Д-р Михајло МИНОСКИ
(реферат во 2020 г. по повод 148 г. од раѓањето на апостолот)
И во таква состојба Организацијата била подготвена да спречи поголема провокација со навлегување на вооружени чети на Врховниот комитет.
Врховниот комитет, избран на вонредниот IX конгрес летото 1901 година во состав Стојан Михајловски претседател, генералот Иван Цончев (човек на кнезот Фердинанд и на владата на Стојан Данев) и потполковникот Стефан Николов – секретар, раководен од генералот Цончев, ги задолжил друштвата да обезбедат средства за опремување чети за влегување во Македонија. Арогантно изјавувал дека не признавал никаква Внатрешна организација. Иван Гарванов, приврзаник на генералот Цончев, бил повикан во Софија за да договорат кревање востание. Гарванов и самиот сакал да се крене востание, но само додека тој бил претседател на Централниот комитет за „да ја има историската заслуга“ за кревање на востанието, да се претстави во Бугарија како водач на Организацијата.
Во август Делчев се вратил во Македонија во инспекција на органите и телата на Организацијата и состојбата на оружените сили. Гарванов ги разрешил Делчев и Ѓорче Петров од должноста задгранични претставници, а ги назначил Петар (Туше) Делииванов и Димитар Стефанов. Тие поради подготвуваните вооружените акции против Организацијата, во декември 1901 година, со писмо го известиле претседателот на Врховниот комитетот дека Организацијата од 21 (8) декември ги прекинала врските.
Во почетокот на 1902 година продолжило навлегување на вооружените чети и пропагандисти на Софискиот комитет во граничните реони, толерирано од Централниот комитет на Иван Гарванов. Во февруари реонските раководства добиле од Делчев (и Ѓорче Петров) и од Централниот комитет во Солун спротивставени инструкции за нивно постапување, што довело до забуна и привремен застој. Од Делчев било барано да ги посети реоните за средување на работите.
За надминување на таа неодредена состојба во системот на раководењето Делчев (со Ѓорче Петров) веќе го преработиле Уставот и изработиле нов Правилник за четите. Истите биле отпечатени и биле дистрибуирани за постапување по истите.
Во средината на јануари 1902 година Делчев бил во инспекциска обиколка на Битолскиот револуционерен округ. Тој во својство врховен воен инспектор раководел со единиците на вооружените сили (четите) ги превземал инспекциски обиколки на окрузите и реоните придружуван од посебна единица-„ревизорска чета“ или од реонска чета во реоните во кои се движел. Одржува советувања со командниот состав, вршел распределување и прераспределување на војводите и на четите по реони, примал извештаи, издавал инструкции и др. Османлиските власти немоќни да го откријат неговото движење, објавија парична награда за неговата глава.
Во четите се спроведувала редовна воен обука. Основна обука за ракување со оружјето и другите борбени средства, и напредна обука – тактички вежби за извршување на нападни и одбранбени борбени дејства во различни временски и теренски услови со надмоќни непријателски сили. Според Делчевата стратегија за долготрајна борба за идеалот за слобода и самостојна држава Македонија, идеал којшто ќе го следеле генерациите што доаѓале борците (комитите), биле решени да го следат својот веќе легендарен водач во борба под востаничко македонско знаме, до последниот куршум, последната бомба, да го исполнат заветот за татковината, да се жртвуваат за светото дело. Завет даван и при чинот на осветувањето на четите кои ја симболизирале „воскреснатата Самоилова војска“. За нивното дело „да се зачува за потомството“, за генерациите македонски револуционери, борци за слободата на татковината. Со повремени мобилизациски вежби се проверувала борбената подготвеност на четите и на селските милиции во поширокиот реон. По откривањето на врховистичките чети и во внатрешноста на организационата територија, во март со наредбодавно писмо од Делчев четите на Организацијата биле ставени во мобилна состојба за одбрана на организационата територија.
Во мај вооружени чети на Врховниот комитет навлегле во граничните рони: Џумајско, Петричко и во Малешевско да вршат пропаганда против Организацијата и да агитираат започнување вооружена борба, за започнување востание, со ветување за подготвеност на бугарската војска со поддршка од Русија да ја ослободи Македонија.
