Директорот на Медиумската информативна агенција – МИА, Дарко Јаневски, во интервју за „Њузмакс Балканс“ зборува за состојбата со новинарството во државата, за иднината на агенциското новинарство во ерата на социјални мрежи и инфлуенсери, како и за улогата на МИА во актуелниот медиумски простор.

Јаневски истакнува дека МИА, и покрај сите проблеми што ги има, е и мора да биде стожер, медиумски стожер во оваа држава.

Спред него, МИА како агенција има и треба да има поголемо влијание од телевизиите. „Тоа не сите го сфаќаат, затоа што, знаете, вие како политичка фигура или каква било значајна личност во ова општество може да се појавите на интервју на ТВ во 19 часот, но ако МИА не го преземе тоа интервју – кој ве видел, кој не ве видел. МИА мора да го преземе тоа интервју, па да се дистрибуира кај другите. Таа ситуација ние мора да ја надградиме, ние внатре во Агенцијата, со помош на тој што е сопственик. Сопственик на Агенцијата е државата и тоа не е ништо невообичаено затоа што такви агенции има Хрватска – членка на ЕУ и НАТО, Словенија – членка на ЕУ и НАТО, АНСА – Италија, членка на ЕУ и НАТО, Бугарија итн., да не набројувам. Немаат некои други земји, па кога комуницираме со нив, малку тешко е да им објасниш што е тоа државна агенција. Веднаш некако те врзуваат, чекај ова е нешто како кинески систем. Нема врска тоа“, вели Јаневски.

Тој додава дека сите во оваа држава мора да сфатат дека МИА е стожерот и МИА е помоќна од која било телевизија или кој било друг медиум.

„А наша работа внатре е МИА да ја кренеме на повисоко ниво, тој столб како стожер да биде што повисок и да биде во функција на заштита на уставниот поредок на државата и на националните интереси на оваа држава, на овој народ и на овие граѓани. Тоа е клучна цел, која јас се надевам дека со колегите ќе успееме да ја оствариме“, нагласува директорот на МИА.

За состојбата со новинарството, вели дека „во Македонија новинарството е на толку низок стадиум што понизок и не може да биде“, притоа нарекувајќи го „измиено новинарство“. „Сето тоа беше сторено во изминатите седум години. Сè почна од 2016/2017 за потребите да се донесе тогашниот премиер, кој беше насилно инсталиран, а во функција на двата договора што потоа тој ги склучи. За да помине тоа што полесно, беше потребно новинарството во Македонија да се спушти на ниско ниво. Па јас го нарекувам ‘измиено новинарство’ и сега ние го имаме тој проблем“, вели Јаневски и додава дека сепак постои опција да бидеме сериозни, квалитетни, а во исто време да ги привлечеме младите. За да се случи тоа, тој смета дека треба да излеземе од овој стадиум во кој сега се наоѓа новинарството, а тоа е тој стадиум што го нарекува „измиено новинарство“ и да се работи малку повеќе на тоа.

Во однос на инфлуенсерите, кои бараат да не плаќаат даноци, и новите законски решенија со кои треба да бидат опфатени, Јаневски вели дека не треба да има никаков компромис, без разлика дали тоа им чини или не, притоа споредувајќи ја нивната заработка со платата на доктор онколог. „Не може лекар онколог, одиш кај него, не дај боже, од него ти зависи животот, а таа плата да биде нето седумдесет-осумдесет илјади денари, а овие да земаат којзнае колку пати повеќе и никому ништо. Не може тоа да биде така, на некојси т.н. инфлуенсер државата да му се мисли дали да му земе 0,5 отсто. Не 0,5 отсто, туку двапати, трипати, петпати повеќе треба. И тука треба да биде крај на приказната. Владата нема да изгуби рејтинг и не треба на тој начин да се размислува. Нема да изгуби рејтинг ако се земе од секаде од каде што треба, вклучувајќи ги и овие за кои зборувате“, вели Јаневски.

Во продолжение МИА го пренесува интервјуто во целост

Добар ден, почитувани гледачи! Јас сум Предраг Кукеч, а вие го следите најновото издание на ставот на регионот на „Њузмакс Балканс“ од студиото во Скопје. Каква е состојбата со новинарството во Македонија? Каква е иднината на агенциското новинарство во ерата на социјални мрежи и инфлуенсери? Денеска на овие теми разговараме со нашиот гостин, директорот на Македонската информативна агенција, господинот Дарко Јаневски. Добре дојдовте!

