Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕБојан Стојаноски, во јавна изјава се осврна на законските измени предложени во јануари 2024 година, тврдејќи дека тие предвидувале суштинска промена на методологијата за пресметка на платите во јавниот сектор.

Според него, тогашната влада составена од СДС и ДУИ предложила минималната плата да не биде дел од формулата за пресметка на платите на административните службеници, иако тоа, како што наведе, било предвидено во колективниот договор потпишан со ССМ.

Стојаноски оцени дека ваквата промена би значела прекин на автоматското усогласување на другите плати со растот на минималната плата и слабеење на, како што рече, заштитниот механизам за работниците. Тој додаде дека синдикатите тогаш реагирале дека со предлог-законот се запознале преку веб-страницата на Собранието, без претходна јавна расправа и без дискусија во рамки на Економско-социјалниот совет.

Во изјавата се наведува дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со раководството на ССМ, поднеле повеќе од 40 амандмани, со кои, според Стојаноски, било спречено усвојувањето на решението што ќе ја исклучело минималната плата од пресметката. Еден од клучните амандмани, како што посочи, бил предлог на синдикатот минималната плата да остане основа за пресметка, со што би се задржал линеарниот раст на примањата.

Стојаноски истакна дека, според него, токму поради тоа денес платите во јавниот сектор растат со зголемувањето на минималната плата и оцени дека актуелната власт продолжува да го почитува истиот принцип.

Тој постави прашања зошто, како што рече, не се споменуваат настаните од 2024 година и улогата на тогашната опозиција во спречувањето на законските измени, додавајќи дека работниците заслужуваат „целосна вистина и предвидливост“.