Проф. д-р Мимоза РАЈЛ

Едно доста важно автохтоно подрачје на истражувањето на културното наследство во Македонија, е и народното творештво. Во таа насока се поставува прашањето: колку и до каков степен во фолклорот – тој неисцрпен уметнички израз на народот, може да биде релевантен во откривањето на народниот идентитет како негова диференција специфика.

Фолклорот претставува креација на колективната национална свест и тој свој израз ќе најде токму во единствената народна песна, испеана во темнините на македонските вековни страдања, но и во светлите мигови на радоста на македонскиот народ. Низ своето долгогодишно уметничко создавање преку умотворбите, од песната и играта, везот и орнаментот, во сета таа уметничка убавина, народната свест дедуцирала единствени уметнички изразувања кои се дел од народната душа кое ќе го карактеризира народно творештво како наше специфично културно наследство.

Таа народна песна, таа мелодија и тој звук во македонскиот случај надоѓале како искри блеснати во мракот, на едно доживување или осознавање на убавината или темнината на светот, животот и природата. Или како што велеше акд. Георги Старделов “ тоа беа искри прснати за да изгаснат, но, поради конгенијалната пенетрација во откривањето на животната тајна, останале вечно да блескаат”.

Во таа народна песна како да се плел генијот на еден народ, мисловната длабочина на автохтониот сензибилитет на неговото национално битие, затоа што како супстрат на неговото долговековно искуство фолклорот станал непресушен извор и непобитен аргумент за неприкосновеноста на неговите поетички и уметнички вистини за сите феномени на животот. Во фолклорот како да се збрало сето естетичко искуство на еден народ, во него е супсумиран и потврден до неприкосновеност македонскиот идентитет низ многубројните поколенија.

Низ уметничкиот систем на македонското народно творештво се допираме и до националната традиција во областа на интегралното македонско творештво и, се разбира, тука влегуваме во областа на нашето единствено културно наследство.

Токму затоа можеме да констатираме дека народното творештво содржано во фолклорот, согледбите на тоа нациолано пеење, е супсумиран македонскиот, специфичен идентитет. Во таа смисла проследувањето на генезата и историската еволуција на фолклорот кај нас би останала огромна празнина доколку во него не биде зачувана мудоста на нашиот народ низ вековите, на нивните неисцрпни мисли, зборови, тој македонски специфичен ритам и мелодија, до арабеската, орнаментот, везилото и бојата како еден автохтонен уметнички систем содржан токму во македонското народното творештво.

Македонската народна музика е особено препознатлива по употребата на асиметрични ритми, кои претставуваат редок и високо развиен феномен во европската музичка традиција. Вокалната традиција се одликува со специфични техники на пеење, често со архаичен карактер, додека орската традиција претставува синтеза на музика, движење и социјална интеракција. Ората не се само уметничка форма, туку и симбол на заедништво, ред и колективен идентитет.

Во таа смисла Тешкото на Блаже Конески не е само песна за македонската историја низ вековите изразена преку фолклорот, туку претставува најзначаен книжевен запис во најдлабоката форма на македонскиот фолклор.

Во „Тешкото “се поврзуваат минатото и сегашнината во една единствена целост, во нејзината голема поетска и митска сила за да се открие тој капитален македонски симбол, каков што е „Тешкото“, историскиот проток на македонските тешки епохи на опстојба. Конески ја вплете македонската судбина во тоа македонско оро, во тој негов единствен ритам и во тие негови единствени движења, ритамот и движењата на нашата историја, на вековната ропска македонска историска стварност. Зашто во „Тешкото“, во тие и среде тие сурли штом диво ќе писнат и во тој тапан штом грмне со подземен екот, во тој писок и во тоа рзнување како да се збрани сите македонски крвави солзи и сите македонски црни клетви, сите лути рани, сите пламнати ноќи, сите болки и пеплишта пусти, сиот пустош и сето крвје, сите јадови од векови збрани. И токму затоа, во тие чудни и чудесни старци и во таа молња што светнува во секој нивни глед, има таква и толкава исконска сила која земјата ја врти и со која просто како да го корне стресениот век, зашто во „Тешкото“ шуми на реките зборот, рика див ветер и страшен и дише земјава наша, во него е наталожен сиот оној чемер и јад од нашата историја, во него се самооткрива, самоостварува и самоосмислува народов наш и неговата душа:

И душата чиниш на родот мој мачен

вo тешково оро се уткала сета –

век по век што трупал се попуст и мрачен

од крвава болка, од робија клета,

век по век што нижел од корава мисла

за радосна челад, за слободен свет,

од песна – за љубов што гине со пискот

ко жерав во лет.

o сенка, сè еден дo дpyг – ο бескрајно оро син оди по татка, по деда си внук…

Ова нај македонско од сите македонски ора се игра на самата сцена на историјата. Времињата мрачни се неговото поле и тоа продира низ густата магла на историјата и од таа густа историска магла се сенка од дедо на внук, повторувајќи ја судбината и судбинското како најтрагично, тоа е оро на историјата, оро што ја обликува Македонија, што ја пресоздава. Низ тешкото оро народот наш и неговата историја ни доаѓаат од вековно ропство, тоа е танец од крвје и оган. Низ него дефилираат времињата на родов наш се до денешниов ден, се до онаа само навидум патетична кода во последните стихови од песната која го изразува дефинитивниот чин на македонската слобода која што денес ја живееме.

Автор на македонската народна песна не е поединец, туку колективниот дух на народот. Токму затоа песната има универзална важност и надвременска вредност. Таа не припаѓа на конкретна историска личност, туку на културната меморија на народот.

Ова колективно авторство е причината зошто македонската народна песна има исклучителна внатрешна кохерентност и стилска чистота. Македонската народна песна претставува врвна поетска и философска форма во која се синтетизирани естетските, етичките и егзистенцијалните искуства на македонскиот народ.

Нејзината тивка трагичност, симболичка длабочина и јазична строгост ја прават еден од најавтентичните изрази на националната, македонско – културна свест.