Михајло МИНОСКИ

(реферат во 2020 г. по повод 148 г. од раѓањето на апостолот)

„Делчев беше божественото олицетворение за учесниците во ВМРО. Него природата го беше создала само за водач на едно движење како што беше македонското во неговото време“ – Русински.

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, апостолот на револуционерна Македонија живот и дело.

Оваа наша научна трибина ја одржуваме во вистинско време да покажеме дека македонската историска наука продолжува со својата дејност на проучување и вреднување на настаните и личностите од историјата на македонскиот народ, да дадеме научен одговор дека нашето историско минато, биле и ѐ македонско во целиот период. Владата со потпишувањето на договорите со Република Бугарија (на 1 август 2017 година) и со Република Грција (на 17 јуни 2018 година) ги прогласи за ништожни сите вредносни постигањата на македонска современа историска наука, на генерациите наши научни работници, професори и академици (Љубен Лапе, Блаже Конески, Александар Христов, Манол Пандевски, Данчо Зографски, Апостолски  и др.). Објави и документирано потврди дека за сето време во изминатите седум и пол децении нашата историска наука крадела туѓа и создавала лажна, македонска историја.

Со договорот со Република Бугарија и со договорот со Република Грција се обврза да ја исправи „нанесените историски неправди“, да го врати „присвоеното“, „бугарското“ на Бугарија, „елинското“ на Грција. За тоа спроведе уставно деноми-нирање на Република Македонија и продолжува одмакеончувањето на нашето милениумско историско политичко културно минато. Под формулацијата за   заедничко минато со бугарскиот народ (до крајот на 1944 година), истото се бугаризира. Следствено дека светите браќа Кирил и Методиј, Климент и Наум биле Бугари, средновековната македонска држава – Самоиловото царство било бугарско, сите наши преродбеници и револуционери биле Бугари, окупирањето на Македонија во време на балканските и двете светски војни, не било окупација, туку ослободување. Дека во Република Бугарија нема пирински дел од Македонија, нема Македонци, нема македонско национално малцинство. Со вториот договор Владата прифати дека приморскиот дел од Македонија секогаш бил и е грчки, дека немало и нема Македонци, дека нема македонско национално малцинство во грчката држава. Во двете владини комисии за спроведување на превземените обврски има, по урнек на „Охридскиот рамковоен договор“, ангажирани историчари да посведочат за историската релевантност на веќе прифатеното во потпишаните политички антимакедонски договора.

Во случајот со договорот со Бугарија тие да потврдат дека нашата наука ја „краделела“ историјата на бугарскиот народ. Во моментов се во застој нивните усогласувања за Гоце Делчев, дали бил и е Бугарин  или споделена историска личност,  не Македонец.

Оваа наша научна трибина (реферат на д-р Миноски во 2020 г. по повод годишнина од раѓањето на Делчев, н.з.) ја одржуваме во вистинско време да покажеме дека македонската историска наука продолжува со својата дејност на проучување и вреднување на настаните и личностите од историјата на македонскиот народ, да дадеме научен одговор дека нашето историско минато, биле и ѐ македонско во целиот период… Ние и денеска, на ден пред 148-та годишнина од неговото раѓање, сме овде, на оваа научна трибина да го откривама Гоце Делчев како личност кој одбележа епоха во поновата историјата на Македонија, на македонскиот народ и на македонската нација, и да го определуваме неговото дело во перспектива на времето што претстои.

Георги – Гоце Делчев се родил на 4 февруари 1872 година во традиционално повеќедетно поимотно семејство во Кукуш, во приморскиот дел на Македонија, на 35 км од Солун, административен, политички, економски и културен центар на Македонија. Гратче со компактно македонско население на крајот од XIX век, значајно средиште на македонско преродбенско и црковно движење за          автокефална црква. Гратче во кое имале одглас ослободителни борби од времето на македонските востанија (Разловечкото во 1876 и Кресненското востание во 1878 – 1879 год.) и по востаничките револуционерни пројави до последната деценија на XIX век.

Гоце Делчев осноно образовно и прогимназија завршил во Кукуш. Во 1888 година образованието го продолжил во гимназија „Св. Кирил и Методиј“ на Бугарската егзархија во Солун, во која се школувале ученици од сите краеви на Македонија. Меѓу првите учениците во гимназијата биле подоцна водечките македонски револуционери Пере Тошев и Ѓорче Петров, Даме Груев, Петар Поп Арсов и др. Во гимназијата меѓу учениците се ширеле револуционерни идеи и се кревале ученички бунтови.

