Партијата на пензионери, ја поздравува и поддржува одлуката на Владата за поевтинување на 300 лекови кои се достапни на нашите граѓани од 1 мај.

Истовремено напоменуваме дека Партијата на пензионери во повеќе наврати во изминатите години, преку својот претставник во Собранието, пратеникот, Илија Николовски, кој е претседател на партијата на пензионери, бараше но и нудеше конкретни решенија за овој проблем и предизвик, со кој се соочуваат огромен број на пациенти од кој повеќето се пензионери, се вели во соопштението од партијата, што МИА го пренесува интегрално.

Бараме Министерство за здравство, во потполност да го спроведе годишното усогласување на максималните цени за 2026 година, и на листата да се најдат многу повеќе лекови со намалени цени со што би се приближиле на рамниште од земјите од регионот, за да не бидеме и понатака земја со највисоки цени на медикаментите.

Исто така, ја охрабруваме и поддржуваме Владата за благовремено и сеопфатно носење на сите соодветни мерки и активности, а со цел за подобро справување со моменталната светска, но воедно и домашна, криза со сите видови на енергенси во земјата.

Бараме да не се дозволат злоупотреби од било каков вид и обем, кои вештачки би се пренеле во сите сфери на економијата и со самото тоа на секојдневниот, и онака оптоварен, живот на сите граѓани на земјата.

Потикнуваме директна, отворена, добронамерна и реална комуникација помеѓу сите политички фактори и актери на општествената сцена во Македонија а со цел за полесно поминување на уште едно светско премрежје.

Тешките времиња треба да го дадат најдоброто на една нација и земја, без обѕир на политичкиот дискурс на партиите и поединците.

Партијата на пензионери стои на располагање со целиот свој капацитет на експертиза и знање за допринос во интерес на сите граѓани.

Чесно, Сплотено, Одлучно !!!

Партија на пензионери