Началникот на Генералштабот на ИДФ, генерал-потполковник Ејал Замир, во видео изјава рече дека Израел е пред „значајна, судбоносна и невидена кампања за уништување на капацитетите на иранскиот терористички режим“.

– ИДФ, заедно со војската на Соединетите Држави, почна со напади врз стратешки цели во Иран. Подготвени сме со висока оперативна подготвеност, и во одбрана и во напад. Пред нас е значајна, судбоносна и невидена кампања за уништување на капацитетите на иранскиот терористички режим, капацитети кои претставуваат постојана егзистенцијална закана за безбедноста на државата Израел, изјави Замир.

Тој додаде дека операцијата „ќе го осигури нашето постоење и нашата иднина овде“.

Замир рече дека за време на 12-дневната војна против Иран во јуни 2025 година, војската „го уназади и го потисна нуклеарниот проект, го погоди арсеналот на балистички ракети и го поткопа планот осмислен и предводен од иранскиот режим со неговите регионални партнери за уништување на државата Израел“.

Тој истакна дека јунската операција „докажа дека овој режим е ранлив“.

– Ја нарушивме неговата внатрешна стабилност и, за прв пат, создадовме историска соработка заедно со американската војска во операцијата „Полноќен чекан“ (Midnight Hammer), во која американските авиони им зададоа смртоносен удар на иранските нуклеарни постројки, рече тој.

– Оттогаш ги следиме случувањата во Иран. И покрај тешкиот удар што го претрпе, радикалниот ирански терористички режим не се откажа од својата визија и своите злонамерни намери да го унапреди планот за уништување на Израел, вклучително и продолжување со унапредување на нуклеарниот проект, обновување и зголемување на темпото на производство на балистички ракети и дестабилизација на регионот преку вооружување и финансирање на терористи – изјави Замир.

Тој информира дека во последните месеци, во координација со неговите американски колеги, претседателот на Здружениот штаб и командантот на CENTCOM, водел „заеднички и темелен борбен план“.

– Ова е блиска и невидена соработка меѓу ИДФ и американската војска. ИДФ е компетентна и подготвена за низа сценарија. Во овој момент, пилотите на израелските воздухопловни сили напаѓаат стотици цели низ Иран, со голем ризик и во координација со американските напади – рече тој.

Замир изјави дека системите за воздушна одбрана и израелската морнарица се „распоредени за одбрана на небото и бреговите на земјата од ракетни напади и воздушни и поморски закани“, а копнените трупи „се распоредуваат по должината на границите за да го спречат и одбијат секој обид за инфилтрација на територијата на државата Израел“.

-Како што сите знаеме, не постои херметичка одбрана. Не смееме да ја потцениме способноста на непријателот да ни наштети. Во наредниот период ќе се соочиме со тешки искушенија. Ги надминуваме нашите непријатели во нашата храброст, во одлучноста на нашите трупи и во праведноста на нашиот пат. Нашата издржливост е нашата сила. Нашите непријатели постојано учат дека издржливоста на израелскиот домашен фронт не може да биде поразена, продолжи тој.

Замир ги повика израелските цивили да се придржуваат до упатствата на Командата на домашниот фронт. „Придржувањето до овие инструкции спасува животи“, вели тој.

-Во овој момент сме фокусирани единствено на победата. При стапувањето на мојата функција, реков дека пред нашите очи во секое време стојат победата и поразот на непријателот. Секој непријател кој ја загрозува безбедноста на Израел ќе плати висока цена. Верувајте во нас и потпрете се на моќта на ИДФ да дејствува силно и без компромиси на сите фронтови, додаде Замир. (МИА)