Во јуни 1902 година Делчев со Ѓорче Петров со окружни писма (едното до сите револуционерни комитети на целата организациона територија, а другото до комитетите во загрозените реони) предупредиле дека Софискиот комитет уфрлувал вооружени чети (со луѓе и од внатрешноста) за да предизвикаат кревање предвремено востание во Македонија, за да ја уништат Организацијата. Да не им се верува на нивните ветувања за помош од Бугарија и од Русија, да ги протеруваат. Да се сметаат само „на својата волја и сила“, на силата на организираниот народ, да не се крева реонско востание како Кресненското, туку со обединети сили кога целиот народ ќе биде подготвен, да се води борбата за ос-лободување и автономија на на Македонија.
Во почетокот на јули Делчев бил известен за преминување на сѐ поголем број чети, дека бугарската гранична полиција ги пропуштала, што упатувало дека Врховниот комитет подготвувал акција од големи размери. Во Разлошко и во Мелничко врховистички чети го заплашувале и го присилувале населението во селата да им се присоединат за да подготват ситуација да објават кревање на востание. Населението барало заштита. Организацијата била присилена да одго-вори со сила. Врховистичките чети во Мелничко во септември биле протерани од Сандански.
Организацијата претставувала внатрешно политички фактор во Македонија. Европски Големи сили определени за одржување на статус – кво и од нив покровителствуваните за балканските држави: Бугарија, Грција и Србија (неподготвени за војна за освојување и поделба на Македонија), спроведувале координирани активни дејства во поддршка на Османлиската држава за уништување на Македонската револуционерна организација, за да се прекинела оружената борба за ослободување и создавање на самостојна држава Македонија.
Во таква констелација бугарската влада одлучила работите да ги доведе до посакуваниот исход. Во септември бил повикан во Софија Иван Гарванов, кој тукушто го легализирал својот Централен комитет, и подготвувал кревање востание во Македонија во содејство на Врховниот комитет, а според советите влада. Во Софија биле договорени постапката за донесување одлука од ЦК кревање востание во Македонија додека населението било не(доволно) вооруженото, како и координирањето на активностите и акциите со Врховниот комитет за предизвикување состојба за тоа да се спроведе.
Според договорено подготвените вооружени чети на Врховниот комитет, предводени од офицери на бугарската војска, навлегле во Горноџумајско и во Петричко. Нападнале повеќе села од кои мобилизирале месното население и на 6 октомври (23 септември) објавиле дека било кренато востание. Организацијата презела мерки за нивно изолирање. Без поддршка, војската бргу ги разбила „востаничките“ чети во бегство се вратиле во Бугарија. Страдало недолжното македонско население во подрачја каде што тие дејствувале. Во внатрешноста на Македонија полковникот Јанков влезен со четата, во Костурско да предизвика „востание“, бил разоружан од четите на Организацијата, а потоа спроведен до границата вратен во Бугарија.
Се покажало дека Гарванов немал авторитет во Организацијата која, под оперативно раководство на Делчев, била одлучна со своите вооружени чети да ја брани организационата територија. Во поддршка на Гарванов се активирале ново поставените задгранични претставници Христо Матов и Татарчев кои уште на заточение биле за кревање востание во Македонија. Пред крајот на ноември 1902 година Гарванов ги задолжил да ги исклучат Гоце Делчев и Ѓорче Петров да ја претставуваат Организацијата, да се во врска со бугарските државни фактори, да се советуваат со владата, посебно со нејзиниот претседател Стојан Данев, а со врховните комитети да договорат„помирување“ за да се изведе „големо востание“ во Македонија.
Со Врховниот комитет на генералот Цончев се договориле, дале согласност, за учество на неговите чети во подготвуваното востание за да не бидат спречени од силите на Организацијата да влезат во Македонија. Веднаш потоа Врховниот комитет со писмо (потпишано од сите членови) ги известил офицерите Македонци во армијата да се подготват за учество во ослободувањето на , а за своето учество известеле до 15 јануари 1903 година. Во Софија на „советување“ повикал претставници на македонските друштва кои поддржувале кревање востание.
Гоце Делчев (кој тогаш бил во Софија) со Ѓорче Петров ги повикале Дамјан Груев и Пере Тошев во Софија заеднички да дејствуваат за запирање на извесната опасност за македонското ослободително дело. Отишол само Пере Тошев, Груев откажал.
Гарванов, кој претходно повикувал во Солун „да се советува“ лица од окрузите на Организацијата склони да поддржат кревање востание, ангажирал свои „агенти“ да обезбедат истите во определеното време да бидат таму. Откако тоа било обезбедено со службени писма (со назнака од Солун, двете од 6 јануари /24 декември), со едното ги известил задграничните претставници во Софија за решението на Централниот комитет за свикување општ конгрес, од нив се барало само нивна согласност, а со другото окружните комитети дека свикал општ конгрес во во Солун, во јануари, за донесување одлука за кревање востание, а нив ги задолжил да ги започнат подготовките.