Добро Ве најдов и благодарам на поканата.

Господине Јаневски, за почеток, она што е актуелна тема, може слободно да кажеме деновиве, се новите законски решенија со кои инфлуенсерите треба да бидат опфатени во некои законски рамки. Како може, еве конкретно, инфлуенсерите, да не сносат никаква одговорност за разлика од нас новинарите, и Вие сте биле уредник во поголемиот дел од Вашата импресивна кариера, Вие да сносите одговорност за секоја точка и запирка, а тие да не сносат никаква одговорност? Покрај тоа, бараат и да не плаќаат даноци, а особено она што е карактеристично се последните податоци од АВМУ, кои велат дека младата популација од 16 до 24 години осумдесет отсто се информираат токму од инфлуенсерите, а не од традиционалните медиуми, не од порталите, не од државната агенција МИА.

Значи, ова има две димензии. Едната е даноците и, според мене, Управата за јавни приходи и воопшто ако тоа оди преку Министерството за финансии и Владата и така натаму, тој процент е мал и треба да се зголеми затоа што тие потоа ќе ви прават емисии или ќе пишуваат објави дека не чинело на клиника, дека не знам што… А ако нема пари, како? Од една страна, не сакаат да платат, а од друга, потоа ќе изигруваат ѕвезди – зошто ова не чинело, зошто била минималната плата толку колку што е, зошто не можело повеќе? Значи, тој процент што им се бара како данок е мал. Колку се бунтуваат, како се бунтуваат, тоа мене не ме интересира. Треба да се земе толку колку што оваа држава ќе процени дека треба…

Сепак, државата им бара 0,5 проценти и тоа тие не сакаат да го платат.

Тоа е катастрофа и нема што тука државата да се мисли, сега ние да се потресуваме дали некој таму се бунел… Има да се земе и да се даде таму каде што треба. Ако тој некој остварува приход, ако се зема од мене, ќе се земе и од него, ако треба и повеќе. Не во оваа држава, во сите држави во светот проблем се парите. Зошто Трамп ја води оваа војна со царините? Затоа што има долг од триесет и осум трилиони долари, а БДП му е триесет илјади милијарди долари. Тие осум илјади милијарди минус мора од некаде да ги најде и да го пополни минусот. Зошто ние да се задолжуваме во странство за да отплаќаме, не знам, стари долгови од претходната влада или долгови од едно или друго? Сумата може да се намали така што ќе се земе од секаде каде што треба, од нив и од сивата економија.

Тука не треба да има никаков компромис и нема што да се заморуваме во врска со тоа. Дали тие се бунеле и им чинело или не им чинело – не е битно. Нека не им чини, тоа не ме интересира. Не може лекар онколог, кога го прашувавме директорот на Онкологија колку е основната плата на еден онколог, одиш кај него, не дај боже, од него ти зависи животот, а таа плата да биде нето седумдесет-осумдесет илјади денари, а овие да земаат којзнае колку пати повеќе и никому ништо. Не може тоа да биде така, на некојси т.н. инфлуенсер, кој не знам, нема да шпекулирам со бројки колку земаат, државата да му се мисли дали да му земе 0,5 отсто. Не 0,5 отсто, туку двапати, трипати, петпати повеќе треба. И тука треба да биде крај на приказната. Владата нема да изгуби рејтинг и не треба на тој начин да се размислува. Нема да изгуби рејтинг ако се земе од секаде од каде што треба вклучувајќи ги и овие за кои зборувате, но и од намалување на сивата економија, која мислам имаше некакви податоци дека е четириесет проценти, што е стравотно многу за држава како Македонија и да се даде таму каде што треба. Вториот момент, тоа е нашиот проблем, меѓутоа проблем е и на државата, што младите, како рековте, во процент од осумдесет отсто се информираат од инфлуенсерите.

