Триесет години по атентатот на првиот претседател на самостојна Македонија Киро Глиговор се бараат одговори на четири клучни прашања: кои беа причините и мотивите за атентатот, кои се можните нарачатели и извршители, дали можеше и зошто не беше превениран атентатот и зошто државните органи во изминатите три децении не дадоа одговор на овие прашања. Дел од учесниците на денешната научна и стручна конференција „Триесет години од атентатот врз Киро Глигоров, претседател на Република Македонија и врховен командант на АРМ“, сметаат дека мотивите се политички и дека целта била земјата да го смени правецот на „движење“.
Од првиот ден беше јасно дека мотивот за атентот беше политички, смета полковникот Зоран Јовановски. Како што кажа, останал непознат идентитетот на купувачот на експлозивот, а не се знае нити дали пропустите и грешките во истрагата за атентатот биле намерни или не, а ништо ново не открила ниту автобиографската книга „Атентат ден потоа“.
– Целта на денешната јавна дебата е да придонесе за евентуални можни нови сознанија за можните нарачатели, организатори и извршители на атентатот. Притоа клучно прашање, според мене, останува дали можеше и зошто не беше превениран терористичкиот чин, а во тој конктекст и одговор на прашањето зошто институциите во сите овие изминати 30 години не одговорија на овие прашања, рече Јовановски.
Љубомир Гајдов, поранешен меѓународен коментатор и професор на Штипскиот универзитет нагласи дека последиците од атентатот на Глигоров беа многу сериозни бидејќи Македонија која живееше еден мирен живот, по овој чин доживеа време на турбуленција и растурање на таа коалиција што ги доби изборите во 1994 година.
-За жал овде денеска не се присутни двајца значајни автори проф. Светомир Шкариќ, кој во своето осмо издание на Уставно право и својата книга Научно толкување на Уставот кажа две многу важни работи дека првпат во историјата на државата и правото колективен орган, владата на (Бранко) Црвенковски ја презема вината на министерот (Лубомир) Фрчкоски и второ, во историја и теорија на право и филозофија на право не постои институт понудена оставка или е оставка или не е оставка, рече Гајдов.
На конференцијата беше презентиран видео разговор со поранешниот јавен обвинител Ставре Џиков, кој кога бил на оваа позиција го отворил случајот и го истражувал, а во тоа време првпат пред него и пред судија, поранешниот претседател Глигоров дал исказ за атентот како жртва.
– Со атентот се изврши терористички напад на претседателот на државата, тоа е еден факт, а втор факт е дека се изврши напад на Врховниот командант на македонските вооружени сили и трет факт директно се изврши терористички напад на Македонија, тоа значи на сите граѓани во Република Македонија, вели Џиков.
Како јавен обвинител, како што раскажа, случајот го проучувал од два кривично – правни аспекти.
– Што се случило од 1995 година до моето доаѓање 1999 година. Каде е полициската и судската истрага, тие се едни со други поврзани согласно законот и кривична постапка. Тргнувајќи од таа премиса јас направив увид на обвинителскиот предмет и морам да ви кажам јас малку се разочарав. Тоа беше предмет кој беше повеќе од скромен во однос на евидентирање на атентатот на претседателот Киро Глиговор. А, второ во согласност со министрите Павле Трајанов, Доста Димовска и Љубе Бошковски направив и личен увид и на полициската и криминалистичка истрага. Што утврдив во полицискиот дел што се работело? Само утврдив дека се што се правело оперативно од страна на криминалистичката полиција од моментот на случување на атентатот се свело само на службени белешки во однос на распит на граѓани, на тактичко- теренски проверки на терен што се случувало, вели Џиков.
Во видео разговорот тој кажува дека бил личен пријател со претседателот Глиговор, но исто така нагласува дека не знае од кои причини тој како жртва на атентатот никогаш не бил распрашан. Џиков го сослушал Глигоров во 2001 година и целиот државен врв пред истражниот судија Лилјана Шопова. Меѓу нив бил и претседателот на Собранието Стојан Андов.
