Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) денеска на платформата Икс објави порака во која ги советува Иранците како безбедно да ја контактираат.

-ЦИА сака да ве слушне и сака да ви помогне. Во продолжение е упатство за тоа како да остварите безбеден виртуелен повик со нас. Пред да не контактирате, ве молиме преземете ги следните мерки на претпазливост – се наведува во објавата на ЦИА на Икс.

Во упатството на ЦИА има осум точки за контакт, меѓу кои да се користи нов телефон за еднократна употреба, да се користат интернет пребарувачите „Гугл хром“ „Сафари“ или „Фајерфокс“ во режим на инкогнито, а потоа да се избрише историјата на пребарување.

ЦИА препорачува за контакт да се користи пребарувачот „Тор“, или некоја друга услуга за да го заобиколат филтрирањето на интернет сообраќајот, бидејќи безбедносните или разузнавачките служби можат да ги следат веб-страниците, а ЦИА овозможува енкрипција и пробивање на филтрите за контакт преку споменатите услуги.

Во упатството се наведува и Иранците, кои ќе одлучат да ја контактираат ЦИА да го наведат својот регион и град на живеење, име и презиме, занимање и работна позиција, ниво на пристап до информации или вештини што ги поседуваат, како и контакт информации што можат да се користат за безбедна комуникација. (МИА)