Д-р Михајло МИНОСКИ
(реферат во 2020 г. по повод 148 г. од раѓањето на апостолот)
Во втората половина на февруари 1896 година Делчев престојувал во Софија да го реши прашањето за набавка на оружје и муниција од и преку Бугарија, и нивно префрлување по каналите во Македонија, потребно за создавање на подготвуваната воена организација на МРО. Имал средба со претседателот на Комитетот генералот Николаев. Му ја претставил Организацијата, нејзините цели и позиции, самостојноста и независноста на македонското ослободително дело, по што предупредил дека нема да дозволи мешање во внатрешните работи, посебно не Комитетот „да прави политика со Македонија“. При тоа Делчев и лично се уверил колку сериозна опасност се заканувала од Врховниот комитет за македонското ослободително дело, за потребата да се засили дејноста и брзо надминување на идејните и институционалните слабостите, за зајакнување на отпорноста на Организацијата. Се вратил во Македонија.
Врховниот комитет со арогантно срочено писмо од 2 април (20 март) 1896 година до претседателот на ЦК Христо Татарчев соопштувал дека Комитетот заседавал на 20 (7) март и донесол решение дека го преземал врховното раководство со Револуционерната организација во Македонија, дека само со негова одлука Организацијата можела да изведува акции, дека Комитетот бил единствено надлежен да одреди ден кога ќе се крева востание, а ЦК да без приговор да ги спроведува одлуките, како негов извршен орган. Наложувал брзо постапување затоа што подготвувал, во „поблиска иднина,“ да презема „сериозни акции“.
Според тоа Врховниот комитет барал ултимативно од ЦК да му го предаде раководењето со Македонската револуционерна организација или „војна“, борба до уништување.
Набргу потоа, во април, во Битола бил уапсен курирот на Организацијата Андон (Доне) Тошев Стојанов, соработник и доверливо лице на Гоце Делчев, на влезот во градот, по откривањето бомби во товарот. Се активирале безбедносните служби, полицијата презела опсежна истрага. За апсењето во Битола Делчев разбрал во с. Виница, тргнат за Ќустендил, се вратил во Штип. Властите го уапсиле, во недостиг на докази за вмешаност бил ослободен.
На Организацијата ѝ преостанувало да се реорганизира и да се подготви за најавените акции на Софискиот Комитет. Се наложило брзо одржување конгрес на Организацијата за да се донесат потребните одлуки за да се преземат потребните долгорочни мерки за одбрана на самостојноста и независноста. Летото 1896 година заседавал (во Солун) Конгресот, со учество на членовите на ЦК и делегати. Учествувал и Гоце Делчев (во својство на делегат од Штп) и имал видна улога. Конгресот усвоените решенијата за прашањата од организационен карактер, но и за односот спрема софискиот Врховен комитет како посебно сложено прашање. Комитетот бил поддржуван од влада, од сите други државни и политички фактори во Бугарија. Организацијата сметаше на помошта од македонската емиграција. И не само тоа. За отворен судир во тој момент не располагала со потребните сили и средства. Освен тоа, во таков случај Организацијата само би се исцрпувала, ќе се забавувал развитокот на ослободителното дело. И при сето тоа на Конгресот бил заземен единствен став за решително спротивставување на секоја акција превземана од територијата на Бугарија. Тоа можело да се постигне само со отворање на постојано претставништво на Организацијата во Софија, каде што биле планирани такви акции.
На Конгресот Делчев со Ѓорче Петров биле избрани во новиот состав на Централниот комитет и биле задолжени да изработат нов Устав и Правилник што ќе одговорат на потребите на веќе достигнатиот степен од развитокот на Организацијата. До крајот на годината Уставот бил изработен.
Со Уставот биле утврдени целта на дејствувањето („со револуција да се извојува потполна политичка автономија“ на Македонија и Одринско, внатрешното уредување и раководењето со органите, телата и институциите, како и симболите на Организацијата. Со Правилникот биле до разработени уставните одредби за надлежностите, правата и обврските на органите (окружните, околиските, градските и селските месни комитети, тајната полиција, вооружени чети) и институциите (тајната пошта), вооружувањето, финансиите, судството и казнената материја на веќе воспоставена организациона структура на целата територија на Македонија.
Во почетокот на јули 1896 година бугарската влада знаела дека Револуционерната организација подготвувала револуција во Македонија. Токму тогаш, летото 1896 година, во биле произведени и првите бомби во леарницата с. Дедино, Радовишко, отворена од Димитар Зографов (од Прилеп, телеграфист во Софија), кој бил обучен за тоа.
Од септември 1896 година Гоце Делчев бил главен учител во Банско. Во Разлошко и во поширокиот регион продолжувала засилено врховистичката пропаганда, па било потребно функционално зајакнување на организацијата. Пред крајот на ноември Делчев се откажа од учителската служба за целосно да се посвети на оперативно раководењето со Организацијата.
