Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска изјави дека „американско-израелската агресија треба веднаш да биде прекината“ за да се стави крај на војната и да се спречи нејзина ескалација во поширок конфликт, пренесуваат светските агенции, повикувајќи се на изјава во канцеларијата на Иранската амбасада во Индија.
Пезешкијан претходно денеска телефонски разговараше со индискиот премиер Нарендра Моди.
Претседателот на Исламската Република му кажа на Моди дека неговата земја мора да добие гаранции дека нема да има повторување на таква агресија во иднина.
Тој, исто така, ја повика организацијата БРИКС да преземе независна улога во прекинувањето на агресијата против Иран.
Иранскиот претседател предложи создавање регионална безбедносна рамка во која ќе бидат вклучени земјите од Западна Азија за да се обезбеди мир без странско мешање, се вели во соопштението на амбасадата.
Во меѓувреме, во објава на Икс, Моди наведе дека за време на разговорот со Пезешкијан ги осудил нападите врз критичната инфраструктура на Блискиот Исток. Индискиот премиер додаде дека ја повторил важноста на заштитата на слободата на пловидбата и посочил дека треба да се гарантира дека морските маршрути се слободни и безбедни. (МИА)




