„Жените нивни природните потреби ги заменија со противприродни; и мажите исто така; оставајќи го природното зближувањсе со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг, и вршеа срамни работи мажи со мажи“.
Ова е дел од Посланието до Римјаните на апостол Павле. А приказната на финската лекарка Пејви Ресенен, поврзана со овој дел Посланието, започнува во 2019 година, кога Евангелистичко-лутеранската црква во Финска решава да ја поддржи т.н. „Парада на гордоста“. Д-р Пејви Ресенен, лекарка, член на финскиот парламент и поранешна министерка, тогаш на Твитер објавува принтскрин од глава 1, стихови 24-27 од Посланието на апостол Павле до Римјаните во кое тој жестоко го критикува машкиот и женскиот хомосексуализам.
Апостолот зборува за оние „кои не го прославија“ Бога, туку „се заблудија во своите помисли“, и затоа тој „ги предаде на нечистотата, за да се бесчестат телата нивни во самите себе“.
Апостолот продолжува и вели: „Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: жените нивни природните потреби ги заменија со противприродни; и мажите исто така; оставајќи го природното зближувањсе со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг, и вршеа срамни работи мажи со мажи“.
Ништо чудно за библијата и за апостол Павле. Но, тогаш, во една земја која и припаѓа на ЕУ, а од неодамна е и членка на НАТО, се случува нешто друго. Против докторката започнува кривичен прогон затоа што го цитирала овие стихови на апостолот Павле.
Обвинителот ја обвинува во 2021 година, за „агитација против малцински групи“, односно за говор на омраза со постот, заради памфлет од 2004 година што го напишала за библиските учења околу бракот и сексуалноста и заради коментари во 2019 г. во радио дебата.
Легалниот аргумент на обвинителот се состоел во тоа дека нејзините изјави можат да се толкуваат како изјави кои содржат говор на омраза и дискриминација против ЛГБТ групите, иако тие се базирале на нејзините религиозни верувања, што пак, од друга страна, не смее да подлежи на било каков акт на санкционирање од страна на државата. Оттогаш, таа се влече по судските ходници во Финска, а случајот сега го разгледува Врховниот суд на Финска.
Два пониски суда (Окружниот суд во Хелсинки и Апелациониот суд во Хелсинки) едногласно ја ослободија од сите обвиненија за говор на омраза. Сепак, Генералниот обвинител поднесе жалба, а Врховниот суд на Финска се согласи да го разгледа случајот, што го направи високопрофилна правна битка за слободата на говорот и верската слобода.
На крај, се се сведува на следното: „Како е можно еден твит со библиски стих да предизвика 13-часовна полициска истрага и шестгодишен кривичен прогон?“. Ова е прашањето што го поставува Пејви Ресенен, како што рековме, долгогодишна финска пратеничка и поранешна министерка за внатрешни работи, која стана светски симбол на борбата за слобода на говорот.
Во ексклузивно интервју за МИА, непосредно по нејзиното сведочење во Конгресот на САД, Ресенен зборува за опасноста од „ефектот на заплашување“ на говорот во Европа, за својата непоколебливост и зошто смета дека нејзиниот случај е одлучувачки преседан за верските слободи на целиот континент.
Вашиот случај стана симбол на борбата за слобода на говорот во Европа. Како би им ја објасниле вашата ситуација на македонските граѓани – како е можно поранешна министерка и пратеничка во парламентот да се соочи со кривично гонење за објавување библиски стих и изразување на нејзините религиозни верувања?
Често ми велат дека мојата приказна звучи неверојатно за оние кои претпоставуваат дека такви работи не можат да се случат во слободно општество. Ја разбирам нивната реакција. И јас често се прашував: „Како може една објава на библиски стих онлајн да предизвика 13-часовна полициска истрага и повеќе од шест години кривично гонење?“ Никогаш не поттикнав насилство, ниту пак таргетирав поединци со мојата објава. Едноставно ги споделив моите длабоко вкоренети христијански верувања на Твитер во прашање упатено до моето црковно раководство, Евангелистичко-лутеранската црква на Финска, кога тие одлучија да учествуваат на Парадата на гордоста во Хелсинки. Бев кривично обвинета според финскиот закон за воени злосторства и злосторства против човештвото. Сега, по две претходни ослободителни пресуди, чекам одлука од Врховниот суд на Финска по овие обвиненија.
Неодамна сведочевте пред Комитетот за правосудство на Претставничкиот дом на САД за „европската закана за слободата на говорот“. Која беше најважната порака што сакавте да ја пренесете до американската јавност и до светот?
Еве што му кажав на Конгресот: Мојот случај „се однесува на тоа дали граѓаните, вклучувајќи го свештенството и избраните претставници, можат отворено да зборуваат за прашања од верата и совеста без страв од гонење. Станува збор за тоа дали е нелегално да се каже она во што веруваш“. Додадов: „Не мора да се согласувате со моите верувања за да ја видите опасноста од криминализирање на мирниот говор. Кога државата контролира кои идеи и верувања можат да се изразат, демократијата станува кревка“.