Делчев дошол во Солунската гимназија да го продолжи образованието во почетокот на 1888 година, непосредно по големиот ученички бунт против спроведуваната бугаризација. Побунетите ученици барале настава на македонскиот народен јазик. Поради тоа тие биле отстранети од гимназијата.

Во таа средина Делчев се посветил на читање револуционерна литература и книги за историјата на Македонија (за македонските и сесловенски просветители Кирил и Методиј, за Климент Охридски, за Александар Македонски, за македонските востанија 1876, 1878-1879 година). Активно учествувал во конспиративното револуционерно организирање, бил член на тајниот револуционерен кружок во гимназијата во 1889 година, а од есента 1890 година го презел раководењето со кружокот. Во 1891 година (со група соученици од кружокот) образованието го продолжил во Бугарија, во Военото училиште во Софија.

Во време кога во Софија се пројавила Младата македонска дружина (со Коста Шахов, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Христо Поп Коцев, Димитар Мирчев и др.), со свое гласило „Лоза“, започнала со културно национална дејност.  За јавно да се посведочи таквата дејност во името бил додаден зборот „книжовна“. Започнала и конспиративна револуционерна дејност за реализирање на идејата за „револуционерен отпор“. Во почетокот на 1892 година во своето гласило „Лоза“ ги објавила програмските принципи, дека ќе се ангажира за обединување на силите за дејствување за спротивставување на дејствувањето на пропагандите од соседните држави во Македонија за одбрана на татковината од поделба. Дружината бргу била растурена од бугарските власти, по што дел од нив (Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, а претходно Дамјан Груев, организаторот на Македонско студентско друштво) се вратиле во Македонија, да организираат конспиративна револуционерна дејност.

Тие во Солун се организирале како интелектуална конспиративна група и договориле создавање револуционерна организација која ќе го организира, подготви и поведе македонскиот народ во оружена борба за автономија за Македонија. Во средината на 1892 година ги договориле основните начела врз кои ќе се создава конспиративна револуционерна организација. Кога требало да се започне со реализирање на договореното, се поставило прашањето за личноста која ќе предводи. Иван Хаџи Николов бил задолжен за тоа и отпатувал во Софија за да се советува со Коста Шахов, докажан македонски деец. Во јули 1892 година Хаџи Николов се состанал со Шахов кој се изјаснил категорично дека единствената личност за тоа бил Гоце Делчев. На Делчев му биле претставени целта и договорените начела за планираната македонска тајна револуционерна организација:

1. Организацијата да се основа во Македонија, 2. Основачите да се (само) Македонци, да живеат во Македонија, со народот да ги споделуваат тешкотиите и опасностите, да се чесни и авторитетни, да му влеваат доверба. 3. Организацијата да биде тајна, самостојна и независна. 4. Да се прифати од македонската е миграција во Бугарија и од Бугари материјална помош и морална поддршка без мешање во работите на организацијата. 5. Цел на дејствувањето автономија на Македонија, согласно чл.23 од Берлинскиот договор на европските Големи сили и Османлиската држава на што таа се обврзала со потпишувањето на договорот. Основ за легитимност на оружената ослободителна борба. Делчев ги прифатил претставените начела и се обврзал по завршувањето на Военото училиште да се врати во Македонија.

Во Военото училиште Делчев се присоединил на сооучениците во  конспиративниот кружок, читал актуелна изданија и социјалистичка литература, ги следел случувањата преку печатот, активноста на организирани интелектуални групи, меѓу кои и со македонските социјалисти (МСРГ) и поединци, посебно со Коста Шахов. Но, останал посветен на завршување училиштето, решен потоа да се откаже од воената служба, да се врати во Македонија за да се посвети на револуционерното ослободително дело.

Во јуни 1894 година Делчев го завршил последниот клас во Военото училиште, но не бил произведен во офицер, обвинет за ширење социјалистичка пропаганда во училиштето. Со наредба од Военото училиште од 6 октомври (24 септември ст. с.) Гоце Делчев  бил исклучен од училиштето. Со тоа само било забрзано неговото враќање во Македонија да се посвети на револуционерна дејност. Со стекнатото воено образование и револуционерно искуство да работи за ослободување на татковината, да го исполни и ветувањето дадено на Иван Хаџи Николов (во 1892 година).

