Пакистанските и авганистанските војници денеска повторно се судрија на границата. Исламабад и Кабул меѓусебно се обвинуваат за кршење на примирјето, постигнато по смртоносните погранични судири во октомври минатата година.
Според претставникот на пакистанските власти Мошараф Заиди, авганистанските војници почнале „непровоцирано гранатирање“ во областите Торкам и Тирах и дека „пакистанските безбедносни сили одговориле веднаш и ефикасно, замолчувајќи ја агресијата на талибанците“.
Тој додаде дека понатамошните провокации ќе бидат одговорени со „итен и строг одговор“.
Според авганистанските официјални лица, пакистанските сили отвориле оган, а авганистански војници возвратиле. Претставникот на авганистанската покраина Нангархар, Забихула Нурани изјави дека во престрелката нема жртви.
Пакистанските сили пред два дена нападнаа камповите на пакистанските талибанци во источниот дел на Авганистан, при што загинаа 70 борци на „Тахрик е талибан Пакистан“, огранок на Исламска држава. (МИА)




