрозена, обвинувајќи ја опозицијата дека непотребно ја крева целата оваа врева.
Верлинден беше избрана за министерка за внатрешни работи во октомври во 2020 година во претходната Влада на Александер де Кро, а од февруари 2025 година ја презеде функцијата министерка за правда во актуелниот владин Кабинет на Де Вевер.