На почетокот на октомври, неговото барање да биде назначен за учител добил известување од Училишна управа во Штип дека бил известен дека бил примен за учител во училиштето во Ново Село. Организацијата веќе била создадена од основоположниците: Дамјан Груев, др. Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Христо Батанџиев, Андон Димитров, на основачкиот состанок во Солун, на 4 ноември (23 октомври) претходната година. Во јануари 1894 година бил усвоен Уставот со којшто било утврдено името: Македонската револуционерна организација (МРО) и определена целта на Организацијата: борба за извојување автономија на Македонија. По усвојувањето на Уставот се конституирал Централниот комитет. До летото Организацијата имала комитети во поголемите градови во внатрешноста. Во август се одржало советување во Ресен. Организационата територија оперативно биле поделена на револуционерни окрузи: Солунски, Битолски и Скопски, со окружни комитети освен за првиот, раководен од Централниот комитет.

Пред крајот на октомври Делчев дошол во Штип да го заземе посакуваното учителско место. Тогаш за прв пат се сретнал со Даме Груев, учител во истото училиште кој го запознал со состојбата во Македонија и во Организацијата. При тоа самиот Делчев изјавил дека се вратил во татковината да му служи на својот народ, да се посвети на револуционерна дејност.

Организацијата била ограничена во градовите. Делчев се посветил на нејзино масовизирање, на ширење на Организацијата во внатрешноста. За организирање на селското население со систематска усна конспиративна револуционерна пропаганда во Штипско, а потоа и во другите реони. Со само нему својствена моќ да придобива за револуционерната ослободителна идеја, во Организацијата влегувале колективно цели села и формирал месни организации. Во почетокот на 1895 година во Виница веќе уредил таен прекуграничен канал. Во пролетта 1895 година отишол во Велес за лично да се запознае со состојбите во другите реони на Скопскиот револуционерен округ. Од Петар Поп Арсов бил информиран за општата состојба во Организацијата. Во Солун се состанал со претседателот Христо Татарчев.

Застојот во организационата дејност бил евидентен. Од Солун отишол во Кукуш. Во Кукушко лично се ангажирал за ширење на организацијата,била собрана значителна парична помош со доброволни прилози. При враќањето за Штип престојувал во Дојран, Гевгелија, Струмица и Радовиш каде што тој ја продолжил агитацијата и формирал месни организации.

Многу подобра била состојбата во Битолски револуционерен округ каде организацијата бележела подем, со дејноста на Пере Тошев и Ѓорче Петров. Се започнало со издавање на првите револуционерни хектографирани весници: „На Оружје!“, „Востаник“, подоцна и „Бунтовник“ и др.

Создавањето на самостојно македонско револуционерно движење од владата на Бугарија и Бугарската егзархија било примено како закана за бугарското црковно училишно дело, следствено за бугарските претензии во Македонија. За да се спречи самостојниот развиток на Организацијата во почетокот на 1895 година македонските емигрантски друштва во Бугарија биле поттикнати од владата да се обединат. Во март било извршено обединувањето, избран раководен орган –Македонски комитет, со претседател Трајко Китанчев. Организацијата била регистрирана кај властите како легална политичка организација во Бугарија. Комитетот објавил дека ќе содејствува на ослободителното дело во Македонија, а со вистинска цел да дејствува за спроведува бугарската државна политика.

Во организација навлегоа масовно офицери на бугарската армија, интелектуалци и политичари по род Македонци и Бугари. Агитатори од Егзархијата во Македонија и групи формирани од Комитет влезени од Бугарија да го спречуваат самостојниот развитокот на македонското ослободителното дело. Пропагирале дека Македонија ќе биде ослободена од Бугарија со нејзината 200 илјадна армија. Софискиот комитет уште во март 1895 година, веднаш по неговото формирање, започнал со уфрлување во Македонија и вооружени чети за изведување провокативни акции. Објавил дека ќе дејствува за „автономија на Македонија“.

Во почетокот на јули Дамјан Груев отпатувал во Бугарија за да се регулираат односите. Го известил Софискиот комитет дека Организацијата нема да толерира во Македонија дејност на други организации,  да престане со обидите за мешање во внатрешните работи. Летото починал Трајко Китанчев, а Комитет под раководство на потпретседателот Наум Туфекчиев продолжил со уфрлувањето вооружени чети во граничниот (со Бугарија) североисточниот дел на Македонија. Османлиските власти ја зголемиле мобилноста на безбедносните сили.