Поранешниот министер за внатрешни работи, поранешен пратеник и претседатело на Демократскиот сојуз Павле Трајанов смета дека антентатот врз поранешниот претседател Глигров бил политички мотивиран односно е направен за промена на движењето на Република Македонија.
-Мислам дека најголем интерес за тоа имаше Милошевиќ и некои други, Македонија да остане дел од таа т.н. скратена Југославија и мислам дека тука треба да се бараат политичките мотиви за антентатот на Киро Глиговор. за жал, ниту странски служби, ниту никој не презентираа цврсти докази кои се мотивите, кои се организаторите и кои се извршителите. Имаше информации, но имаше своевидна блокада на целиот систем за да не се дојде до вистината кој и зошто го организираше атентот на Киро Глигоров, рече Трајанов.
За него неколку прашања се клучни, а еден од нив е што тогаш политичкиот амбиент бил исклучително сложен.
– Во тоа време СДСМ ја имаше целокупната власт во сите институции. ВМРО-ДПМНЕ беше партија во опозиција и беше под силен притисок на власта и во тоа време имаше проценки и очекувања дека може да се случи атентат на претседателот Киро Глиговор но службите не ја сватија таа сериозна можност или закана, рече Трајанов.
Според него, имало неколку клучни елементи околу овој настан како кражба на експлозив од магацин на одбрана и 12 украдени далечински управувачи за активирање на експлозив.
– Имаше кражба на експлозив во магацините на одбрана, втора работа имаше исто така украдени 12 далечински управувачи за активирање на експлозив. Оваа кражба беше покриена. Министерот Ханџиски и Фрчкоски, министерот за внатрешни не сакаа да се отвори како случај за да не се дискредитира Министерството за одбрана, но покасно се покажа дека експлозивот е исти што беше украден од Министерството за одбрана и дека е активиран со далечински управувачи. Тоа беше еден од клучните моменти што службите затаија претходно, вели Трајанов доведувајќи го во прашање фактот дали службите имале навремени информации за да превенираат.
Според него, имало огромни недостатоци и после атентатот. – Прво не се обезбеди лице местото (местото на атентатот). Граѓаните слободно се движеа и дигаа делови од автомобилот што беше таму подметнат, парчиња, не се направи обрач околу самото место околу атентатот и трето, не се затворија границите и покасно најкрупна грешка беше што се формира штаб што не го водеше директорот на службата за безбедност туку помошник министер во службата за јавна безбедност и овој штаб ги преземаше сите активности, наместо да бидат вклучени сите оперативни служби на полицијата, на службата за државна и јавна безбедност тие се ограничија и тој штаб во суштина не можеше да одговори на потребите, смета Трајанов.
Додаде дека кога станал министер во 1998 година веќе било доцна и врз основа на сите информации што ги добивал преку поинаква методологија од српските служби.
– Српските служби, поранеши служби или припадници на воено – разузнавачките служби во соработка со наши припадници од одбрана и од службите за безбедност кој биле поврзани, цело време биле во иста армија, најсигурна информација имавме дека тие структури го организирале и го направиле атентатот. Не се расчисти и немаше политичка волја кај ниту една политичка партија до крај да се расчисти, вели поранешниот министер.
На конференцијата учествуваа универзитетски професори, научници, експерти, меѓу кои и учесници од претходната конференција „15 години од атентатот врз претседателот Глигоров – мистерија или настан ад акта“, што се одржа во Скопје на 30 септември 2010 година.
Од иницијативниот одбор потсетуваат дека атентатот беше дочекан со огромно изненадување во домашната и меѓународната јавност имајќи ги предвид угледот на претседателот Киро Глигоров и неговата клучна улога во конституирањето и меѓународното признавање на Република Македонија по нејзиното осамостојување во 1991 година. (МИА)