Делчев на советувањето во Софија одржано по приемот на известувањето од Централниот комитет, со учество на „дваесеттина дејци“, остро се спротивставил на одржувањето конгрес. По категоричното противставување и на Ѓорче, Пере Тошев и други, а Христо Матов, Христо Татарчев и Иван Хаџи Николов со поддржувачите се искажале за, мнозинството се изјаснило против кревање востание, а со тоа и против одржување на закажаниот конгрес во Солун.
Делчев ја согледал опасноста. Не очекувал дека Централниот комитет ќе постапи според решението на мнозинството за откажување на конгресот, се вратил во Македонија да спроведе акција за спречување кревање на масовно востание.
На Конгресот во Солун, на последното заседание на 17 (4) јануари без негово учество и на другите легални членови на ЦК Ѓорче Петров и Пере Тошев, со делегати по повикување, само под притисок, било изгласано решение за востание веќе во пролетта.
Во органите на организацијата не се знаело за случувањата во раководството, за акциите и вистинските цели на Централниот комитет на Иван Гарванов. По добиеното писмо за востание, целиот механизам на строго централизираната Организација бил покренат. Веќе била создадена состојба пред револуција. Грчкиот битолски владика на 20 јануари известил дека населението се надевало на скорешно ослободување и формирање автономно кнежевство.
Делчев се вратил во Македонија. Отишол во во Серскиот револуционерен округ. Тука разбрал за одлука на Солунскиот конгрес за востание. Со Сандански се договориле да се преземат акции за отповикување. Пред заминувањето за Солун за последен пат да разговара со членовите на Централниот комитет, во с. Каракој (Неврокопско) под негово раководство било одржано советување окружното раководство и со војводите од Округот при што било договорено и одржувањето окружен конгрес.
Во Софија стравувале дека Делчев, со својот голем углед во Организацијата и авторитет кај војводите можел и по донесувањето на решението, да го спречи востанието. По толку години подготовки, ангажирани сили и потрошени средства без резултат, преостанувало само негово физичко отстранување. Но, не со ангажирање на лица, применето неуспешно во 1901 година, туку во судир со војската, по предавство. За тоа било превземено организирано негово следење за сето време на патувањето од Софија до Солун и потоа.
Во Солун имал средба со Дамјан Груев, туку што се вратен од заточение, убеден дека заеднички можеле да го спречат кревање масовно востание. Груев, веќе определен за востание, не се согласил со укажувањата на Делчев извесните трагични последици за народот и за ослободителното дело. Се разделиле со зборовите што, наводно, ги кажал Груев: „поарно ужасен крај, отколку ужас без крај“. По заминувањето од Солун на пат за Серско, на закажаниот окружниот конгрес, Делчев со придружбата влегол во с. Баница Серско. Предаден, повдќе часовна борба со војската со војската загинал во опколено селото, загинал на 4 мај 1903 година. Веста за загинувањето на Делчев на секаде во Македонија била примена како најголема национална трагедија. Уште жив од народот за него се кажувале легенди и се пееја песни.
Гоце Делчев беше организаторот, идеологот и предводник на македонското национално револуционерно ослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Личност која целиот свој живот го посвети на Македонија и на својот македонски народ. Тој со апотолска мисионерска посветеност го просветлил, го помирил и го обедини македонскиот народ, го поттикна неговиот слободарски дух, го охрабри јавно да ја декларира својата македонска националност, поединецот да изјавува: „јас сум Македонец“, му всади свест и верба дека може самостојно, со оружена борба со сопствените сили, да се избори за своето ослободување, за идеал за слободен живот во своја самостојна држава Македонија.
Во колективната меморија на македонскиот народ Гоце Делчев е трајно запаметен, опеан како легендарен револуционер и народен предводник, син на мајка Македонија. Величан од сите генерации, вклучувајќи ја и сегашните наша млади генерации (најексплицитно од најмладите, со нивната „химна“-„Излези момче право на тераса, поздравија Гоцевата раса“). Така нашиот благодарен народ, кој знае и умее да се оддолжи на своите заслужни синови, му го одреди заслуженото место во историјата на Македонија, а така како и нашата историска наука.
Денес кога Република Македонија повторно е деноминирана, македонскиот народ и македонската нација се понижени, нашата земја се одмакедончува, Гоцевата личност и дело се бугаризираат, Гоцевиот идеал за „Македонија на Македонците“ – македонизмот, во перспектива на времето, останува безвременски.
(Крај)




