Тешки навреди со најпримитивни изразаи за македонската претседателка Гордана Силјановска упати Спас Ташев од Институтот за истражување на популацијата и човештвото при Бугарската академија на науките (БАН) во неговиот последен напад врз Македонија.

Како што пренесе Експрес, користејќи недолични изрази од типот „бугаромразачка“, „баба Горда/на“ и „комунистичка пачавра“ , Ташев се осврнува на годишнината од депортацијата на македонските Евреи во логорите на смртта, во која зборува за спасување на Евреите од Бугарија, а за елиминацијата на тие од Македонија ги обвинува Германците.

-Последиците од оваа крајно глупава и антидржавна политика не чекаат долго. Најнов пример е однесувањето на бугаромразачката Гордана Силјановска-Давкова, претседателка на С. Македонија. Кога некои од нашите некомпетентни политичари ја клеветеа Бугарија по прашањето за судбината на Евреите во годините на Втората светска војна и предизвикуваа киселини од негативниот впечаток, баба Горда/на рече: „Бугарија треба да се извини за депортацијата на македонските Евреи во концентрациониот логор Треблинка“. Скопските медиуми објавија дека ова го „побарала претседателката Гордана Силјановска-Давкова од Полска“. Сега сфаќате дека по вакви „барања“, синхронизирани со нашите внатрешни предавници, никој нема да ни даде признание за спасувањето на бугарските Евреи, пишува Ташев.

Бугарскиот „експерт“ од БАН што направи кариера на антимакедонска основа во 20 точки се обидува да ја велича бугарската улога, (ин)директно осврнувајќи се на Македонија во неколку точки.

Оправдувајќи ја Бугарија што „навистина таа самата го усвои антиеврејскиот Закон за заштита на нацијата, но мотивот на царот Борис беше ‘подобро е ние да го изработиме отколку Германците да ни го наметнат’. Овие дејствија немаат алтернатива“ вели Ташев.

Ташев по 20 точки уште еднаш ѝ се нафрли на Силјановска:

– Ете овие факти не ги кажуваат комунистички пачаври како Силјановска-Давкова, кои во своето бугаромразие се склони да ја ослободат Германија од вина, само за да ја обвинат Бугарија, која ја мразат! Прашањето е колку долго ќе дозволуваме ова да се случува! Време е Бугарија да се разбуди и да почне да работи во свој интерес, пишува тој.

На крајот Ташев се заблагодарува на бугарскиот весник Туд за печатењето на текстот кој изобилува со навреди и нперијателство кон Македонија и македонската претседателка.