Организацијата се нашла во положба да да преземе системски мерки за да одговори на акциите на Софискиот комитет, да спречи мешање во внатрешните работи. Централниот комитет одлучи Организацијата да ја спроведе одлуката на Конгресот да се отвори Задгранично претставништво на Организајата во Бугарија за да ја следи активноста на Комитетот во Софија и да превзема потребни мерки.
Во декември Делчев бил ополномоштен за задграничен претставник. Тој таква должност неофицијализирано ја извршувал во почетокот на годината, ополномоштен од ЦК. Со отворање претставништво во Бугарија Оганизацијата ја демонстрира својата самостојност и независност.
Во јануари 1897 година Делчев веќе бил во Бугарија. Како задграничен претставник тој раководел со пограничните пунктови, извршил инспекција на пунктот во Ќустендил, одржувал врски со македонските емигрантски друштва за добивање материјални средства и поединци – кадри за македонското ослободително дело, организирал набавувањето на оружје, муниција и експлозиви, и нивното пренесување односно преминување во Македонија преку тајните канали.
На барање од Делчев Централниот комитет го ополномоштил Ѓорче Петров за втор задграничен претставник во претставништвото во Бугарија. Пред крајот на март и тој пристигнал во Софија, му се придружил на Делчев да ги заштитуваат интересите на Организацијата и истата „да ја претставуваат пред надворешниот свет“. Тогаш Уставот на Организацијата бил отпечатен, а потоа испратен во Македонија.
Со браќата Иванови, трговци со оружје, Делчев договорил Организацијата да добие поголемо количество од пушките „кримки“ исфрлени од употреба во бугарската армија. Претседателот на владата Константил Стоилов тоа лично го одобрил, со ветување ќе биле дадени уште 3000 пушки и други 3000 од владата. Подоцна на Организацијата ѝ биле подарени од Иванови 4043 пушки „кримки“, но без муниција, за бугарската влада „да ги држи конците“. Истите биле пренесени преку тајните канали во Македонија. Предавањето на другите ветени пушки владата го условила, таа да определува каде ќе се распределувале. Предавањето го запрела, и подготвувала апсење на Делчев и Ѓорче Петров. По предупредувањето од Централниот комитет, со писмо лично до претседателот Константин Стоилов, апсењето било откажано.
Организацијата го зголемувала влијанието во црковно -училишните општини како единствени легални народни институции. Бугарската егзархија известувала во Софија дека Револуционерната организација станала нејзин „опасен враг“, дека се заканувала „да го разурне егзархиското дело“, барала да се отворат во Македонија бугарски претставништва. Влада на Константин Стоилов и без тоа веќе одлучила да го преземе раководењето со бугарската пропаганда во Македонија за влијание врз Организацијата. Со таква намена во Македонија беа отворени (во Солун, Битола, Скопје, Сер) бугарски дипломатски агенции, официјално трговски агенции, раководени (главно) од Македонци по род, докажани поддржувачи на големо бугарската државна политика, членови и функционери на Врховниот комитет, познати со раководителите на Организација за следење на нивната активност, за влијание и контрола за промена на карактерот ослободителното движење.
Бугарската влада со комплетирањето на својата агентура во Македонија ја започна специјалната војна против Македонската револуционерна организација. По неуспехот на Врховниот комитет од Софија да го преземе раководењето со Организацијата било одлучено тоа да се изведе во Македонија. Во март 1897 година во Солун било формирано од егзархисти тајно Бугарско револуционерно братство под раководство на Иван Гарванов. За да биде прифатливо истиот подоцна било преименувано во Револуционерно братство, со задача во Македонија да формира филијали за предизвикува судири, да подготви состојба да бидат прифатени во Организацијата, од внатре да го преземат раководењето. Дејствувало координирано со владата и со Врховниот комитет.
Во почетокот на мај 1897 година воениот министер генералот Рачо Петров му кажал на Ѓорче Петров дека Бугарија договарала со Србија поделба на сферите на влијанија, со што предупредил дека Организацијата ако не постапува според „советите“ од владата, Бугарија ќе договорела поделба на Македонија. Предупредувањето било примено. Потпишувањето на тајната бугарско -српската Спогодба, не беше тајна, за тоа веќе пишувал весникот „Малешевски Балкан“ со остра осуда.
Организацијата продолжила да се снабдува со оружје со сопствени средства. Потребата за оружје и други борбени средства станувала сѐ поголема. Под непосредно раководство на Делчев во Осоговската Планина, во шумата до границата, кај с. Сабљар, Ќустендилско, во мај 1897 година била отворена тајна леар-ница за производство на бомби, наречена „фабрика“ за бомби.