Вашиот случај сега е пред Врховниот суд на Финска. Доколку судот пресуди против вас, каков преседан претставува ова за верската слобода и слободното изразување низ цела Европа?
Мојот случај покренува важни прашања во врска со тоа како слободата на изразување и слободата на религијата се разбираат и заштитуваат во Финска и низ цела Европа.
Доколку Врховниот суд донесе пресуда за моите дела, последиците би биле многу опасни. Тоа би претставувало негативен преседан, поради што илјадници слични дела би биле во опасност.
Самиот факт дека мирното изразување на христијански убедувања можат да доведат до долготрајно кривично гонење е причина за загриженост и треба да поттикне размислување за тоа како овие фундаментални права се разбираат и заштитуваат во нашите општества. Во исто време, важно е да се нагласи дека пониските судови функционирале како што треба. И окружниот суд и апелацискиот суд внимателно го испитаа случајот и ме ослободија од обвинение, потврдувајќи дека изразувањето традиционални христијански верувања не е кривично дело. Ова ја покажува виталната улога на независните судови во почитувањето на фундаменталните права и заштитата на демократските вредности. Вистински толерантно европско општество е она каде што луѓето можат да имаат и изразуваат различни убедувања без страв од гонење, а воедно да веруваат дека владеењето на правото ќе ја заштити отворената дебата. Се надевам дека мојот случај ќе послужи како потсетник за тоа колку е важно да се остане буден во одбраната на слободата на изразување за сите.
Обвинителството тврди дека цитирањето на одредени библиски стихови во јавноста може да биде „навредливо“ и со тоа кривично дело. Каде, според вас, треба да се повлече границата помеѓу заштитата на малцинствата и правото на изразување на нечии длабоко вкоренети религиозни верувања?
Во едно демократско општество, слободата на вероисповед и слободата на изразување се прашања за кои не смее да се преговара. Овие слободи го вклучуваат правото јавно да се цитира и толкува Библијата, дури и кога тие пасуси ги оспоруваат културните трендови или изразуваат ставови што некои може да ги сметаат за непријатни или несоодветни. Она што е важно сега е да се препознае заканата што е пред нас и да продолжиме заедно да се залагаме за слободно изразување и слобода на вероисповед.
Дали верувате дека правните случаи како вашиот водат до „ефект на заплашување“ при што граѓаните и свештениците ќе се плашат да го искажат своето мислење за моралните и социјалните прашања?
Кога луѓето не го познаваат човекољубивиот и милостив Бог, она што останува е многу ограничена слика за христијанската вера. Мнозинството повеќе не ги прифаќа, па дури не ги ни разбира основните доктрини и верувања кои се од суштинско значење за христијанската вера. Загрижена сум дека во иднина христијаните ќе имаат повисок праг за презентирање учења засновани на Библијата. Самиот факт дека сè уште има тековно судење, дури и без пресуда, има ограничувачки ефект врз слободата на религијата. Обвинувањата, испрашувањата и судењата предизвикуваат страв кај јавноста од изразување на своите убедувања.
Нашата земја минува низ разни правни и социјални реформи на својот пат кон ЕУ. Која би била вашата порака до нашата јавност во врска со рамнотежата меѓу регулативите на ЕУ и националните/верските слободи?
Членството во ЕУ не бара напуштање на христијанското наследство. Во исто време, природно е граѓаните да бидат загрижени дека регулативите на ЕУ би можеле да влијаат врз локалните традиции, вредностите засновани на вера или воспоставените правни норми. Посакувам европските договори да ја заштитат слободата на религијата и да препознаат дека верата има важна улога во културите на многу земји-членки.
По многу години правни битки, што ве мотивира да продолжите со оваа борба и дали би промениле нешто во вашиот твит од 2019 година доколку можете да се вратите во времето?
Сè уште цврсто стојам зад тие изјави. Од самиот почеток, длабоко чувствував дека целиот процес е во Божји раце и дека има цел. Ја сметав оваа борба за мој повик.
Благословена сум од непоколебливата поддршка на моите најблиски. Мојот драг сопруг Нило е пастор и доктор по теологија, имаме пет деца со нивните семејства и 12 прекрасни внуци. Сите тие стоеја покрај мене, охрабрувајќи ме да останам силна и се молат за мене.
Слободата на вероисповест и слободата на говорот се неопходни за мисијата „да се прават ученици од сите народи“, како што нè советува Библијата. Божјата реч не е окована од никакви човечки пречки. Честопати прогонствата и ограничувањата можат да дадат необична шанса да се однесе Евангелието на места каде што инаку никогаш не би можело да се слушне. Без кривичните обвиненија, немаше да имам исклучителна можност да сведочам за Исус во полициската станица, судниците и преку преноси во живо и прес-конференции директно во финските домови. Не би променила ништо.
Фото: АФД Интернешнл и приватна архива