Тоа е затоа што во Македонија новинарството е на толку низок стадиум што понизок мислам дека не може ни да биде. Сето тоа беше сторено во изминатите седум години. Сè почна од 2016/2017 за потребите да се донесе тогашниот премиер, кој беше насилно инсталиран, а во функција на двата договора што потоа тој ги склучи. За да помине тоа што полесно, беше потребно новинарството во Македонија да се спушти на ниско ниво. Па јас го нарекувам „измиено новинарство“ и сега ние го имаме тој проблем. Ние на младите не им нудиме содржина што ќе ги привлече. Се разбира, да работиш како новинар, да работиш во сериозен медиум, тоа не значи дека треба да се спуштиш на ниво на кое се оние што прават некакви поткасти, не знам, емисии со вакви пејачки, со разноразни глупости, извинете на речник, иако има и сериозни меѓу нив. Тоа не значи дека ние треба да се спуштиме на тоа ниво. Меѓутоа, постои опција да бидеме сериозни, квалитетни, а во исто време да ги привлечеме младите. За да се случи тоа, треба да излеземе од овој стадиум во кој сега се наоѓа новинарството, а тоа е тој стадиум што го нареков „измиено новинарство“ и да се работи малку повеќе на тоа.

А каква е иднината на агенциското новинарство во ерата на социјални мрежи и инфлуенсери? Ова го прашувам од проста причина што, како што напоменав и претходно, Вие со години сте уредник. Ние како некоја генерација меѓу Вашата и новата генерација сме пораснале читајќи ги Вашите колумни во дневниот весник „Дневник“. Која е иднината? Дали Вие конкретно може да придонесете со Вашето искуство?

Агенциското новинарство има генерален проблем. Во Македонија, пак, тој е уште поизразен и мислам дека не сите го сфаќаат тој проблем. Јас во септември минатата година имав конференција, состанок со 12 директори на балкански агенции, вклучително и на италијанската АНСА. Добро, не беше директорот, беше нивен претставник. Не е ни битно. Беше и директорот на турската агенција „Анадолу“, која е мастодонт. Беше директорот на бугарската агенција БТА, со кого сме пријатели, Кирил Влчев, и така натаму, беше и директорот на грчката агенција, со кого развив, мислам, исто така пријателски односи и слично. Па, некои сфаќаат, а некои не, дека времето на класично агенциско новинарство, не поради социјалните медиуми, туку поради современата технологија, интернетот и така натаму, полека изминува.

Тоа значи дека ова не е 1960 година кога имате два канала на телевизија, немате компјутер, немате мобилен телефон со интернет и така натаму. Имате фиксен телефон, ама тој е врзан со соседот, па кога тој зборува, вие не можете. Ова е современо време и секој, сеедно дали е тој припадник на младата популација кшто ја спомнавте или некој на моја возраст, може да го отвори телефонот и да ја добие во истиот момент информацијата од кој било дел на светот, независно од она што го пласира некоја агенција.

Не зборувам сега конкретно за МИА. Класичен пример е да кажеме, за да ја доловам состојбата, кога на 1 февруари вечерта, некаде околу 20 часот, министерот Тошковски сумира резултати од „Безбеден град“ за тој ден. Во 20 часот човекот си има своја екипа, си снимаат видео, му извадија десет реда за тоа колку прекршоци има и тоа си го објавија на веб-страницата на МВР. Се губи улогата на агенцијата. Затоа реков, ова не е 1960 година кога ги немате сите информации, кога ги немате сите овие екипи и можности и зависите од она што „Танјуг“ ќе ви прати. Знаете, кога на лента ви доаѓа веста, па имате човек во деск, иако тој израз сè уште се употребува кај нас, не знам зошто, тоа не постои веќе, кој ги прима информациите и го вади ливчето и го разнесува до внатрешна редакција, до надворешна… Тоа време и таа улога на агенциите помина. Не зборувам сега за агенциј како „Анадолу“, која има стотина дописници. Или, на пример, кинеската агенција, која има дописник во секоја држава членка на Обединетите нации, сто и осумдесет дописници. Тоа е нешто сосема друго. Ние тоа не можеме да го постигнеме ниту, пак, ни е потребно. Меѓутоа, покрај класичното пренесување вести, кое треба да го врши Агенцијата, мора да се нуди нова содржина, да се нуди квалитетна содржина.

Во каква насока се движи дигиталната трансформација на Македонската информативна агенција? Нови платформи, мултимедијални содржини, што е тоа што можете да го направите, покрај тоа што мора да го забележиме она што за вас е карактеристично, а тоа е дека секогаш објавувате точни и проверени информации за разлика од другите, каде што може да поминат и половични информации.

Тука нам ни се јавува проблем. Се разбира, правиме грешки и ние, но тие се минимални. Меѓутоа, тука се јавува проблем. Ако сте агенција, треба да бидете брзи. Значи, не можете да чекате премногу затоа што некој портал ќе ја објави информацијата. Меѓутоа, за да ја проверите, ви треба време.