За оперативното раководење со Организацијата било потребно негово целосно ангажирање на таа должност на организационата територија, постојано престојување на во внатрешноста. Затоа со Ѓорче Петров извршиле поделба на нивните задолженија како задгранични претставници. Ѓорче презел обврска за надворешните односи, да ја заштитува Организацијата, а со тоа и македонското ослободително дело од нападите од Бугарија.
Гоце Делчев се посветил на „внатрешноста“; на непосредно раководење со Организацијата, нејзиното јакнење со револуционерни кадри, за раководни кадри во револуционерните окрузи и околии, кадри за четите, функционирањето на пограничните пунктови и безбедноста на тајните канали во внатрешноста на Македонија за пренесување на оружјето и другите борбени средства и револуционерна литература, тајната пошта и др.
Есента 1897 година со Виничка провала било откриено постоењето на тајната Македонска револуционерна организација во Скопскиот револуционерен округ, што ги изненадило властите на Османлиската држава. При спроведената ригорозна истрага за откривање оружје, со масовните измачувања била разоткриена на организационата мрежа. Раководните лица биле уапсени и осудени на тешки казни.
Делчев дошол во округот, се движел меѓу населението да го охрабри и да ги воспостави раскинатите врски на организацијата.
Во 1898 година се зголемил бројот на вооружени чети, Организацијата се подготвувала за изведување „возвратни напади“ на акциите на Софискиот комитет. Во мај за тоа извести секретарот на Бугарската трговска агенција во Битола Тома Карајовов и предлагал да се превземаат мерки за спречување на нивно формирање, за да се спречи јакнење на Организацијата. Владата тоа го одобрила и го задолжила Карајовов Агенцијата со двојни напори да го спречува формирањето на „бугарски востанички чети“.
Појавувањето на вооружените чети во реоните силно повлијае на моралот, особено кај селското население кое најмногу страдаше од самоволието на властите и теророзирањето и ограбувањето од албански банди. Охрабрено населението и самото се вооружуваше решено да се бори.
Бугарското револуционерно братство изолирано се покажало немоќно да ја изврши поставената задача. Затоа било одлучено да се примени резервниот план Б, за етапно преземање на Организацијата. Врховниот комитет под претседателство на Борис Сарафов, испратил свој претставник во Солун кај Централниот комитет да посредува за „помирување“ меѓу Братството и Организацијата (договорено со владата) со ветување дека Братството ќе го запрело натамошното дејствување, по постигнувањето договор за обединување на „двете организации“. Во Солун отпатувал поручникот Иван Камбуров, посредникот на ВК. Централниот комитет за да се запрело натамошното дејствување на Братството на организационата територија, без да ја согледа вистинската цел и без да побара мислење и согласност од Делчев и Ѓорче Петров (членови на ЦК), прифатил спогодување. Братството се само распуштило, неговите членови биле примени во Организацијата со формално полагање заклетва. На 16 септември 1899 година Христо Татарчев, Иван Гарванов и посредникот Камбуров потпишале Протокол, по што во ЦК бил кооп-тиран Јосиф Кондов, а Иван Гарванов во Окружниот комитет во Солун. Превид на ЦК што се покажа фатален за Организацијата и за македонското ослободително дело.
Во октомври 1899 година окрузите добиле од Централниот комитет директива и Упатство со 14 одредби за формирање на постојани вооружени чети, согласно уставна обврска секој од окружните и од околиските комитети да имаат на располагање мобилна односно мобилни чети, со задачи пропишани со посебен Правилник. Со тоа започна создавање на оружените сили на Организацијата под раководство на Гоце Делчев. До крајот на годината и во 1900 година на организационата територија биле основани, под непосредно раководство на Делчев, првите воени школи за командни кадри за четите на Организацијата.
Летото во Организацијата биле примени како организирана група македонските револуционери социјалисти.
Со двата претходно споменати акти останале не регулирани многу прашања за воената организација, посебно прашањето за унифицирање на организирањето и дејствувањето на четите, па Гоце Делчев (со учество на Ѓорче Петров) изработи посебен со Правилник за четите. Со Правилникот била утврдена организацијата, раководењето и намената на четите, се создавала единствена мобилна оружена сила – армија на Организацијата раководена од Гоце Делчев, со должност врховен инспектор. Со тоа Организацијата прераснала во масовна револуционерна организација (народно ослободително движење на Македонија, со раководен центар во Солун), способна да го заштитува својот суверенитет на организационата територија. Така била до комплетирана проектираната од Делчев национална македонската државотворна програма. Следуваше операционализацијата на стратегија за долгорочна оружената борба за ослободување и создавање автономна (самостојна) држава Македонија. Стратегија со којашто се постигна Организацијата, со своите органи, со моќ на тајна држава во државата, да ги исцрпува силите на Османлиската држава западната во длабока економска и политичка криза, систематски да ја превзема власта од нејзините органите, народот да го заштитува и да го подготви за слободен живот. Со така подготвен и вооружен народ со револуција да се извојува, при поволна меѓународна констелација, слобода и самостојна државност.
