– Македонија е меѓу првите земји кои го достигнаа прагот од 2 отсто од БДП за вложување во одбраната и дека тоа е можеби најважното прашање на министерските состаноци во НАТО, изјави вечерва министерот за одбрана Владо Мисајловски во гостување на Тема на денот на Сител телевизија.
Мисајловски нагласи дека Македонија дава историски придонес во безбедноста, што е признаено од НАТО, вклучувајќи ги и проектите на Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и други институции што работат на сајбер безбедност и дигитална трансформација.
– Ова е можеби најважното прашање на министерскиот состанок на сите министри за одбрана во НАТО, каде што секоја земја има потешкотија да стигне до 2 проценти. Шпанија е една од поголемите земји, навистина има потешкотии. Некои земји мораат да се откажат од многу работи во своите влади, каде што им се намалува рејтингот поради тие причини … Мораме да гледаме што се случува на глобалната слика, да гледаме дека секоја една земја сè повеќе и повеќе се наоружува и ние мораме постојано и арсеналот, и опремата, и муницијата, и нови, би рекол, оружја да купуваме следниот период, и тоа ќе го правиме, рече Мисајловски.
Регионот на Западен Балкан, вели, е традиционално подложен на бројни влијанија и хибридни влијанија, затоа, нагласи, на секој состанок во Брисел и Минхен ја отвора темата за безбедноста на регионот.
Според него, стратешките партнери и поголемите земји помалку гледаат на оваа точка и оцени дека мисијата во КФОР полека може да ослабне, но дека затоа земјите од регионот ја креваат важноста на оваа тема.
– Секогаш ја отворам темата за регионот Балкан, би рекол Западен Балкан, она што се случува со нашата мисија, поготово во КФОР, нашите припадници што се таму, колку е важно да продолжи таа мисија … Ние како институција, односно Министерството за одбрана и Армијата, можеби сме најдобар пример како имаме однос со сите соседи, зборувам во делот на она што е директно преговарано и разговарано, меѓусебно помагање, дали се работи за некоја непогода, дали се работи, еве, за трагедија, секогаш соседите ни помагаат, апсолутно и ние на нив, рече Мисајловски.
Говорејќи за европските интеграции, Мисајловски рече дека на последните форуми можеше да се слушне од канцеларот на Германија и од останатите европски лидери дека процесот на проширување премногу трае и дека некои земји треба час поскоро да влезат.
Мисајловски истакна дека една од главните теми во Европската унија е одбранбената политика, вклучително и идејата за заедничка армија и заедничка безбедносна политика.
– Ние, да сме внатре во Европската Унија, многу други мерки ќе можеме да ги користиме. Да се пофалиме и како држава, сме искористиле доста средства од Европскиот мировен фонд, односно директно од Европската унија, зборувам за над 50 милиони евра, што директно ќе влезат во нова опрема, многу различна опрема што ни помага во овој период, изјави Мисајловски.
Министерот нагласи дека на секој состанок го отвора прашањето за поврзување на интеграциите со заедничката безбедносна и одбранбена политика, бидејќи, според него, Македонија е усогласена со таа политика.
Мисајловски оцени дека Македонија има добра безбедносна состојба врз основа на дневните брифинзи од различни институции и сублиматот за борбената готовност.
– Од дневните брифинзи што ги добиваме од различни институции, но и сублиматот за нашата борбена готовност, врз основа на тие аргументи, јас можам во тој период, се разбира и сега, да кажам дека ние имаме добра безбедносна состојба во државата, рече министерот.
Предупреди дека треба да се внимава со некои прокси елементи и различни ќелии, додавајќи дека безбедносните служби одлично ја вршат својата работа. Говорејќи, пак, за влијанијата од Русија и Кина, Мисајловски рече дека има доста сајбер закани и хибридни закани, вклучително и неконвенционални закани со економска и политичка моќ.
Министерот цени дека ова прашање ќе биде едно од актуелните во наредните десетина години, вклучително заедно со вештачката интелигенција, посочувајќи дека Армијата е можеби најдобрата институција во државата во делот на сајбер безбедноста и хибридните напади.