Потребно ви е време.

Тука се јавува еден проблем што ќе мора да се реши. И јас знам како, меѓутоа за тоа се потребни финансиски средства. Рековте во ера на оваа технологија, како се снаоѓаме? Каква и да има технологија во овој момент, сепак, на крајот, сè зависи од човечкиот фактор.

Ние мора да излеземе од состојбата на „измиено новинарство“ и да одиме кон квалитет и кон нови содржини. Нова содржина, која ќе го привлече и тој од 18 години, друга содржина, што ќе го привлече и тој од 65 и некоја госпоѓа на 35 години, не знам кои содржини ја интересираат таквата личност, меѓутоа тоа ќе се најде и мора да го пласирате.

Класичен пример што го наведувам е тоа што, еве, независно од тоа кого Владата ќе го избере, односно ќе предложи до Собранието за јавен обвинител, е онаа ситуација кога експретседателот на Кривичниот суд беше одбиен. И тоа настрана, нивна работа, во ред. Меѓутоа, еве едно прашање: Кој врши надзор во оваа држава над работата на Советот на јавните обвинители? Никој, никој не врши. А каде е анализата на новинарите? Тоа е тоа што треба новинарите да го сработат и можат, не е никаков проблем, но никој не е заинтересиран и оваа фаза од изминати седум години нè доведе до ситуација никој да не размислува на тој начин.

Значи, што ако тој орган донесе незаконско решение? Ќе одите на Управен суд? Тоа ќе трае пет години. Во меѓувреме, завршила постапката. Што сме добиле? Значи, еве ви еден пропуст. Немаме никаква анализа за тоа, а зборуваме за инфлуенсери, кои, не знам, ќе имаат сто илјади, двесте илјади прегледи со некоја пејачка од Србија или од каде и да било. Не, ова е тоа што треба за сериозна публика.

Вториот проблем, кој верувам дека го интересира и тој од 20 години и тој од 70 години. Во светот генерален проблем, зборувам за здравјето, има со кардиоваскуларните болести – смртност број 1. На второ место се малигните болести.

Има плејада научници што се занимаваат со тоа. Има еден господин од Лос Анџелес, кој патем го поседува „Лос Анџелес тајмс“ (Los Angeles Times). Човекот се збогатил со изумување и продaжба на лекови за лекување канцер. Заработил 10 милијарди долари за по 30 години, да сфати и да каже – чекај, ние грешиме. Ова не функционира вака. И го наоѓа решението. Го има лекот. Вели ова е решението. За секој канцер. За секого. Кој во Македонија, кој во Европа се заинтересира за тој проблем? Во Америка, исто така. Овие мејнстрим-медиуми тука и таму нешто ќе го потпрашаат. Настапува кај Такер Карслон, кај Меган Кели, кај оние што имаат поткасти и кои се влијателни. Но, и таму мејнстрим-медиумите не ги интересира овој проблем, а кочницата е нивната агенција за лекови. Зошто ние од Македонија да не се заинтересираме за тој проблем? Јас се обидувам да го наметнам. До човекот не може да стигнеш. Нема шанси. Никој не се ни обидел. Ние барем се обидовме. Еве еден пример како ние не размислуваме за тоа што ѝ треба на оваа популација. Ние, на пример, сме единствени што имавме интервју со Сергеј Бољевиќ, српски научник кој работи во Институтот „Гамалеја“ на мНРА-вакцината (за лекување рак). Имавме интервју и со онкологот од Крагуевац, кој ја испрати првата жена од Србија со меланом на која ќе се примени оваа вакцина. Знаете, сам не можете многу да сторите. Јас не зборувам за тоа колку ние сега сме направиле или не сме направиле. Зборувам за таа, за оваа атмосфера во новинарството во Македонија, која треба да се наметне, а сега не постои. Ние сме сведени на тоа дека сме политички поделени. Поддржуваш една или друга опција и што ќе ти пласираат или како што беше во времето на шарената револуција, што ќе ти дадат од надвор за да одработиш политички за да се постигне таа цел што тие ја замислиле и тоа е тоа.