Делчев ја создал воената организација, го организираше вооружувањето и опремувањето на четите, а потоа и на народот. Летото 1900 година изврши инс-пекција во Струмичкиот револуционерен округ, а есента на организационата територија, во источниот, централниот и во западниот дел на Македонија. Во почетокот на 1901 година бил во Горноџумајскиот револуционерен реон.
Организацијата со постигнатиот степен на организираност и подготвеност, со решеноста да се бори со сопствени сили на организираниот народ со веќе раз-виена свест за своите интереси и кој посакувал своја самостојна држава, станала реален независен фактор во Македонија, што силно ги вознемирило бугарската влада и кнезот. Натамошното нејзино јакнење требало да се спречува и спречи со сите средства.
Врховниот комитет во почетокот на 1901 година ги вршел завршните подготовки за акција со офицерите за преземање раководењето со Организацијата. по добро подготвената и суптилно изведена провала на Централниот комитет. Извршена со уфрлениот незабележителниот Милан Михалов (човек на Сарафов, претходно на служба во Врховниот комитет), кој извршувал административни работи во Централниот комитет. Властите спровеле апсења, биле уапсени и затворени членовите на ЦК. Иван Хаџи Николов (кој бил придобиен од капетанот Софрониј Стојанов за време на неговиот престој во Солун) пред и тој да биде уапсен, „во момент на малодушност,“ целата документација на ЦК (архивата, шифрите, адресите за коресподенција и други материјали), како и веќе подготвените бланко полномоштва ги заверил со печат на ЦК и му ги предал на Иван Гарванов за да ги испрати на Врховниот комитет во Софија. Само така Сарафов со офицерите можел да влезат на организационата територија, во Солун „да ги заменат уапсените членови на ЦК“. Основано може да се смета дека тоа било.
Гарванов пет бланко полномоштва со печат на ЦК испратил во Софија на Врховниот комитет, а архивата со печатите на ЦК ги задржал и со тоа тој го презел раководењето со централизираната Организација. Веднаш после тоа Иван Гарванов со Димитар Мирчев и Спас Мартинов (поранешни раководители на Бугарското револуционерно братство) се самопрогласиле за Централен комитет на Организацијата, додека Делчев се најдувал во внатрешноста за да спречи растројство во Организацијата.
Делчев презел брзи мерки да да продолжи функционирањето на Организацијата без застој. Со шифрирано писмо ги известил окружните комитети за затворањето на членовите на ЦК и ги задолжил привремено да продолжат со дејноста самостојно, согласно програмата, до нова директива. Организацијата била спасена од поголеми потреси.
Сарафов во договор со Цончев бил подготвен со офицерите да го преземе раководењето со Организацијата. На нивното собрание биле повикани Делчев и Ѓорче Петров (задграничните претставници и членови на ЦК) за согласност двајца офицери да влезеле во ЦК, а 14-16 офицери во окружните раководства. Изјавиле дека организираното (селско) население било неспособно да се бори со моќната османлиска војска, па тие офицерите требало да го преземат раководењето во окрузите, да подготват состојба за „оружените сили што ќе навлезеле од Бугарија под команда на генерал – мајорот Иван Цончев. Соопштиле дека за тоа имале полномоштва од Солун за Врховниот комитет и предлог за формирање подвижен Централен комитет раководен од Сарафов во кој да влезел и Гоце Делчев. Одговорот на Делчев бил дека не ги признавал „тие работи.“ Со Ѓорче остро се спротивставиле, со предупредување дека на секој обид Организацијата ќе се одговорела со својата оружена сила. Влегувањето на офицерите било откажано.
Делчев и Ѓорче Петров (од позиција на легални членови на ЦК) привремено ја презеле неговата улога. Со циркуларно писмо ги известиле окружните комитети дека ја преземаат надлежностите на Централниот комитет и ги задолжувале сите комитети на Организацијата (окружните, околиските, селските комитети) и војводите на четите за мобилност, да преземат мерки за одбрана: да спречуваат влегување на чета или чети во нивниот реон, а ако влезат да ги разоружат доколку немале писмено одобрување потпишано од нив двајца; да немаат доверба и да ги спречуваат лицата испраќани од Врховниот комитет да вршат пропаганда на организационата територија; да ги прекинат сите врски со Врховниот комитет и со „неговите агенти“ крај границата; да осигурат куририте и пограничните работници строго да ја чуваат тајноста на внатрешните работи на Организацијата.
(продолжува)




