Повеќе од 30 часа горела главната пералница на американскиот носач на авиони „Џералд Р. Форд“, пренесува весникот „Њујорк тајмс“ изјави на морнари од екипажот и официјални претставници на американската власт.
Според весникот, повеќе од 600 члена на екипажот останале без кревети во спалните одаи на бродот, двајца морнари биле хоспитализирани поради полесни повреди, а десетици имале проблеми поради вдишување чад.
Официјалните информации говорат дека пожарот избувнал во вентилациски отвор во пералницата и бргу се проширил, но не ја оштетил погонската единица на бродот. Морнарите успеале да го локализираат и изгаснат пожарот.
Бродот со екипаж составен од 4.500 морнари и пилоти на авиони ловци во моментот е на десеттата оперативна мисија, најдолга од Виетнамската војна. „Џералд Р. Форд“ учествува во операции на Блискиот Исток, вклучувајќи американско-израелски воени активности против Иран, по претходниот ангажман на Карибите.
Носачот сѐ уште е целосно оперативен, но проблемите со одржувањето, вклучително и дефекти на 650 тоалети и одложени периодични ремонтни работи, укажуваат на преотовареност на пловилото.
Плановите на Пентагон се носачот на авиони „Џералд Р. Форд“ да го замени „Џорџ Х.В. Буш“ на Блискиот Исток, но експерти и припадници на морнарицата предупредуваат дека долготрајните активни ангажмани претставуваат сериозно оптоварување за екипажот и пловилото. аб/
фото: архива