Еве сега слушам некој од октомври ќе почнел, ќе добиел пари од странство за да се активира, да вади афери за Владата. Ќе го именуваат тоа како истражувачко новинарство, а тоа нема врска со истражувачко новинарство. Туку доаѓаат, му сервираат, ти објави го, за тоа си платен толку и толку. Тоа ние мора да го напуштиме. Македонија е од Табановце до Богородица – 160 километри. Зошто да не се отвориме кон целиот свет? Јас, на времето, се сеќавам, во „Дневник“, кога бев главен уредник, имав наложено да се прати до сите можни европски релевантни економисти барање за интервју во кое ќе ја проценат тогашната економска ситуација во Европа. Не се сеќавам колкумина ни одговорија. Вие ќе пратите покани до 10 експерти, ќе ви одговори само еден. Го добивме Варуфакис пред да влезе во владата на Ципрас. Зошто тоа не може да го прави, на пример, не само МИА, која било агенција, кој било медиум? Тоа мора да го правите и да одите чекор напред. До создадете медиум со тежина за кого ќе се „залепат“ и младите, а ќе ги оттргнеме од оние што им вршат влијание и кои го спуштаат нивото и на нивниот начин на размислување. Тие го креираат начинот на размислување на вашето, на моето дете, што е недозволиво, што е срамно. Оваа држава мора да поработи на тоа. Но, во крајна линија, сè се сведува на нас како новинари. Сега тука се јавуваат други проблеми, како платите итн. На прсти можете да ги изброите во Македонија тие луѓе што живеат солидно од новинарството, што е посебен проблем. Не можете да натерате некого, жаргонски велам, да загризе, а потоа да се врати дома и да седи мизерен.

Господине Јаневски, како ја оценувате улогата на МИА во актуелниот медиумски простор, особено во време на засилени дезинформации и политичка поларизација затоа што, генерално, дел од медиумите, тоа можеме да го забележиме, кога вие ќе објавите некоја вест, таа се презема, Copy and paste новинарство, кое доста функционира кај нас, и се зема истата вест. Одредени новинари ќе отидат на настан, нема потреба од прилог, веста ќе се појави на МИА, ќе го исчитаме тоа и ќе завршиме работа.

Како ќе напредува државата, и тоа ќе се менува затоа што кога јас би бил уредник на медиум што има финансиска заднина, и тоа го правев во „Дневник“, претходно во „Нова Македонија“ итн., ќе сакам да имам мој новинар, мој соработник, кој ќе биде на самото место на секој настан, а не да чекам од МИА. И тоа е една опасност за МИА, која мора да ја сфатиме ние што сме во Агенцијата и да ја превенираме. Во овој момент Вие сте во право затоа што, сепак, полесно е ако го платиш малку новинарот, остави го во редакција нека седи, а претплати се на МИА зашто е поевтино отколку да вработиш неколку новинари за сите настани денеска. Во ред, и тој новинар, тие новинари, ќе чекаат од нас. Тоа е една работа. Втората работа е што МИА, и покрај сите проблеми што ги има, е и мора да биде стожер, медиумски стожер во оваа држава.

Затоа што, според моето сфаќање, МИА како агенција има и треба да има поголемо влијание од телевизиите. Тоа не сите го сфаќаат, затоа што, знаете, вие како политичка фигура или каква било значајна личност во ова општество, може да се појавите на интервју на ТВ во 19 часот, но ако МИА не го преземе тоа интервју – кој ве видел, кој не ве видел. МИА мора да го преземе тоа интервју, па да се дистрибуира кај другите. Таа ситуација ние мора да ја надградиме, ние внатре во Агенцијата со помош на тој што е сопственик. Сопственик на Агенцијата е државата и тоа не е ништо невообичаено затоа што такви агенции има Хрватска – членка на ЕУ и НАТО, Словенија – членка на ЕУ и НАТО, АНСА – Италија, членка на ЕУ и НАТО, Бугарија итн. да не набројувам. Немаат некои други земји, па кога комуницираме со нив, малку тешко е да им објасниш што е тоа државна агенција. Веднаш некако те врзуваат, чекај ова е нешто како кинески систем. Нема врска тоа. Но, сите во оваа држава мора да сфатат дека МИА е стожерот и МИА е помоќна од која било телевизија или кој било друг медиум.

А наша работа внатре е МИА да ја кренеме на повисоко ниво, тој столб како стожер да биде што повисок и да биде во функција на заштита на уставниот поредок на државата и на националните интереси на оваа држава, на овој народ и на овие граѓани. Тоа е клучна цел, која јас се надевам дека со колегите ќе успееме да ја оствариме. паг/

Фото: Скриншот