Во август во Солун се состанале водечките личности Дамјан Груев, Гоце Делчев, Пере Тошев и Иван Хаџи Николов на советување што требало да се преземе за да се запрат провокативните акции и мешање на Софискиот комитет во внатрешните работи на Организацијата. Есента вооружени чети на Комитетот предводени од офицери на бугарската армија извеле поголема оружена акција, при што бил нападнат и градот Мелник. Во Бугарија било објавено пропагандно дека Македонскиот комитет кренал „востание“, наречено „Мелничко востание“. Оружената акција била изведена со двојна цел: да се запре за подолго време зацврстување на Организацијата во тие реони и за заплашување на Централниот комитет дека ќе бидат превземани такви акции за провоцирање востанија во Македонија. Но, многу побитно било „востанието“ да послужи на владата за решавањето на акутното внатрешно државно прашање на Бугарија -меѓународното признавање на кнезот Фердинанд.

Навлезените чети не биле прифатени (како што се очекувало) и немале поддршка од македонското население, освен во малкуте села под присила. Разбиени и прогонувани од османлиската војска четите се вратиле на територијата на Бугарија. Настрадало македонското население, тероризирано од војската и од властите. Во октомври пропаднал и обидот со поручникот Александар Чакаров кој влегол во Македонија, во Виница агитирал за кревање „востание“. Делчев    предупредил на опасноста, барал да се спречуваат такви авантуристи на организационата територија.

Македонската револуционерна организација се најдувала во раната фаза на градење на организационата мрежа. Провокациите од Софискиот комитет биле примени како серозна закана. Затоа Гоце Делчев на враќање од Солун во Штип одново извршил инспекциска обиколка на Солунско, Кукушко, Гевгелиско и Дојранско. До пред крајот на октомври 1895 година, за само една година, негова активна организациона дејност (за време на учителствувањето во Штип) била целосно изградена организациона мрежа насекаде во внатрешноста, по што веќе немало „ниту едно катче во Македонија“ што не било опфатено. Во ноември Делчев веќе бил во инспекција на пограничното подрачје Берово -Пехчево за да ја провери сигурноста на прекугранична врска со Дупница и Ќустендил.

Во декември 1895 година во Софија се одржал Вториот вонреден конгрес на организацијата на емигрантските друштва во Бугарија на кој бил избран нов со-став на Софискиот комитет со претседател Данаил Николаев, генерал на  бугарската војска. Конгресот го задолжил генералот Николаев да формира  оперативен воен орган генералштаб од офицери на бугарската војска[61] за планирање и изведување оружени акции во Македонија со средства од владата, следствено од бугарската држава. Комитетот веднаш се преименувал во Врховен македонски комитет.

Со преименувањето во Врховен македонски комитет објавил за јавноста, посебно за дипломатиите на европските Големи сили, дека во Македонија  дејствува таен револуционен комитет со комитети во внатрешноста на кои бил врховно легално раководство што  (ќе) ги изразувало и застапувало интересите на „бугарското“ население. А на Централниот комитет во Солун дека (ќе) го презема раководењето со Организација во Македонија. Борбата била објавена.

Пред крајот на декември 1895 година Централниот комитет одлучил Организацијата да се спротивстави. Го ополномоштил Гоце Делчев, како свој претставник, да оди во Бугарија, во Софија, таму да дејствува за спречување Врховниот комитет да се меша во внатрешните работи на Организацијата. Во почетокот на јануари 1896 година Делчев веќе бил во Бугарија. Во Ќустендил и во Дупница извршил проверка на функционалноста и безбедноста на пунктовите, при тоа им назначил раководители.

Во втората половина на јануари Централниот комитет се обратил со возвратно писмо до Врховниот комитет за да ја соопшти позицијата на Организацијата. Во писмото по искажаното жалење за судирот со офицерите и за расцепот што настанал на последниот нивни конгрес, Централниот комитет нагласувал дека од Софискиот комитет како и од целата македонска емиграција во Бугарија очекувал само материјална помош и оружје за Организацијата, дека Организацијата продолжувала со дејноста согласно својата програма за организирање и „подготвување на народот“ за самостојна оружена борба за ослободување и автономна држава Македонија.

(ПРОДОЛЖУВА)