По конститутивната седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, одржана на 2 февруари 2026 година, денеска се означува влегувањето во одлучувачката фаза на конкретна имплементација на Стратегијата за периодот 2025–2028 и Акцискиот план 2025–2026, информираат од кабинетот на вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.

Оттаму велат дека со Одлуката на Владата од 9 септември 2025 година и со именувањето на членовите на 28 октомври 2025 година, целосно е консолидирана институционалната структура за координација и мониторинг на оваа стратегија.

Сепак, како што истакнал заменик-претседателот на Владата за добро владеење, Арбен Фетаи, самата структура не создава резултати, резултатите се постигнуваат преку координирано дејствување, јасна институционална одговорност и конкретна отчетност.

-Националниот совет го утврдува политичкиот правец, додека Националната комисија има задача да обезбеди тој правец да се претвори во мерливи резултати во пракса. Првиот годишен извештај евидентира нормативен напредок, но тековната фаза бара зголемен оперативен ангажман, дисциплина во известувањето и итна реакција на системските пречки, се вели во соопштението.

Во овој контекст, Националната комисија ќе функционира како активен механизам за имплементација и мониторинг, со фокус на целосна имплементација на институционалните надлежности, идентификување и адресирање на реалните пречки во системот, известување со интегритет, транспарентност и без политички калкулации, како и итна интервенција во случај на доцнења или недостиг на капацитети.

За време на состанокот бил промовиран документот подготвен во соработка со United Nations Office on Drugs and Crime (UNODC), „Контролна листа за олеснување на враќањето на имот“, како практичен инструмент за стандардизација и зајакнување на процесите на поврат на средства. Овој документ претставува конкретен чекор кон зајакнување на техничките капацитети и усогласување со меѓународните стандарди.

-Повратот и конфискацијата на незаконски стекнатиот имот остануваат приоритет на судскиот систем, органите за спроведување на законот и финансиското разузнавање. Владата е решена криминалот да не остане економски исплатлив и процесите на пронаоѓање, идентификување, конфискација и управување со имотот да бидат ефективни и одржливи. Резултатите ќе се мерат не според бројот на состаноци, туку според конкретниот напредок на терен и зајакнувањето на меѓународниот кредибилитет на државата, се вели во денешното соопштение од Кабинетот на заменик-претседателот на Владата за добро владеење.

Воедно, се нагласува, дека ќе се бара целосна посветеност на овој процес, дисциплина во известувањето, транспарентност на податоците и јасна институционална одговорност од сите вклучени страни, бидејќи, како што посочуваат, одговорноста е колективна, а отчетноста е конкретна.

Фото: Кабинет на Заменик-претседателот на Владата за добро владеење