Елви СИДЕРИ, писател и повеќејазичен книжевен преведувач од Тирана
Ако ги погледнеме историските анали, античките Илири и Македонци, особено преку Епирците, во повеќето случаи биле на иста страна во битките и развојот на нивните цивилизации, блиску до хеленскиот и римскиот свет. Во суштина, тие ги зачувувале своите оригинални карактеристики и обичаи, навистина сложени, но сепак сосема различни од нивните моќни соседи кои доминирале во целиот медитерански басен.
Со текот на времето, Илирите, Епирците (културно најблиските до хеленизмот на антиката, и покрај тоа што не биле етнички хеленски) и Македонците, кои владееле со античка Грција и ја воделе културно, под симболот на непоколебливото Сонце, до подножјето на Хиндукуш. Благодарение на универзалната империја на Александар Велики Македонски (и неговиот татко, Филип II, оженет со епирската принцеза, Олимпија), ќе станат уште поиспреплетени едни со други, со што ќе стигнат до средниот век и нашето современо време.
Топонимијата со словенска етимологија во регионите на денешна Албанија, како што може да се докаже на разни начини, сведочи не само за коегзистенција, туку, пред сè, за (скоро) вистинска и неоспорна симбиоза помеѓу Арбанасите и денешните Албанци, со Македонците низ вековите.
Оваа изјава, воедно и со непоколеблива поткрепа на опипливи факти, е овозможена со објаснувањето на огромното мнозинство словенски топоними кај Тоските во јужните предели на Албанија. Но нив ги среќаваме и во североисточниот дел од земјата, топоними кои несомнено се поврзани со денешниот македонски јазик, а не со српскиот. Неколку траги во топонимијата можат да се најдат само во регионите на северните Алпи или на крајниот север („Језерце“, „Велипоје“ од Велико Поље, Големо Поле).
Оваа појава е валидна и во времето на проширувањето на Империјата на српскиот цар Душан, низ целата арбанашка земја во средниот век, како и другите претходни српски владеења, кои неколку пати ги вклучувале Скадар и други арбанашки градови во нивните владеења.
Топоними како „Берат“ од „Белиград“ или „Бел град“, „Чороводе“ од „Черна Вода“, „Црна вода“, „Поградец“ од „Подградец“ или „Под замокот“, „Корча“ од „Горица“ или „Висина“. Исто така има стотици имиња на села, полиња, ридови и други топоними, како што се Црковина, „место на цркви“, Новоселе (Ново село), Межгоран (Меѓу височините), Пештан, Извор (Извор), Борове (борова шума), Бержита (од големото словенско племе Берзити) или Драгоби (уште едно големо словенско племе Драговити), како и Звезда („Ѕвезда“), Божиград („Град Божји“), Градиште („Замок“) и мноштво други топоними пренесени низ толку многу векови, се жив доказ за оваа коегзистенција.
Наследство кое дополнително се потврдува со присуството на следбениците на Свети Кирил и Свети Методиј во средновековните региони на Албанија, предводени од Свети Климент Охридски (творецот на кирилицата која сè уште е широко користена денес од словенските народи, од Македонија до Русија, вклучувајќи ги Бугарија, Србија, Украина, Белорусија и некои туркменски земји од Централна Азија, Казахстан, Киргизстан, завршувајќи во Монголија). Од сигурни историски извори е познато дека Свети Климент Охридски поминал значаен дел од своето просветлено време и дела во Берат (во широкиот триаголот меѓу Берат, Охрид и Девол). Истото се однесува и на неговите двајца блиски соработници, светите Ангелариј и Горазд, чии мошти се наоѓаат во Берат до ден-денес, додека светиот крал Свети Јован Владимир, сопруг на ќерката на цар Самуил (Косара), ги е погребан во манастирот изграден за него од средновековното арбанашко кнежевско семејство Топиај во селото Шијон, во близина на Елбасан.
Македонскиот јазик со векови се зборува на прекрасните брегови на Преспа, во близина на Корча, епицентарот на албанската култура, или Малиот албански Париз (во Врник, а порано во Бобоштицa и Дреновo), во планините на Гора во Шиштавец и во Голо Брдo. Тоа е планинско подрачје кое, и покрај преводот „Гол Рид“, воопшто не е такво, ниту во духот на своите вредни и добродушни жители, ниту во својата бујна природа како никаде на друго место.
Албанската и македонската култура, особено литературата, ретко кога биле украсени како со творештвото на Стерјо Спасе, Миѓен, Лазар Силјани од Горна Река и многу други примери за симбиоза меѓу нашите два народа.
Слично на тоа, сеќавањето на Восјава Кастриоти, сопругата на Ѓон Кастриоти, благородничката од Полог и бескомпромисната борба на средновековните Македонци, од Светиград до Охрид, во страната и заедно со Ѓерѓ Кастриоти, Скендербег, против Османлиите, претставува неизбришлив пример во заедничкото наследство на овие два народа, вечни соседи и неразделни пријатели, и покрај споровите што се појавиле некогаш или евентуалните плитки недоразбирања.
Албанците и Македонците имаат две прекрасни езера што братски ги делат (Охрид и Преспа). Тука се и планините на Голо Брдо, но и волшебните средновековни православни цркви. Заедничка сегашност и иднина може да биде навистина повеќе од одлична за двата народа, доколку обичните наши добри луѓе ќе знаат и ќе сакаат да се оддалечат од тесноградоста на секојдневните зли политики.
Преземено од Илинден – весник на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана




